Дополнителни девет милиони дози за Европа
Британско-шведската компанија „Астра/Зенека“ попушти пред притисокот на Европската комисија во Брисел и соопшти дека во првиот квартал, до крајот на март, ќе испорача девет милиони дози вакцини против коронавирусот повеќе за ЕУ/Европа.
На тој начин, компанијата сега би требало да испорача 40 милиони дози.
Но, и со ова зголемување, „Астра/Зенека“ ќе исполни само половина од договореното количество во првите три месеци од оваа година.
А, токму тоа и големото задоцнување во испораките беше причина за остриот судир на Брисел со раководството на компанијата, а преку неа и со официјален Лондон.
Заостанување на ЕУ
Според соопштението од Брисел, британската компанија ветила и дека ќе почне со испораките за Европа една недела порано од претходно планираното, затоа што била обновена работата на фабриката, за која се тврдеше дека го предизвикала проблемот во дистрибуцијата на вакцините.
Како сега стојат работите, ЕУ/Европа далеку заостанува зад Британија во приемот на вакцините и во процесот на вакцинирање на населението.
Тоа предизвика и европско – британска расправија, прва после целосното излегување на Британците од ЕУ, но и незадоволство кај земјите членки на Унијата од „егозимот и ароганцијата“ на Лондон, откако некои про-брегзит медиуми го користеа спорот со „Астра/Зенека“ за обнова на антиевропската кампања.
Криза околу Северна Ирска
Кризата меѓу Лондон и Брисел се продлабочи кога Европската комисија се определи да ја исклучи Северна Ирска од забраната за извоз, предизвикувајќи гнев кај британската влада и загриженост во Даблин, за иднината на пост Брегзит односите на ирскиот остров.
Велат дека интервенирал и Мишел Барније, главниот европски преговарач за Брегзит, кој сега е советник на претседателот на Европската комисија, Урсула фон дер Лајан, за тоа да “се смират тензиите“ и решение со фармацевтската компанија да се бара низ продолжување на разговорите со нејзиното раководство.
Фон дер Лајен, во меѓувреме, има одржано видео конференции со седум производители, но засега нема детали околу тоа дали уште некој ќе се вклучи во снабдувањето на ЕУ со новата вакцина.
До сега, Европската комисија за лекови има дадено дозволи за вакцините на „Фајзер-Бионтек“, на „Модерна“ и од петокот на „Астра/Зенека“.
Тоа предизвика незадоволство кај некои европски медиуми кои сметаа дека би требало британската компанија да се „казни“ за својата неодговорност и неделовност кон Унијата.
Шест пати повеќе од Германија!
Според медиумите, ако е точно дека во неделата Британија има добиено и употребено дури 600 илјади дози вакцини, тогаш се доаѓа до поразувачката споредба дека тоа е ШЕСТ ПАТИ повеќе од Германија!
Од почетокот на вакцинирањето, Германија има вакцинирано малку над 2 отсто од населението, додека Британија дури 13,2 отсто.
Така или не, владата на Борис Џонсон воопшто не дава никакви податоци за ефикасноста од силната кампања, помогната и со силна медиумска кампања, за масовно вакцинирање, освен што (популистички) им се ветува на Британците „ослободено и безбедно лето“.
Во исто време, додека трае вакцинирањето, во Британија и натаму се регистрира висок степен на новозаразени. Низа земји, вклучувајќи ги и САД, ја затворија границата за влез на британски патници, а оваа земја има највисока смртност во Европа, со повеќе од 100 илјади починати.
(Д.Л.)