Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Грција: нови правила за летување

andrianocz/BigStock.com

Грција: нови правила за летување

Потврдата за примена вакцина против коронавирусот, многу е веројатно дека ќе биде најважното што треба да се поседува, за влез и за одмор и летување во Грција, во годинешнава туристичка сезона.

Грчкиот министер за туризам, Харис Теохарис изјави дека патниците и туристите кои имаат примено вакцина, при влегувањето во Грција не ќе мора да одат во карантин, ниту да се тестираат.

Наместо тоа, потврдата за вакцинација – во дигитален облик – ќе треба да ја покажуваат на надлежни грчки служби, доколку им биде побарана.

Теохарис, притоа, рекол дека поголемиот број од европските земји (во ЕУ) ќе го применуваат истиот овој модел, па според тврдењето на официјална Атина, Европејците веќе разговараат за меѓусебното признавање на потврдите за вакцинација што би се однесувала на земјата од каде туристот – патникот тргнал и земјата каде планира да пристигне и да престојува.

Вакцинирање за влез во земјата

Се навестува дека во тој случај, грчките надлежни служби ќе издаваат потврди, во дигитален облик, на секој вакциниран патник, за да ја има ако некаде му биде побарана. Во ЕУ, пак, се расправа за тоа како сертификатот за примена вакцина ќе се споделува меѓу државите.

Прашањето за кое (засега) изгледа нема одговор е што ќе биде со оние кои не се вакцинирани, а кои како стојат работите, ова лето ќе бидат многу побројни.

За министерот Теохарис тоа ќе зависи од текот на процесот на вакцинирањето на населението, во секоја земја посебно, но и од состојбата – општа и во секоја држава – со пандемијата.

Овој министер, сепак, верува дека оваа туристичка сезона ќе биде успешна и дека ќе ја покрене оваа економска гранка, уверувајќи дека на граничните премини работите ќе се одвиваат брзо и безбедно – со спроведување на антигенски тестови, за кои рекол дека траат брзо и дека се евтини (30 евра).

Секако сето тоа во комбинација со вакцинирањето на значаен дел од населението.

Каков третман за балканците?

Засега, не се знае ниту каков третман ќе имаат балканските земји, пред се, оние кои се надвор од ЕУ. Не се знае ни тоа дали ќе им биде дозволен влез на туристите од овие држави за да летуваат во грчките одморалишта. Претпоставка е дека сите овие прашања ќе се средуваат со билатерални договори – со секоја земја – посебно.

Во игра е т.н. кипарски протокол, според кој сите земји се поделени во четири зони, определени според епидемиолошката ситуација во секоја од нив.

Гостите од „црвената зона“ мора да имаат ПЦР тест и патничко осигурување против ковид.

Овие може одново да бидат тестирани на граничниот премин и самите да си го платат тестирањето. Доколку се покаже дека се позитивни, веднаш ќе бидат вратени назад – на трошок на кипарските власти.

Оние туристи од „жолтата зона“ мора да имаат тест и патничко осигурување.

Патниците од т.н. „сива зона“ само прават тестови на граница и тоа не за секој патник, додека луѓето кои пристигнуваат од државите во „зелената зона“ треба само да поседуваат патничко осигурување против ковид.

Кипарски протокол

Во Грција не се зборува за овој модел, затоа што тој ако делува идеално во сегашните услови, е добар за Кипар, како островска земја, каде туристите доаѓаат само со авиони.

На грчка територија, меѓутоа, најголем број од гостите, посебно оние од Балканот, доаѓаат со сопствени возила и со туристички автобуси, што ја усложнува употребата на „кипарскиот модел“.

Тоа значи дека и со него и без него, како и со постигнати билатерални договори со соседните земји, одењето на одмор во Грција, ова лето, нема да биде лесно како што тоа беше порано.

Сега, во секој случај, ќе биде исполнето со екстра трошоци и со долго чекање на границите, колку и министерот за туризам Харис Теохарис да уверува дека граничните формалности ќе бидат брзи.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе