Британија епицентар на вирусот во Европа
Британија од извесно време живее во локдаун, во услови на постојани пораки – останете дома, се соочува со незамисливи глетки – со потполно празни улици, со преполни болници, но и со постојан раст на новозаразените и на починатите.
Земјата веќе е прогласена за епицентарот на новиот вид коронавирус во Европа, од каде тој тргна да се шири низ континентот, а потоа и низ светот.
На домашната сцена, пак, властите се изложени на остри критики за тоа дека постојано доцнат зад вирусот и во врска со пресметката со пандемијата.
Од надвор, се почесто стигнуваат критики дека токму Британците го имаат и раширено овој вирус, патувајќи низ светот.
Корона и рецесија
Изгледа како тие да не можат да прифатат дека оваа зима, во овие пост – божикни и пост – новогодишни времиња, кога тие се навикнати да се рашетуваат на разни страни, сега мора да седат дома и (овој пат) да се откажат од своите усталени навики – во интерес на здравјето и спасувањето човечки животи – како дома, така и во странство.
Над три милиони луѓе во Британија, досега, се заразени и заболени од короната, а над 81 илјада се починати.
Ваквата ситуација со пандемијата се дополнува со економската рецесија – со пад во економијата од осум отсто, со над 800 илјади работни места кои веќе се загубени, а други стотици илјади се наоѓаат во незвесност .Сето ова ја отсликува општата атмосфера во која се најде Британија, официјално, се уште петата економија во светот, зафатена и со стравувањето за иднината, особено по излегувањето на земјата од ЕУ.
Дури и силните про-брегзитери сега признаваат дека „ова време, на почетокот по напуштањето на ЕУ, нема да биде лесно“, настојувајќи на овој начин да се оправдаат за својата силеџиска кампања дека без Унијата на Британија и на Британците ќе им биде многу подобро.
Еден од 30 лондончани – заразени
Медиумите кои силно го форсираа Брегзит, секојдневно перејќи им го мозокот на гласачите, продолжуваат и натаму да ја „оцрнуваат“ Европа, во стилот – ни таму не е подобро, кога станува збор за економијата и за борбата со пандемијата.
Но, градоначалникот на Лондон, Садик Кан не мисли дека ова е време за политичка пропаганда, па не сака да сокрива дека ситуацијата во британскиот главен град, е далеку најтешка и дека станува критична.
Дури еден од 30 жители на осум милионскиот Лондон е заразен со коронавирусот.
Затоа, во градот е прогласена вонредна состојба. Се стравува дека главниот град ќе остане без болнички кревети, доколку пандемијата не се запре и ако продолжи да се шири со сегашното темпо. „Неопходно ни е драстично намалување на епидемијата и на бројот на новозаразените“ – вели градоначалникот.
Секако, имајќи ги во предвид и поплаките на здравствените работници – на лекарите и на медицинските сестри – кои во изјави за домашните медиуми признаваат дека се на работ на силите и издржливоста.
Задоцнување на старот
Во една ваква ситуација, јавноста на некој начин останува силно поделена. На една страна се оние кои и натаму протестираат против локдаунот, а на другата се приврзаниците за поостри мерки, сметајќи дека нема друг начин да се прикочи, а потоа и да се запре ширењето на заразата. Сите, меѓутоа, се согласуваат во тоа дека какви и мерки да се донесат, тие изгледаат задоцнети.
Конечно, општа е констатацијата дека владата на премиерот Борис Џонсон е најмногу виновна, затоа што задоцни уште на почетокот од глобалната пандемија. Кога кинескиот вирус ја нападна Европа и сите земји на ЕУ воспоставија строги мерки против епидемијата, со карантин и со полициски час, во најтешко погодените – Италија, Шпанија и Франција – британската влада реагираше неверојатно бавно, по малку и неодговорно, со големо задоцнување, како да станува збор само за потежок сезонски грип.
„Задоцнувањето во пролета 2020, во врска со донесувањето на вистински мерки за заштита од епидемијата, ја чинат Велика Британија на илјади непотребно загубени животи“ – има речено професорот – епидемиолог Ентони Костело, од Университи Колеџот во Лондон.
Експертите бараат построги мерки
Таква е ситуацијата и сега, кога Британија е соочена со налетот на новиот вид корона, за која се вели дека се шири многу побрзо и со кој многу повеќе се нападнати, помладите лица, многу често оние кои никогаш од ништо не боледувале. Излегува како да нема влијание тоа што Џонсон постојано се фали дека се вакцинирале неколку милиони Британци, а земјата веќе има прифатено три вакцини од три различни производители.
Експертите уверуваат дека вакцинирањето е сосема во ред, но велат дека вакцините не се лек. Тие дури подоцна треба да го спречат ширењето на вирусот (кој и да е) за да се зајакне имунизацијата кај луѓето. Сите, притоа, се согласни дека за тоа, сепак, треба време. Затоа, експертите инсистираат за уште построги мерки и посебно, за нивно доследно применување, без разлика што од Лондон во овие први десетина денови од новата година, се испраќаат досега незабележани слики.
Без луѓе се дури и најпрометните трговски делови во градот – Оксфорд стрит и Риџент стрит – во строгиот центар на Лондон. На плоштадот Пикадили стои пораката – останете дома, спасете животи – но, сето ова на Британците, гневни и незадоволни од многу нови состојби, им изгледа како да е задоцнето. Тие како да очекуваат некој ветер, какви постојано има над Британските острови, да ја одува епидемијата, пред било што друго да се направи.
(Д.Л.)