Бризбејн: тридневен карантин за една заразена жена
Здравствените власти и владата на сојузната австралиска држава Квинсленд, одлучија да се воведе три дневен локдаун во главниот град на државата Бризбејн, откако е откриено дека една чистачка, вработена во хотел за лица кои се ставени во карантин, е заразена со коронавирусот.
За жената е речено дека е заразена со мошне брзо и лесно преносливиот вирус, од т.н. британска варијанта.
Здравствените власти се затоа исплашени од опасноста новиот вирус да се рашири низ овој милионски град, а преку него и низ државата Квинсленд.
Бризбејн досега имаше малку заразени лица, во споредба со Мелбурн, на пример, или со Сиднеј, а посебно малку доколку ситуацијата во овој град се спореди со европските, или со американските градови, каде пандемијата е многу пораширена и трае веќе една година. И оние случаи што се регистрирани во градот, во најголем број потекнуваат од времето на почетокот од пандемијата.
За жената се вели дека е прв случај на заразеност со новиот вид корона, што се појави и се рашири низ Британија, меѓу лица кои се наоѓаат надвор од карантин.
Локдаунот во Бризбејн почна во петок, наутро по локално време, 16 часови по откритието дека во градот има заразен со новиот вид на вирусот.
Премиерот на владата на Квинсленд, Анастасија Палашчук изјави дека ова тридневно ставање “под клуч“ на главниот град е определено за да не се случи нешто полошо. Но, таа предупреди дека доколку овие три денови не помогнат – а, тоа значи не се спречи ширење на вирусот – тогаш локдаунот ќе биде продолжен на 30 денови.
Австралија има регистрирано 28.500 заразени со корона вирусот и 909 жртви. Сето тоа е неспоредливо со ситуацијата во САД, на пример, каде досега има 21 милион инфицирани и 362 илјади починати лица.
(Г.И.)