Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Аптекар во „таен заговор“ против корона вакцината

Sertur_vetan/BigStock.com

Аптекар во „таен заговор“ против корона вакцината

Американскиот аптекар кој минатиот месец беше уапсен затоа што намерно уништи 570 дози од новата вакцина против коронавирусот е силен приврзаник на „теоријата за постоење заговор“ во врска со вакцината и вакцинирањето – соопшти американското обвинителство.

Стивен Бранденбург силно верува во, инаку, недокажаните приказни кои се шират на интернет за тоа дека вакцината е „небезбедна“.

Тој не само што верува дека вакцината против короната е „опасна“ туку и дека го менува ДНК кај луѓето кои ја примаат!?

Уништени дози вакцини

Овој аптекар работел во медицинскиот центар Аурора, во градот Графтон, во сојузната држава Висконсин и не еднаш, туку на два пати вадел по определено количество дози со вакцина, надвор од длабокото замрзнување во кое постојано се чуваат и ги оставал надвор од фрижидерите – за да се расипат.

Вакцините биле од американската фирма Модерна. Како овие, така и другите произведени од Фајзер-Бионтек, се темелат врз технологија која не е непозната досега и која во никој случај не го менува ДНК на луѓето, тврдат експертите.

За нивното чување, меѓутоа, е потребно да се држат на многу ниска температура, инаку се уништуваат, што аптекарот Бранденбург и настојувал да го направи.

Во првиот случај целата доза која му се нашла во раце, ја оставил надвор од фрижидерите.

Во вториот случај, дозите со вакцина ги извадил и ги чувал на собна температура, а потоа ги вратил назад во длабокото смрзнување.

Извадени, па вратени во замрзнувачот

Медицинскиот персонал во Центарот кој не знаел што има направено аптекарот на болницата, тие извадени, па вратени вакцини ги употребиле за вакцинирање на 57 локални лица.

Кога се разбрало за криминалната постапка на Бранденбург, настанала тревога и потрага по лицата кои ја примиле таа „расипана“ вакцина.

Со помош на полицијата луѓето биле пронајдени и доведени во болницата на контрола и консултација. Сите, меѓутоа, изјавиле дека немаат забележано никакви проблеми, или било какви нуспојави.

Локалното обвинителство кое го води случајот, сега очекува да види дали некој од овие 57 вакцинирани ќе покаже било какви проблеми или состојби, што би можело да се поврзат со постапката на аптекарот – анти-ваксер.

Претставник на обвинителство има изјавено дека доколку никој не покажи значи на заболеност, или реакција на извадените, па вратени вакцини, обвинителот би можел и да го ублажи обвинувањето кое сега се однесува како обид за нанесување повреда – или дури и убиство.

Лажни застрашувања

Инцидентот во Графтон, за кој се верува дека е единствен ваков во САД, доаѓа во време кога на интернет се продолжува со кампањата против вакцините против коронавирусот, инсистирајќи дека нејзиното создавање е дел од некаков „широк заговор“, а посебно ширејќи страв меѓу луѓето дека таа е „опасна за здравјето“!

Според американските медиуми, дури две третини од вакцините што ги имаат добиено американските здравствени центри, се уште не се искористени, иако епидемиолозите бараат тие веднаш да бидат употребени, односно луѓето да бидат вакцинирани.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе