Шкотска најавува втор референдум за отцепување
Првиот министер на Шкотска Никола Старџен, изјави дека таа верува оти во следната 2021 година би можело да се организира втор референдум за независност и за отцепување на земјата од Обединетото кралство.
Во мај следната година се одржуваат избори за нов состав на шкотскиот Парламент (според британскиот закон за деволуција), па Старџен веќе најавува дека во текот на изборната кампања за Холируд (Парламентот во Единбург) ќе побара мандат и за нов референдум и тоа веќе во првата година од новиот парламентарен состав.
Право на самоопределување
Во текот на неодамна одржаната (онлајн) партиска конференција на нејзината Шкотска национална партија (СНП) таа рекла дека “Шкотска има право да ја одбере независноста, доколку мнозинството од гласачите – нејзините граѓани – тоа го сакаат“.
Според Старџен, станува збор за неотуѓивото право на самоопределување кое не може и нема да биде подложно на ветото од Вестминстер, што во Единбург се разбира како директна порака до британскиот премиер Борис Џонсон и до Даунинг стрит 10, седиштетео на владата во Лондон.
Првиот референдум се одржа во септември 2014 година, кога мнозинството од шкотските гласачи (55 :45) се изјаснија против отцепување од Британија. Најголема заслуга за ваквиот резултат имаа тогашниот премиер, ториевецот Дејвид Камерон и британските лабуристи кои во тоа време, се уште, имаа силни позиции кај шкотските гласачи што сега, повеќе, ги немаат.
Над 300 години обединети
Шкотска, гледано историски, самата, пред нешто повеќе од 300 години, има побарано да се обедини со Англија, за да не банкротира земјата која била во огромни долгови. При тоа, се согласила да се распушти дотогашниот шкотски Парламент и да се прифати англиската круна, за да се создаде Обединетото кралство на Велика Британија.
Пред крајот на деведесеттите години на 20 век, меѓутоа, како одговор на нараснатиот шкотски национализам, британската влада, што тогаш ја предводеше Тони Блер, одлучи да донесе посебен закон за деволуција (префрлање на надлежностите), со кој се обнови шкотскиот Парламент, а во Единбург се формира Шкотска влада, на чие чело не стои премиер (тоа може да биде само британски), туку прв министер на Шкотска.
Оваа некогаш независна држава, со долга традиција низ историјата, сега има широка автономија во водење на своја посебна, внатрешна, социјална и економска политика, во сите домени. Ограничена е само во надворешната и во одбранбената политика. Шкотска дури има и своја фунта.
Лондон е против
Но, без разлика на таквиот автономен статус, СНП која повеќе од десет години управува на шкотската политичка сцена, од првата своја изборна победа ја промовираше својата сепаратистичка политика, без разлика што идеолошки станува збор за левичарска партија.
Старџен, пак, веднаш по победата на Брегзит, се огласи со потребата за повторување на референдумот во сегашните нови услови, кога Британија е надвор од ЕУ, само со волјата на евроскептичните англиски гласови.
Последните испитувања на јавното мислење покажуваат дека мнозинството Шкотланѓани, а посебно младите, се за независна Шкотска и за членство на државата во ЕУ. Голем дел од нив би сакале земјата да влезе и во еврозоната.
Но, за да може да има нов референдум потребна е согласност на владата во Лондон, а таа од порано има најавено дека се противи на организирање ново референдумско изјаснување.
Портпаролот во Даунинг стрит 10 изјави дека нема потреба од тоа, затоа што пред шест години, народот на Шкотска веќе го има отфрлено отцепувањето.
Брегзит ги измени работите
Така, сепак, не мислат во Единбург. Пред првиот референдум шкотските гласачи беа уверувани дека не им треба да излегуваат од Обединетото кралство, за да потоа бараат членство во ЕУ, кога Британија е членка на Унијата, а преку неа и Шкотска е дел од ЕУ.
Со Брегзит кого го истуркаа само Англичаните, работите темелно се изменија.
Шкотланѓаните не го сокриваат гневот дека во политичката игра на Лондон тие останаа измамени. Затоа и не е изнедување што на референдумот за Брегзит, дури 64 отсто од шкотските гласачи беа против напуштањето на Унијата.
Тие и сега сметаат дека станува збор за голема грешка. А, првиот министер Никола Старџен, порачува дека доколку владата во Лондон се обидува да го блокира вториот референдум за независност, тогаш владата во Единбург ќе покрене судски спор против британската влада.
(Д.Л.)