Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Унгарски пари против македонските евро-интеграции

NorthfotoBP/BigStock.com

Унгарски пари против македонските евро-интеграции

Унгарската десничарска и конзервативна партија Фидес, веќе неколку години инвестира во поблиското и подалечното соседство на Унгарија, во медиуми и медиумски куќи кои се идеолошки и политички сојузници на премиерот Виктор Орбан, со цел во тие земји да се засили неговото влијание, а особено политиката која тој ја застапува – пишува угледниот германски весник „Зидојче Цајтунг“.

Весникот пишува дека посредници (на Орбан и на Фидес), од 2018 година, купуваат весници, интернет портали и тевезиски станици, или пак ги помагаат со пари, како и со политичко – пропагандна експертиза. Ова германско гласило, во оваа прилика посебно ги наведува случаите со Македонија и со Словенија.

Минирање на Зоран Заев

Станува збор за милионски средства што се вложени (и се уште се префрлаат) во овие две земји.

Дел од тие пари се влезени во македонскиот медиумски простор, но она што е карактеристика за ваквата инвестиција е во тоа што од унгарската инвестиција профитирале САМО медиумите кои се врзани, или пак се чисто партиски гласила, на опозициската партија во Република Северна Македонија.

Само медиумите на националистичката и десничарска партија ВМРО-ДПМНЕ, примиле унгарски пари

…пишува „Зидејчо Цајтунг“. Овој весник, притоа, открива дека парите имаат и специјална намена – тие се дел од обемната операција за да се минира владата на актуелниот македонски премиер Зоран Заев.

А, крајната цел (задача) која ја имаат сите медиуми кои ги примаат унгарските пари е СПРЕЧУВАЊЕТО влез на Македонија во НАТО и во ЕУ.

Весникот забележува дека стратегијата против европското интегрирање на државата, сепак, не успеа, барем кога станува збор за влегувањето во НАТО.

Бизнисмени блиски до Орбан

Петер Креко, од унгарската Тинк-Танк “Political Capital” на која се повикува весникот, објаснува дека целата операција – a, тоа е ширење на десничарењето, на евроскептицизмот и спротивставувањето на либерализмот – се спроведува со помошта и со вклученоста на луѓе кои се сосема блиски до Орбан.

Купувањето на медиумите во странство, го прават негови бизнисмени со кои сака да стекне поголемо влијание во ЕУ/Европа и во регионот (во случајов на Македонија, тоа е Балканот).

„Зидојче Цајтунг“ пишува дека Орбан, на тој начин, ги шири своите пораки и идеолошки определби, така што создава Алијанса (десничарска) во странство. За него и онака се смета дека има искуство за тоа како да ја распродава либералната демократија. Дури сега, и со видливо задоцнување, наидува на определени ограничувања и на отпор, откако ЕУ сврте лист и стана многу покритична кон него.

Четири милиони евра за десничарење

Во оваа прилика, весникот потсетува на пишувањето на словенечкиот портал „Нецензурирано“ во кое се открива како политички и деловни луѓе, блиски на политичкиот советник на унгарскиот премиер и „спин доктор“ Арпад Хабони, инвестирале во Словенија во една тамошна ТВ куќа, во неделник и во портал со таблоидска содржина.

Како „мозок“ на целата операција за навлегување на просторот на оваа соседна држава на Унгарија, се посочува токму советникот Хабони.

Со него биле директно вклучени и поранешните високи функционери на унгарската државна телевизија (МТВ), многу блиски до Орбан – Петер Шварц и Агнез Адамик.

Германскиот весник пишува дека преку оваа група, се уфрлени четири милиони евра во словенечките медиуми и како и во случајот со Македонија, така и овде, сите пари се отидени на сметките на медиуми блиски до Јанез Јанша, поддржувачи и толкувачи на неговата ултра-десничарска партија СДС.

Подршка за Јанез Јанша

Во написот се потсетува дека навлегувањето на вакви пари во словенечкиот медиумски простор – за да му се даде директна подршка на Јанша и на неговата десничарска, националистичка и популистичка партија СДС – предизвика бурна реакција во јавноста во Словенија.

„Зидојче Цајтунг“ потсетува дека јаншината партија формално е дел од групата европски десни-центристички народни партии (ЕПП), каде е и партијата ЦДУ на Ангела Меркел, но вистинските состојби се сосема поинакви.

Како што Фидес и Орбан, се повеќе се свртуваат кон крајната десница, така и словенечката СДС и лидерот Јанша, се определуваат кон крајно – десничарската Алијанса во Европа.

Покрај сомнителните врски со Орбан, словенечката СДС и нејзиниот лидер беа обвинети и за прекршување на строгите правила за финансирање на изборната кампања, во кои истрагата има откриено елементи на стопански криминал.

Засега, Јанша останува недодирнат, барем не јавно. Во меѓувреме, со вешт маневар во словенечкиот Парламент и со „купување“ со ветувања тој ја собори претходната влада и создаде нова коалиција, од март годинава одново станувајќи премиер на Словенија.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе