Дуда (за прв пат) против Качински
Полскиот претседател Анджеј Дуда, за прв пат се огласи во јавноста, по повод еднонеделните масовни протести на жените во Полска , изразувајќи – како што рекол- разбирање за нив и за нивното незадоволство.
Неколку стотици илјади гневни жени, во десетици градови во земјата, протестираа и во средата против одлуката на тамошниот Уставен суд, со која, практично, во оваа земја, членка на ЕУ, се забранува абортусот.
Судот , всушност, укина една од трите досега дозволени исклучоци за прекин на бременоста- а тоа е кога плодот е тешко деформиран, или кога е заболен што животот за така родено дете би предизвикал големо страдање.
„Разулавените жени“
„Не ме чуди гневот и протестот на ТИЕ жени„- рекол во интервју за една приватна тв станица претседателот на Полска. Тој, сепак, ја осудил „ агресијата на демонстрантите против црквата“ и забележал дека уличните протести само придонесуваат за драматичниот пораст на заразените од коронавирусот во земјата.
Како и да е, и вака срочената изјава, претставува ( колку што се знае) прво спротивставување на шефот на државата на семоќниот лидер на десничарската, националистичка и конзервативна , владеачка, партија Право и Праведност, Јарослав Качински, за кого се вели дека практично управува со земјата, иако формално е само потпретседател на полската влада.
Во интервјуто Дуда се спротивствува на јавниот повик на својот лидер Качински, до партиските активисти, ултра-десничари и тврди националисти- физички да ги бранат црквите низ државата, од како што има речено Качински- „ разулавените жени“.
Овој полски деничарски политичар ги обвинува жените на Полска кои демонстрираат дека, наводно, протестирајќи во текот на неделните миси пред црквите, само го „уништуваат полскиот народ“!
„Првата дама“ ги подржува протестите
Претседателот Дуда го осудил ваквиот повик и порачал дека „ ниту има потреба, а ниту оправдување, за покренувањето на вакви иницијативи“, инсистирајќи дека единствено само полицијата е таа која треба да се грижи за редот и мирот.
Пред да се огласи претседателот, на протестите реагирале неговата ќерка и сопругата. И двете изразиле разбирање и подршка за демонстрантките, оправдувајќи го нивниот револт против една ваква одлука на Уставниот суд.
Со оваа, како што се нарекува , чудовишна пресуда , Судот им го одзема правото на жените во оваа земја , на избор, присилувајќи ги да раѓаат тешко оштетени бебиња кои и онака, како што зборуваат лекари, мошне брзо ќе починат.
Качински, меѓутоа, со својата ултра конзервативна идеологија, цврсто држејќи се зад конзервативната полска католичка црква, инсистира дека ( сепак) и овие деца, вакви родени, треба да бидат крстени и погребани според учењето на црквата!?
Демонстрации и штрајк
Во секој случај, организаторите на протестите изјавуваат дека нема да се повлечат од улиците и бараат повлекување на пресудата на Уставниот суд.
Тие во средата одржаа и национален штрајк, откако илјадници жени имаат земено слободен ден и наместо на работа, излегле одново, во уште поголем број на протести против „враќањето на Полска во средновековието, под капата на црковниот конзервативизам“.
Подршка на женските демонстрации им даваат и повеќето полски Универзитети кои во средата не одржале предавања, а демонстрантките, во еден момент, успеаја да ја блокираат и зградата на полскиот Сејм ( Парламентот) во Варшава.
Жените, при тоа, посебно се гневни на лажните, фризирани извештаи на новинарите од полската државна телевизија, сите во функцијата на власта на Качински. Репортерите на оваа телевизија ги прикажуваат демонстрантките како „ фашисоидни левичарки кои сакаат да ја уништат Полска“.
Мнозинството против Уставниот суд
Во Варшава се тврди дека Јарослав Качински настојува својата идеологија ( кога станува збор за прашањето на абоортусот) да ја спроведе по секоја цена – преку Уставниот суд, заобиколувајќи го Парламентот.
Со контроверзните измени на законите за правосудството, во сегашниот состав на Уставниот суд, освен еден, сите други судии се членови, или истомисленици со владечаката партија, поставени од власта, за да и служат на владеачката партија. Во Парламентот, без разлика на постоечкото мнозинство на партијата Право и Праведност, Качински знае дека еден ваков пропис за абортус, ставен како закон, не би можел да помине.
Анкетата на весникот „Газета Виборча“ покажува дека само 11 отсто од Полјаците подржуваат целосна забрана на абортусот. Вештачки прекин на бременоста, до 12 недели бременост, подржуваат 22 отсто од анкетираните. Дури 73 отсто се против пресудата на Уставниот суд.
(В.П.)