Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Албанија и Грција на суд

epic44/BigStock.com

Албанија и Грција на суд

Владите на Албанија и на Грција се согласија, решението за нивниот долгогодишен спор околу поморската граница на двете земји, во Јонското море, да го побараат од Меѓународниот суд на правдата, во Хаг.

Ваквото решение беше објавено по разговорите што во Тирана ги водеше шефот на грчката дипломатија Никос Дендијас со својот албански колега, како и со премиерот Еди Рама.

По средбата, Рама им изјавил на новинарите дека во овој момент, тоа би било најдобро решение.

„Верувам дека недоразбирањата околу граничната линија ќе може да се разреши низ стручноста на овој Суд и врз одредбите на меѓународното право” рекол албанскиот премиер.

Несогласување во реонот на Крф

Спорот околу поморската граница, кај грчкиот остров Крф, што е сосема блиску до јужниот брег на Албанија, трае подолго време. Во 2009 година, Тирана и Атина се согласија каде да минува границата во Јонско море, кога на власт во Албанија беше (сега) опозициската Демократска партија.

Кога социјалистите на Рама дојдоа на власт, тие веднаш го оспорија договорот пред албанскиот Уставен суд. Според толкувањето на социјалистите, со тој договор биле оштетени албанските интереси, како и дека земјата има загубено околу 220 квадратни километри од територијалните води на Албанија. Уставниот суд ја прифати нивната жалба и го прогласи грчко-албанскиот договор за поморската граница – за неуставен.

Недоразбирањата потоа како да беа тргнати на страна. Одново се појавија кога стана јасно дека токму во тој дел од морето, на морското дно, се откриени големи резерви на гас и на нафта.

Утврдување на поморските граници

Тоа, пак, ги покрена уште еднаш старите недоразбирања и спорењето меѓу двете соседни земји, кое во овие нови услови, се смета дека ги надминуваат патриотските интереси на двата соседа и во прв план ги истакнуваат нивните економски интереси. За да се разреши состојбата – овој пат – двете страни се согласија да пресуди судот во Хаг.

Грција од неодамна покрена широка акција за утврдување на нејзините поморски граници со соседите, во Егејското и Јонското море и на Медитеранот.

Со Турција, ова лето, се најде и во сериозна безбедносна криза, откако владата во Анкара одобри турски бродови да трагаат по подземен гас на морското дно во Источното Средоземје, во непосредна близина на чувствителната грчко-турска поморска гранична линија.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе