Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Талогот на власта!

Талогот на власта!

Заврши 2025 година, а оценките за неа се карактеристични за системот на владеење на ДПМНЕ.

Според власта, 2025 е година на гордост и успеси, победи во сите сфери, на сите нивоа, а најголем успех е целосното запоседнување на институциите, значи апсолутна власт. Сето тоа е во функција – октроираниот лидер-премиер да владее по своја волја и никој да не му создава пречки. Дури, владејачката коалиција си донесе и резолуција во парламентот со која и забрани на опозицијата јавно да зборува за самоволијата, криминалите и забеганоста на власта. Со закана, ако опозиционерите не замолчат, тогаш ќе бидат кривично гонети и судени од обвинителството и судовите, кои веќе се комплетирани според тефтерчето на лидер-премиерот, кој знае се и одлучува за се! Секако, тоа е знак и за инакумислечките невладини, медиуми и поединци/интелектуалци, кои, заедно со опозициските партии, лидер-премиерот ги нарекува со еден збор – талог!

Според ДПМНЕ-националистичка, ЗНАМ-бранковистичка и ВЛЕН-големоалбанска, „нивната“ Македонија, на која и го „вратиле“ името, бидејќи така ја нарекувал и опозицискиот лидер, за година и пол владеење напредува „секој ден се повеќе и повеќе“ (култна реплика од филмот „Се сеќаваш ли Доли Бел?“). Трети сме биле во Европа по раст на БДП! Млади гастајбартери почнале гордо да се враќаат од јабана и да отвораат свои бизниси! Една докторка/директорка, по раѓањето на првото (темпирано) новороденче во Скопје во Новата година, кажа дека, во последно време (веројатно од доаѓањето на ДПМНЕ на власт), забележан е тренд на зголемување на наталитетот! Таа, слично како и лидер-премиерот, изрази надеж дека овој тренд ќе продолжи со апел до младите да се ангажираат на овој план (веројатно попатриотски да се однесуваат во брачните постели)!

Власта имаше и две оптимистички пораки за Новата година. Првата, докај март, зголемување на платите за 2-3.000 денари и на пензиите за 1.000, со изјава дека со тоа видливо ќе се намалела сиромаштијата! Втората, дека лидер-премиерот не и попушта на ЕУ, инсистирајќи на гаранции за јазикот и идентитетот, со надеж дека, кај и да е, ќе се добијат, откако ЕУ ќе се вразуми и ќе ги прифати мудрите инструкции од нашата „горда претседателка“!

Според реалноста, 2025 за Северна Македонија е тажна, тешка и бедна година. Како поради трагедијата во Кочани, така и поради мачниот живот на граѓаните, задолжувањата со огромни кредити од странство, наменски користени за изборни победи, предвреме испразнета државна каса, иселувањето на младите, намалувањето на наталитетот, инфлацијата која за месец/два ги подјадува зголемувањата на платите и пензиите, криминалот и корупцијата кои „оро играат“, олигарсите си „таложат“ богатства дирижирајќи и на власта мерки според нивни интереси, а власта, со неукото водство, како

вејка на ветрот, не може да ја сфати и определи положбата на државата во бурните светски геостратешки поместувања…

ДПМНЕ и ЗНАМ, во дует со „внатрешните“ исфрустрирани и суетни поранешни функционери, си задала задача да ја спасува СДСМ од самата неа, од Филипче и од илјадниците членови кои и остануваат верни, со мотив власта да имала силен коректив! Но, вмровски, како Данајците со даровите и Тројанските коњи, прават се да ја уништат!

Во светски рамки, поради повеќе причини, либерално-демократските идеи ја губат битката со национал-авторитарните. Во повеќе држави, почнувајќи од најголемите, САД, Русија, Кина…, па преку Унгарија, Чешка, Словачка, Турција, Израел, Србија, до нашата „маленкост“, Северна Македонија, инсталирани се и владеат националистички авторитарни режими и личности. Во неколку поголеми европски држави, членки на ЕУ, екстремните десничарски партии се во растечки тренд и прашање на време е кога ќе ја запоседнат власта.

Сите овие, своите партиски и изборни програми ги базираат на патриотизам и страв од другите (опозиција, мигранти…). Сите се водат од Хитлеровата доктрина, презентирана во неговата книга „Мојата борба“. Таму, овој најмонструозен злосторник во поновата историја, меѓу другото, ќе напише, а потоа и во практика ќе го оствари: „Кон кого треба да се насочи пропагандата? Кон образованата интелигенција или кон огромната маса нискообразовани луѓе“, прашува Хитлер и дава одговор. „Ни беше јасно дека пропагандата секогаш мора да им се обраќа само на масите“. Според Хитлер, „Сфаќањето на масите е секогаш ограничено, кругот на нивното разбирање е тесен, затоа и способноста да запаметува е многу мала. Затоа, ако сака да биде успешна, пропагандата треба да се ограничува само на неколку точки и треба да ги изразува кратко и разбирливо, во вид на лесно прифатливи пароли, повторувајќи ги се додека не ги сфати и најограничениот слушател“.

За полесно да се илустрира поентата, само две објаснувања, преку примерите на САД и Северна Македонија. Во САД, богатите републиканци со тезата на Трамп, „Америка пред се“, ги „купуваат“ сиромашните Американци. Слично е и кај нас со паролите: предавници, комуњари, ќе не бугаризираат, албанизираат, ќе ги поништиме Преспанскиот и Охридскиот договор и Спогодбата со Бугарија, ќе ги вратиме името, идентитетот, гордоста и достоинството! Но, додека во САД има независни институции, опозиција, судови, интелектуалци и медиуми кои некако се борат против самоволијата на Трамп, а во Србија има силно студентско и интелектуално движење, во „тажната приказна“, Северна Македонија, „интелектуалците“ и студентите се најслабата карика, па отпор кон власта даваат само од поединци!

Зошто е сево ова вака, објективно гледано, за да се сфати, мора да се помести, од животот, економијата и политиката кај психологијата! Нобеловецот Јозеф Штиглиц, апсолвирајќи ги американските политичко-економски состојби предизвикани од Трамп, во своја предновогодишна анализа, меѓу другото, ќе напише: „Секако, краткорочно нема да биде лесно. Но, во новата глобална економија, која ќе се појави на долг рок, Америка ќе ја

изгуби својата хегемонија. Токму во тој правец одиме додека влегуваме во наредната година од животот во кој сме оставени на милост и немилост од хировите на еден луд претседател“.

Во една брилијантна психолошка анализа, српската психотерапевтка, Татјана Милојевиќ, во контекстот за кој пишува Штиглиц, но и за нивниот српски контекст, од кој не е подалеку ни македонскиот, ќе објасни: „Во практика, најопасните политички актери често имаат хибриден профил, односно комбинација од три нарушувања. Тие веруваат во својата големина (1), ја користат лагата, не само како средство, туку речиси таа ги користи нив, бидејќи е градежен материјал на нивниот идентитет (2), не чувствуваат емпатија кон никого, освен кон своето его. Сметаат дека се над законите, критиката и историјата затоа што се посебни и привилегирани (3)“.

Овие констатации објаснуваат многу работи, состојби и епилози во светот и особено кај нас, додека се повеќе заглибуваме во талогот на власта!

Манчо Митевски

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Популарно

Горе