Изборите „отаде Групчин“!
„Празници се ближат“ е слоганот на спотот на „Кока кола“, кој се појавува еднаш годишно на ТВ екраните, најавувајќи ги божикните и новогодишните празници! Сличен слоган, но со политичка конотација, има и во нашата земја. „Избори се ближат“ е неформалниот слоган кој е секојдневно присутен во политичката програма и дејствување на ДПМНЕ, почнувајќи од времето на груевизмот, па до сегашното време на мицковизмот. Без разлика дали вмровците се на власт или во опозиција.
На октроираниот лидер на оваа партија, додека беше во опозиција, првата или последната реченица во секое обраќање, му беше – ајде на избори! Од денот на преземањето на централната власт, не само што почна да зборува само за локалните избори, туку и практично се подготвуваше за нив: програмски, организационо, финансиски, логистички, пропагандно-корупциски… Деновиве најави и можни предвремени парламентарни избори!
Големите мисли на малиот лидер
Година и пол, наместо реформи, забрзување на евроинтегративниот процес, подобар живот на граѓаните, борба против корупцијата и криминалот, зголемување на општата и еколошката безбедност, главна преокупација на власта во Северна Република Македонија беа локалните избори. Локалните избори наместо да бидат натпревар во промовирање идеи за подобрување на животот на луѓето во градовите и селата, власта форсирано ги трансформираше во дебата на национал-популистички теми, внесувајќи ги на нивниот најпогоден терен.
Најмногу се зборува за наводниот криминал на претходната власт, која за торби пари ги продала националните интереси (!), се слуша нивната расипана политичка плоча за „тие“ предавниците и „ние“ патриотите (!), ВМРО е „најголема организација на Балканите“ (!), за невидениот развој, и дека ја довеле економијата меѓу најбрзорастечките и дека го делиме третото место со Словенија (!), дека веќе ја ликвидирале четири и пол процентната инфлација, отсечувајќи и ја главата како Свети Ѓорѓија на ламјата (!), дека значајно ги зголемиле платите и пензиите (!), дека по победата на изборите ќе направиле чистка во судовите и обвинителствата во кои газдувале Заев и Филипче (!), дека во Кочани (со Тошковски под рака) можат да одат со кренати глави дека пожарите во кои изгоре петтина од земјата се подметнати од СДСМ (!), дека ќе не внеселе во ЕУ на достоинствен начин ..
Македонската тажна приказна
Ова се „големите“ мисли на „малиот“ водач кој, веќе е сосема јасно, не живее овде, туку во облаците на моќта и пофалбите од функционерите-подлизурковци од неговото опкружување и од коалициските партнери.
Доколку може да се трансформира од месија и Минхаузен, во обичен човек и прошета меѓу „својот народ“ и во околните држави, ќе види колку е часот! Ќе ги осознае маките на луѓето кои едвај или воопшто не составуваат крај со крај со неговите „големи плати и пензии“.
Ќе ја прочита изјавата на еврокомесарката Кос, која со право ја нарекува Македонија „тажна приказна“ и ќе стане свесен дека во извештајот на ЕУ се констатира загриженост за владеењето на правото во „Горда Македонија“. Ќе му стане јасно дека најголемиот дел од пожарите не се подметнати, туку се резултат на неговата власт и партизирани институции кои поради корумпираност, неспособност и некомпетентност не превенираат да не се случат и не реагираат ефикасно кога ќе се разгорат.
Каков изборен пристап на власта
А за Кочанската трагедија, која траумираше цел еден град, со 62 изгубени млади животи и над 200 физички и психички инвалиди, нечовечки и нечувствително, без срам или малку морална одговорност, се фали дека може да оди со крената глава! Крената глава значи гордост од нешто што е направено! Треба да одлета со приватен лет до Хрватска, една од најбогатите и еколошки најздрави земји во ЕУ, да види како живеат нејзините граѓани и каква е економијата, па да сфати колку сме рамо до рамо со неа. Од авионот веројатно ќе забележи дека неговата држава е изолирана и оставена сама на себе. Но, од самобендисаност, суета и крволочна жед за моќ и богатство, тешко дека може да се спушти на земјата и во реалноста.
Со ваков пристап ДПМНЕ-мицковистичка, ЗНАМ-бранковистичка и ВЛЕН-касамистичка одат на изборите. Кои им се целите од овие избори на кои ги ставаат сите карти?
Можат да се забележат неколку политички цели кои сакаат да ги остварат на изборите. Првата е онаа што ја посакуваат најмногу – убедливо да победат, да добијат градоначалници во најголемиот број општини и така да ја потврдат апсолутната власт и да прават што сакаат во заробената држава. За остварување на оваа цел впрегнати се сите партиски, институционални и логистички ресурси, речиси сите најзначајни јавни и приватни медиуми, огромни буџетски средства и милијардата кредит од Орбан која се прели за ситни, но гласачки битни проекти, претежно во нивните општини, а дел отиде кај олигарсите кои ја поддржуваат власта, а таа работи за нивните профитни интереси.
Мицковистите и бранковистите ја делат земјата
Имајќи го предвид сево ова може да се констатира дека епилогот на изборите е однапред познат. Во прилог им оди и мнозинскиот принцип, можната апстиненција на разочараните гласачи, дисциплинираноста на партиското членство, лековерните и за ситно подмитливите гласачи.
Втората цел, која се остварува во брак од интерес на три сосема различни идеолошки коалициски партнери кои се на власт – едната македонска национал-популистичка, другата социјал-националистичка, а третата екстремно големоалбанска. Зад оваа соработка, чија суштина се крие, но е сосема видлива е, на некој начин, легализација на тезата на Доста Димовска и Љупчо Георгиевски за „отаде Групчин“, односно поделба на Македонија.
Лажните патриоти од ДПМНЕ не кандидираа градоначалници во Тетово, Гостивар, Дебар, Струга… и ќе пропагираат кај своето членство да гласа за Касами во Тетово и за другите нивни кандидати во западна Македонија, освен во Кичево. За возврат, таа групација да им даде инструкции на нивните да ги гласаат кандидатите на ДПМНЕ во Скопје, Центар, Куманово… Во овој контекст чуден е и односот на СДСМ. И оваа партија не кандидираше во овој дел на земјата, а размислувала да го поддржи кандидатот на ДПМНЕ во Кичево!
Третата цел е не само да се поразат СДСМ и ДУИ, туку да се понижат и да ги снема од политичката карта. Затоа, со помош на ЗНАМ-бранковистичка, во Центар се кандидира градоначалник од ЗНАМ, а не од ДПМНЕ, слично како и во Куманово, сметајќи на гласовите на разочараните сдсмовци. На крајот ништо чудно лидерот на ова самонаречено движење да биде пуштен низ вода од неговиот шеф.
Обид за понижување на опозицијата
Чевртата цел ја разоткри деновиве лидерот, односно дека се можни предвремени парламентарни избори. Се калкулира дека ако убедливо се победи на локалните избори и ако СДСМ и ДУИ бидат маргинализирани, според системот на Груевски „секое летенце – детенце“, да се организираат парламентарни избори, да се победи на нив и да се продолжат владеењето, моќта и богатењето.
Но, како и секогаш во животот, домашниот сепакне се покажува точен. Евидентно е дека поради неостварените ветувања за враќање на името, поништување на Преспанскиот договор и на Спогодбата со Бугарија, добивањето гаранции дека нема да има нови барања и дека Република Северна Македонија на достоинствен начин ќе ги почне и брзо ќе ги затвори преговорите со ЕУ.
Обезбедувајки подобар живот на граѓаните, сопирањето на иселувањето на младите и на збошотувањето на одговорноста на високо позиционирани партиски функционери за трагедијата во Кочани, потоа на селективната правда, па новото тефтерче, сега на вмровскиот лидер за судството, за ограбувањето на пензионерите и слични големи пропусти кои го подјадоа рејтингот и довербата во сегашните властодршци. Тие веројатно ќе победат на овие избори, но со намален број гласови, како најава дека колата им тргнала надолу.
Манчо Митевски
Авторот е новинар и публицист
