Зошто со епитети?
Новинарството кај нас секако дека придонесува за развој на слободната мисла и критички осврт кон стварноста – напор за подобрување на општествените односи, за продуктивен исчекор на државата, за подигање на нивото на културните, економско-социјалните состојби, а со тоа и новото на политичката култура – да влијае за надминување на развојните проблеми, впрочем како и во другите цивилизирани средини.
Деновиве во јавноста се соочивме со една лавина на ставови за творештвото на литерати од поствоената генерација и нивните непосредни „наследници“, творештво кое влијаеше за зацврстување на нашиот културен идентитет, на дообликување на нашиот јазичен универзум, па и на образованиот систем.
Секоја полемика е добра
Веднаш да истакнам дека секоја размена на мислења, па и оние нај спротивставени, за мене поттикнува потреба од лично и колективно согледување на веќе утврденото и сознаеното, потврда или не на своето актуелно битисување, барање на подобри попродуктивни одговори, поттик за дејствија за чекорење напред.
Затоа, треба да се поздрави секоја полемика за творештвото на било кој автор кој излегува на јавната сцена, било да е литерат, научник, новинар, коментатор од било која бранша, Таквата полемика, судирот на мислењата не може да и наштети на конструктивната и креативната траекторија во едно општество, на неговиот развој во било која област.
Објавите на Бранко Тричковски, коментарите на Бранко Геровски, Звездан Георгиевски, вплетување на други јавно експонирани уметници и автори за поткрепа и докажување на своите тези, со неприфатливи етикетирања и епитети, сметам дека не придонесуваат за создавање на поволен, јавен, интелектуален дискурс и верувам дека ги девалвираат иницијалните идеи за објавите и коментарите на учесниците во оваа „размена на мислења“
Примери од минатот0
Овие полемики, овој излив на „карактеристики“ за личности и теми можеби се допадливи на актуелните времиња во кои е присутна континуирана поделба на политички блокови, поделба која ја устоличува стагнацијата во однос на креацијата и иницијативноста за развој.
Па, такви полемики имаше и во едноумието, но се задржуваа на темата и делото на авторите, а не на екскомуницирање на самите коментатори за тие уметнички дела.
На пример кога за пиесите на Венко Марковски „Гоце“ или „За родниот кат“ во печатените изданија во Македонија, своите мислења ги спротивставуваа еминентни новинари, критичари и јавни личности како Бранко Заревски, Митко Зафировски, Димитар поп Ефтимов, Димитар Митрев – но без навреди и потценувачки тиради, како за авторите на делата, така и за своите колеги кои имаа подруго мислење. И тоа за јавно објавувани дела на контроверзниот поет Марковски, кој во 1941 година поемата „Гоце“ ја печати во окупиран Прилеп (за во 1944 година да стане „Велик поет“ (бр. 4 „Нова Македонија“), а после притворот и неговиот во „сталинистички“ период да ја доработи и во новите повоени услови режисерот Димитар Ќостаров да му ја постави на бината во Македонскиот народен театар есента во 1951 година.
Непотребна политичка патетика
Да, сите имаме минато, лично и колективно, но тоа не нé повикува и оправдува да подлегнуваме на дневната пресија на политичката патетика, особено не со употреба на епитети за оние кои имаат спротивни мислења од нас за актуелни настани, различни мислења за теми и личности кои својата ерудиција и специфика јавно ја експонирале и креирале дела во други социјални, политички и егзистенцијални околности.
Но, зошто наши еминентни новинари, кои се докажале како пера за почит, се впуштаат во меѓусебни етикетирања и користење на речник кој самите не го користеле во својот креативен и долгогодишен општествен ангажман? Во искрената намера за унапредување на реалноста, нема место за едностраност, па однапред ги отфрлам забелешките дека сите ги ставам во еден „кош“…
Се надевам дека ова ќе биде една минлива епизода, можеби произлезена и од актуелни тензии во овие бурни времиња на домашната и глобалната сцена, дека таквиот однос меѓу колеги и пријатели нема да влијае врз младата разбудена новинарска генерација во обликување на нивната значајна улога и професионален придонес во развојот на македонското општество…
Виктор Габер
