Поврзете се со нас

Skopje Global

Македонија

Четири чуда за три денови

Четири чуда за три денови

Дали, во одамна изречената народна мудрост – „секое чудо за три дена“, може веќе сега, по една година владеење на ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, од малиот милион, да се сместат најбитните четири „чуда за три дена“,

Кочани, кредити, дивоградби, заробување на државата, што и се случуваат на Република Северна Македонија, кои слободно можат да се оквалификуваат како катастрофи за општеството, демократијата, правната држава и за граѓаните!

Првото „чудо“ е трагедијата од досега невидени размери, која се случи во ноќниот клуб во Кочани, кога загинаа 63, а со тешки физички повреди и психички последици доживотно ќе останат инвалиди околу 200 млади луѓе. По трагедијата „се тресеше гората“, но неколку месеци потоа „се роди глушец“!

Од власта се ветуваше одговорност за сите кои со чинење или нечинење придонеле за оваа трагедија, неселективна правда и, во тој контекст, голема акција против корупцијата и криминалот. Главниот обвинител, кој пред трагедијата беше мета за отстрел од власта, ги „зеде работите во свои раце“, почна да апси функционери кои „биле“ одговорни за лиценци и слични работи од времето на Адам и Ева, претежно министри, Албанци од ДУИ, но не беше уапсен ниту еден кој има директна одговорност за трагедијата, од полицијата и МВР, од инспекторатите – пазарните, трудовите, финансиските, од УЈП, од снабдувачите со пиротехника и слично.

Моралното дно на министерот  на полицијата

Селективно се „заборавени“ сите оние од полицијата кои ги заклучиле вратите на „кабаре/шупата“, наводно за да не им избегаат дилерите и консументите на дрога, полицајците кои седеле со скрстени раце и гледале сеир кога децата ги молеле да им помогнат за да се спасат! Тоа се прави бидејќи, ако се санкционираат малите полициски пиони, ќе се стигне до големите фигури, кои се поставени на моќни позиции лично од партијата и нејзиниот „човек за се“!

Во своето настојување да избегнат секакво поврзување на одговорноста за кочанската трагедија, министерот, премиерот и медиумските аргати на крајот се спуштиле до моралното дно, правејќи обиди да ги разединат по партиска линија родителите на настраданите, жигосувајќи ги оние кои биле најгласни и најупорни барајќи правда за нивните „ангели“.

Министерот за внатрешни работи смета дека родителите на загинатите во трагедијата во Кочани не дошле случајно да протестираат во Скопје на денот кога Собранието расправаше за интерпелацијата за неговата работа. Според него, луѓето биле „организирани“ да одржат протест во Скопје, од страна на „опозицијата“, а на солзите на родителите кои изгубиле чедо, да се добие лајк на Фејсбук“?! „Јас не знам каде ќе им оди душата на овие… ништо не можам да кажам друго освен политички лешинари, со овие дејства кои очигледно ги преземаа“, рекол министерот!

Медиумски платеници

Истрагата заврши со преполовување на бројот на осомничени, на 46, а продолжува во наредните шест месеци за 14 поранешни високи полициски службеници! Значи, станува збор само за поранешни функционери од министерствата за внатрешни работи и

економија, неколкумина од инспекторатите и УЈП и само еден актуелен, кој, и покрај обвинението, по укинување на притворот, си се вратил во функционерската фотелја! Најскандалозно е што човекот кој се однесува како да е се во државата и во општеството, најавува – локалните избори, а не обвинителството и судовите – да одлучат дали власта има вина за кочанската трагедија (!), па сите буџетски пари и кредити, на чело со медиумските платеници ги впрегнува за победа на овие избори!

Ја памети ли веќе некој од власта и нејзината послушна клиентела катастрофата во Кочани? Трагедија се турка во заборав како „секое чудо за три дена“!

Второто „чудо“ е инвестицискиот „бум“ на Северна Македонија! Големата лага се состои од извртени тези. Се воспеваат шест милијарди евра инвестиции, а всушност се работи за кредити. Милијардата од Орбан беше договорена на контроверзен начин и на ниво: влада – партија од опозиција (ДПМНЕ). Со Велика Британија станува збор за договор влада со влада, под многу матни услови и сомнителна позадина. Потпишаниот наводен договор, стручњаците велат протокол на намери, верифициран е во Собранието, но без да се знае каматата, за неспроведување на договореното нема да бидат надлежни судовите, не смее да се бара меѓународна арбитража, а споровите ќе се решавале „џентлменски“, со консензус меѓу партнерите. Отприлика тоа би изгледало како џентлменско договарање меѓу слонот и глувчето, во кое глувчиња ќе бидат нашите „лавови“! Никој не споменува мигранти, ни нашата влада, ни британскиот амбасадор. Но, вистината и суштината се во тајните анекси од кои ќе произлезе мигрантски камп, секако, по изборите!

Вмровците во скутот на ВРЕДИ

Вмровската влада, со британскиот и унгарскиот кредит, го дуплираше државниот долг. Власта ќе си ги троши парите како што ќе посака, ќе поткупува избори за продолжување на владеењето, ќе има по нешто и за нив поединечно, а за враќање на огромните долгови, нека му мислат децата и внуците! По неколкудневните дебати и мали бранувања, претежно од опозицијата и неколкумина интелектуалци, и ова, поради македонскиот синдром на кусо паметење, се стави во рубриката „секое чудо за три дена“!

Третото „чудо“ се градбите во Чаир годинава, лани, преклани…

Документирани се 150 од градоначалничката Данела Арсовска, своевремено „гордоста на ДПМНЕ“, кои се класични дивоградби, а се легализираат со запишување во книги, со предатирани „бројчиња“ како да се градени во 2011 година! Кога беа фатени на дело, градоначалникот, кој е од ВРЕДИ, Висар Ганиу, десна, но и продолжена рака на вицепремиерот Изет Меџити, и тој како градоначалник на оваа општина ги работел истите работи, веднаш, со партизираниот Катастар, побарале да се избришат легализациите, како да не се случиле, со коментар дека така е во сите општини!?

Надлежниот министер од ДПМНЕ, молчи како риба! Чека да спласне и ова чудо, како секое чудо за три дена!

Без оглед какво и да е мислењето на јавноста за градоначалничката, сепак, поважно е дека власта штити организиран и политички криминал само да го задржи тронот. И уште нешто: ДПМНЕ ја обвинуваше СДСМ дека станала зависник од ДУИ, но сега се покажува дека ДПМНЕ е целосно „седната во скутот“ на ВРЕДИ!

„Се е исто и без  него

Четвртото чудо е најчудно, но истовремено и најприродно! Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ доаѓа на власт (1998-2002, 2006-2017, 2024-…), на Македонија и се случуваат катастрофи. Во првиот мандат на чело со Љупчо Георгиевски, во 2001, имавме војна, во вториот мандат, на чело со Никола Груевски, имавме автократски режим и заробена држава. Сега, за само една година на власт, октроиранот наследник на Груевски, кој го „научи занаетот“ служејќи му предано, повторно, но многу побрзо ја заробува државата.

Се е исто, само што него го нема. Тој ужива трошејќи го криминално стекнатото богатство во Будимпешта, под заштитничкиот чадор на Орбан. Но, во Република Северна Македонија, која ова име го има благодарејќи на Никола Груевски и Бранко Црвенковски, повторно се враќа периодот од 2008 до 2017 година.

Од ден на ден државата е се поцврсто заробена. Владејачката партија има апсолутна власт: претседателка на државата, влада со авторитарниот премиер, огромно парламентарното мнозинство, кое со влогови на политичката берза во пратениците на Арбен Таравари и други партии, се ближи кон двотретинско мнозинство. Покрај институциите, кои ги раководи победничката партија или коалиција, владејачката партија има голема превласт врз невладиниот сектор и посебно врз медиумите.

Освојување на Народна банка

Откако ги освои и придоби најзначајните независни општествени институции и организации, како што се Антикорупциската комисија, која свири по нотите на ДПМНЕ, Уставниот, Врховниот и Управниот суд, МАНУ, Независниот синдикат, под притисок и закани Судскиот и Советот на обвинители, судството и обвинителството, а во орото на власта заиграа и коморите на стопанствениците, кои се на некој начин и економски идеолози на ДПМНЕ заради профит.

На крајот беше освоена и Народната банка која во целиот период по осамостојувањето одолеваше на политичко-партиските притисоци. По блеф состаноците меѓу претседателката и премиерот, кога тие „воделе разговори за принципи, а не за имиња“, се тресеше Македонија, а се роди Трајко Славевски! Сега, со поставувањето на овој крајно послушен вмровски војник на чело на монетарната власт, бродот Северна Македонија заплови во немирни монетарно-фискални партиски води!

И ова чудо, едно од последните во повторното заробување на државата, траеше „три дена“ и се заборави, како и се друго во земјава, каде мнозинството од граѓаните кои се „чипирани“ и не го вклучуваат копчето во главите за рациото, подолгото паметење и дејствување, туку за лажниот патриотизам, емоциите и суетите. Па и по цена да живеат полошо!

Манчо Митевски

(Авторот е новинар и публицист)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Македонија

Популарно

Горе