Франсоа Бајру нов премиер на Франција
Франсоа Бајру е новиот француски премиер кој на таа функција доаѓа по оставката на Мишел Барније, чија влада беше соборена во Парламентот, минатата недела, во една здружена акција на ултрадесницата и на крајната левица.
Новиот премиер важи за политичар- центрист, на блокот што се засили во француската политика со изборот на Емануел Макрон за претседател на Франција.
Бајру важи за политичар кој е лојален сојузник на претседателот, но за него се знае дека има „шетано“ меѓу десниот и левиот блок, па ги има подржувано и Никола Саркози на десниот центар, како и социјалистот Франсоа Оланд.
Три пати кандидат за претседател
Бајру (73) во 1993 година бил избран за министер за просвета и на таа функција има останата четири години. Во 1998 бил избран за лидер на француската Унија за демократија, од редовите на десниот центар, а четири години подоцна ( за прв пат) се кандидирал за претседател на државата.
На изборите во 2002 година освоил два милиони гласови, по што ја има создадено партијата Демократско движење, на чие чело е до донес.
За претседател на Франција се има кандидирано и во 2007 година, кога по првиот круг беше на третата позиција- зад Саркози од десниот центар и Сеголен Ројал , кандидатка на социјалистите.
Врски и со десницата и со левицата
Бајру има одлучено и по трет пат да се кандидира за шеф на државата, на изборите во 2012 година, кога Саркози не успеа да се избори за номинација од неговата партија. На тие избори, меѓутоа,упорниот Бајру освои едвај десет отсто од гласовите на Французите и остана дури пети.
Пред него беа и „вечната“ кандидатка, ултрадесничарката Марин ле Пен и новиот лидер на крајната левица Жан Лик Меланшон. Истата двојка која минатата недела ја собори владата на Барније. На тие избори победи Оланд со подршка на сите граѓански партии од десниот и левиот блок за да се блокира Ле Пен, која одново беше поразена.
Бајру во вториот круг го напушти Саркози ( се знеше дека се соочува со кривично гонење за злоупотреба на средствата за претседателската кампања) , па го подржа Оланд. Тогаш самиот има напишано во својата книга за вистината во политиката- дека француската политика со години на ред е исполнета со лаги и лажни ветувања и со вештачки поделби.
Лојален подржувач на Макрон
На следните избори, првите на кои победи Макрон, Бајру застана зад новиот млад претседател. Макрон го награди со министерско место ( за правда) во владата на Едуард Филип, но остана кратко на функцијата , откако се открија фиктивни вработувања во неговата партија.
Пред четири години Макрон му додели нова функција, а сега успеа да стане и премиер- во едно сложено време за Франција, исполнето со длабока политика криза и со заканата (од крајната левица) дека и оваа влада ќе биде соборена.
Тој, пак, повикува на единство и ветува донесување на буџетот поради кој падна владата на Барније. Разликите во Парламентот остануваат, но Барју зборува за урамнотежен буџет на презадолжената француска држава.
(П.Ф)