Париз-најдобра дестинација за посета
На годинешнава ранг листа на „Евромонитор Интернешанел“ , за најдобри дестинации за посетување, францускиот главен град е прогласен за најдобрата во светот, во конкуренција на 100 градови на сите континенти.
Париз е по четврти пат, едно по друго, на првото место , определено според неколку категории-економски и бизнис можности, туристички можности и понуда, туристичка инфраструктура и туристичка политика, здравство, безбедност и одржливост.
Мадрид е на второ место според овие категории, Токио е трет, Рим четврти, додека Милано е петопласиран. Во првите десет градови се рангирани и Њујорк ( со најголем скок) па сега е шести, а потоа следуваат Амстердам, Сиднеј, Сингапур и Барселона.
Лондон кој на листата за дестинации што треба да се посетат е уверливо пред сите градови во Британија, сега не е ниту меѓу првите десет. Оваа година е на 13 место, сместен зад Тајпеј ( главниот град на Тајван) и Сеул.
Првиот меѓу германските градови ( Берлин) е дури на 15 место. Најдобро пласираниот арапски град е Дубаи и е пред главниот град на Германија, додека Истанбул, на пример, е рангиран како деветнаести, пред Мелбурн и Хонгконг.
Најдобро пласиран од градовите на Истокот од Европа е Прага која е на 25 место. Главниот град на Чехија е пред неколку познати и популарни европски дестинации, како што се Виена, Лисабон , Венеција и Атина. Главниот град на Белгија и на ЕУ е дури на 50 место.
Во вториот дел од ранг листата се и Пекинг (56) и најубавиот град во Јужна Америка- Буенос Ајрес (77) кој ги има надминато бразилски Рио де Жанеиро.
Од балканскиот регион е рангиран само Солун , како 86-та најдобра дестинација за посета. При самото дно е Ерусалим од Блискиот Исток- на 98 место, додека на последното- 100-то уверливо е сместено Каиро, главниот град на Египет.