Бугарските шпиони ќе убивале Украинци
Бугарската шпионска група, организирана и создадена за да дејствува за руските тајни служби, не била само за набљудување на стратешки важни објекти и за следење на движењето на лица ( на британска територија), важни за руската разузнавачка централа, како што тоа досега се мислеше, туку имале задачи и за извршување напади за елиминирање Украинци.
Станува збор за украински војници кои биле на обука во база на армијата на САД за користење на американските противвоздушни одбранбени ракетни системи „Патриот“- открива угледниот лондонски весник „Фајненшал Тајмс“, повикувајќи се на извори од судот во Лондон, каде во тек е судењето на бугарските шпиони.
Одново бугарска врска во Британија
Групата од петмина Бугари (тројца мажи и две жени) со руска помош и подршка успеале да се инфилтрираат во британското општество- прикажувајќи се како мигранти од Бугарија кои се населиле на британска територија од економски причини.
Сите во Британија се занинавале со професиите за кои биле оквалификувани во својата матична земја- една од жените отворила салон за разубавување, а другата, со еден од шпионската група „глумеле“ брачна двојка- еднаш дури со соседите каде живееле, пославувајќи годишнина од „бракот“.
Кога сите се откриени и уапсени, одбивале да признаат дека се бавеле со шпионажа за Русија, но во текот на судењето двајца од групата признале дека се – руски шпиони. Останатите тројца тврдат дека се невини и ним сега им се суди.
Непосредно пред руската инвазија
Во текот на процесот, е откриено дека дел од групата имала задача да се нападне депото со муниција и оружје ( каде се обучувале украинските војници) во американската база во Штудгард во Германија. Планирањето на нападот почнало во октомври 2022 година седум месеци по руската инвазија на Украина и тоа траело се додека групата не била разбиена, во февруари 2023 година.
Во Лондон им се суди на Катрин Иванова, Вања Габрова и Тихомир Иванчев, сите обвинети за правење заговор и за шпионирање.
Според обвинителите, целата група дејствувала под раководство на Јан Марсалек, австриски државјанин и руски разузнавач, за кого се верува дека побегнал во Москва пред да бидат уапсени сите петмина Бугари.
Британската страна верува дека тој бил врска на бугарската петорка со руските тајни служби. Како лидер на Бугарите се означува Орлин Русев кој ги добивал наредбите од Марсалек.
На задача и во Црна Гора
Тие двајца испитувале како да се користат мобилните податоци во базата на САД, додека други двајца (Иванова и Бисер Џамбазов) ги снимале системот за безбедност на базата, со распоредот на безбедносните камери и бројните сензори.
Обвинителите откриваат и комуникација на руската страна со Бугарите, на Телеграм, од кои се гледа дека Москва ги предупредувала од можноста да бидат откриени , поради засиленото дејствување на германскто контраразузнавање, откако беше провалена разгранетата мрежа на руска шпионска активност на германска територија.
На процесот во Лондон, се разбра дека бугарските шпиони дејствувале и во Црна Гора, во реонот на градот Будва, каде биле испратени од Москва да следат човек, за кого Русите тврдат дека бил „странски агент“.
Ваквата активност ( на Иванчев и Иванова) на црногорска територија се одвивала во јануари и февруари 2022 година, непосредно пред инвазијата врз Украина.