„Патриотите“ и „предавниците“ казнуваат различно
Република Северна Македонија како општество е екстремно поделена. Станува збор за процес на поделби кој започна со осамостојувањето на државата, а го осмисли националистичката партија ВМРО-ДПМНЕ, во своите ери на владеење, доведувајќи до екстремност во времето на апсолутистичкото владеење на бегалецот од правдата – Груевски.
Националистите форсираат поделби
Почетокот на поделбите кај македонскиот народ беше инициран со тезата за „патриоти и предавници“.
Демек, „патриоти“ биле вмровците, кои ги „бранеле“ македонските национални интереси, идентитетот, историјата и јазикот, а „предавници“се сдсмовците, кои ги „продавале“ националните интереси! Паралелно со ова, под диктат на „најмакедонската партија“, се одвиваа поделби во сите други сфери од општествениот живот.
И додека ДПМНЕ ( партијата го има узурпирано ВМРО) ги форсираше поделбите исклучиво за политичко профитирање, победи на избори и зачувување, или освојување на власта, партиско и лично богатење, внатрешните односи внатре во партијата и меѓу најголемата вмровска и кај поситните, едно време отцепени партии, се хармонизираа.
Сите кои одлетаа, мадро си се вратија во своето националистичко јато.
Внатре партиски проблеми
Од другата страна на политиката, СДСМ не форсира општествени поделби, туку се залага за едно општество за сите, што значи еднакви права, без разлика на политичката, националната, верската и секоја друга припадност.
Затоа, пак, проблеми им се случуваат внатре во партиските односи.
Станува збор за необјасниви и суетни причини: поранешните не ги признаваат актуелните партиски раководства, третирајќи ги како неспособни да го продолжат тоа „што тие (наводно) успешно го работеле“.
Односно дека не знаеле што е социјалдемократија (а тие знаеле!), па, дека го немало „скопското крило“, па уште и тоа дека – „сељаците“- ја узурпирале партијата. Конечно, дека владеел некаков струмичкиот, или клан од друг град, како само Скопје да е Македонија!?
Лидерите прават свои партии
Од вакви и слични причини, низ времето, на СДСМ му се случија пребегнувања на екс-претседатели и високи функционери кои формираа нови партии.
Тоа се, двајца екс-претседатели (П. Гошев и В. Бучковски, а можеби се и тројца – сметајќи го и Б. Црвенковски, прикриено), еден висок функционер – претседателски кандидат (Т. Петковски), како и еден друг функционер/градоначалник (М. Димитриевски, од движењето ЗНАМ, зад кое, според познавачи на приликите, стои Б. Црвенковски.
Некои затоа ја нарекуваат „бранковистичка“, бидејќи негови блиски луѓе станаа први луѓе на ЗНАМ и на власта, а тој јавно ниту го потврди, ниту сериозно го демантираше.)
Овие партии со своите пропаганди и негативни кампањи и одзедоа многу гласови и углед на избори на матичната партија (единствено доблесна остана поранешната претседателка Р. Шекеринска, која не формираше партија а таа, како Заев и Ковачевски, остана во партиските редови).
„Шарените“ ги казнуваат своите
Во едни вакви услови и контексти, доаѓаме до основната поента: Како партиите на „патриотите“ и „предавниците“, нивното членство и симпатизери ги казнуваат своите лидери, функционери и партии?
„Патриотите“, колку и да се огорчени и не се согласуваат со политиките и потезите на своите, кога се на власт или во опозиција, секогаш гласаат за својата партија и – никогаш не ја казнуваат!
Прислушуваните разговори за криминали и насилства, кои ги слушаа со своите уши, по линија на најмал отпор, ги третираа како „сечени, лепени, жолти комбиња и слични небулози“.
Доказ е фактот дека на парламентарните избори на крајот на 2016 година, веднаш по прислушуваните разговори, обвиненијата од Специјалното јавно обвинителство и „шарената револуција“, „патриотската“ освои две пратенички места повеќе од „предавничката“ партија. ДУИ меѓутоа им го уништи задоволството да останат на власт.
Дел од „предавниците“ (членови на партијата, симпатизери и дел од „шарените“) во казнувањето на „своите“ , пак, беа немилосрдни, па дури и по цена партијата да пропадне!
Децата ја јадат револуцијата“
Тоа се виде на локалните и, особено, на последните парламентарни избори. Дел, пред се, од екс-функционерите, даваа пример на членството на СДСМ да гласаат за други, или да не излезат на гласање, правејќи се можеа партијата да загуби на изборите и тие да кажат дека биле во право.
Некои од „шарените“, па и цели невладини организации, поради неостварените лични амбиции и суетата кон некои нивни, кои добија фотелји во власта, беа, исто така, ригорозни кон СДСМ.
Според историската законитост дека „револуцијата ги јаде своите деца“, но и обратно, „дека децата ја јадат револуцијата“ – децата што дојдоа на власт во времето на СДСМ и децата што не добија фотелји во власта, заедно, ја „изедоа револуцијата“, но и ја подјадоа партијата.
Затоа, партијата што ги имплементираше „лесно ветените брзини“ и неостварените „очекувања“, беше драстично казнета на последните локални и парламентарни избори – пред се од своите, а дури потоа од противниците.
Вмровците во скутот на ВРЕДИ
Вмровската националистичка партија во предизборието декларираше предизборна „Платформа 1.198“. Сега, по неколку месеци, очигледно е дека станува збор за неостварливи проекти. На билбордите за сто дена владеење, беше напишано дека за сто дена биле остварени, не само сто, туку и повеќе проекти.
Реалноста покажува дека повеќе станува збор за афери, лаги и китења со туѓо перје, кои на Северна Македонија и нанесоа огромни штети во односот со стратегиските партнери, соседите, но и внатре во државата.
Уште во стоте дена на вмровската влада со коалицијата ВРЕДИ и ЗНАМ, која веднаш се виде дека е двоглава, ја напаѓаа СДСМ дека „седела“ во скутот на ДУИ.
Сега, меѓутоа, ситуацијата е полоша.
Порази на „победниците“
Министрите на ВРЕДИ си држат свои владини консултации, не присуствуваа на меѓувладината средба со Србија, бараат паралелна МАНУ, го глорифицираат косовскиот премиер, си ја играат својата партиско-националистичка игра.
Групација на „патриотите“ голта кнедли и молчи за вистинските „успеси“ во неколкуте месеци на власт. Премиерот се фали дека по седум години порази, почнале да нижат победи! Кога зборува за поразите, веројатно мисли на нивните поразителни седум години во опозиција.
Единствена вистинска победа им е онаа на изборите. За другите, можеби мисли на победите на фудбалската репрезентација и на именувањето на Р. Шекеринска, како што беше речено во медиумите- „Македонка за заменик генерален секретар на најмоќната и најорганизирана алијанса во историјата“. Но, тие не се дел од нивните победи.
Притоа, заборавија на ветувањата дека ќе ги врателе името и гордоста. Наместо тоа, уште од првите денови на власт, станаа станаа најголеми „северџани“ – како што вмровците посмешливо ја нарекуваат својата држава- Северна Македонија.
Плаќење сметки за лековерноста
„Предавничкиот Преспански договор“, стана генијално решение и терк за Спогодбата со Бугарија.
Ги прелажаа пензионерите со пензиите, административците и професорите со платите, ставија рампа на зголемувањето на минималната и просечната плата, со контроверзниот кредит од Орбан го зголемија јавниот долг од 55 на 65, а буџетскиот дефицит на 4, што се опасни проценти…
Очигледно, тоа е цената на купувањето на лојалноста на сиромашните гласачи и на најбогатите тајкуни за локалните избори…
И покрај голтањето вакви крастави жаби, вмровското членство и симпатизери ќе си останат на позициите да прифаќаат се и да не ги казнуваат погубните политики на својата партија. Иако многумина од нив се свесни дека тие, заедно со сите други граѓани во Северна Македонија, ќе го плаќаат цехот за својата лековерност.
Манчо Митевски
(Авторот е новинар и публицист)