Русија бара мигранти-за наталитет
На Русија силно и се потребни мигранти за подобрување на „напрегнатата“ ситуација со демографската состојба и со наталитетот во земјата- рекол Дмитри Песков, во интервју за државната агениција РИА Новости.
„Мигрантите се потребни затоа што живееме во најголемата земја во светот , но во неа има малку население„- изјавил Песков , еден од најблиските и најлојалните соработници на Владимир Путин, кој 24 години е портпарол на Кремљ- исто толку колку што неговиот шеф е на власт во Русија.
Најлошо во последните 30 години
Во 2023 година, стапката на наталитетот, според руската агенција Росстат , изнесувала само 1,41 дете по жена во нејзиниот фертилен период, што е далеку од стапката која е потребна за обнова на населението.
Според државните податоци, меѓу јануари и септември оваа година, во Русија- земја со околу 130 милиони жители- се родиле 920 илјади бебиња-што е намалување од 3,4 отсто во споредба со претходната 2023 година.
Станува збор за најлошиот демографски податок во последните 30 години.
Освен тоа, Русија се соочува со тешки загуби во луѓе на фронтот што самата таа го има создадено со агресијата и со војната во соседна Украина. Западните проценки се дека досега , во изминатите илјада денови војување-руската страна има преку 400 илјади загубени војници.
Нема промовирање живот без деца
Она што сега Песков го опишува како „напрегната демографска ситуација“ , во јули годинава тој и Кремљ го нарекоа како – катастрофална состојба, со наталитетот во земјата.
Новата реакција на портпаролот на претседателот, доаѓа само една недела по усвојувањето на законот со кој се забранува промовирањето на живот без деца.
Проопозициски медиуми ( од странство) за ваквата состојба ја обвинуваат „апсурдната војна“ во Украина, нискиот стандард во Русија, но и големиот одлив на младите со одење на Запад- за подобар живот и бегство ( на мажите) стравувајќи од можноста да бидат регрутирани во војната.
Мигранти имаше, но избегаа од војната
Конечно, младите бегаат во странство , или не сакаат да бидат родители, во земја каква што е сега путинова Русија. Дури и децата на руската политичка елита, се на Запад, без намера да се вратат и да живеат во земјата каде се родени- вклучувајќи ја и ќерката на Песков.
Тој сега зборува дека „руските власти можат да го поздрават доаѓањето на мигранти во Русија“.
Не зборува, меѓутоа, дека голем број мигранти од Индија и Шри Ланка, како и од Куба, дојдоа пред неколку години во Русија, но со интервенција на своите влади избегаа , откако беа испраќани во војната против Украина.