„Српска Спарта“ контра Нови Сад
Над дваесет илјади луѓе ( велат дека тоа е досега најмасовен протест во Нови Сад) излегоа на улиците на административиот центар на Војводина, за да ја изразат жалоста за смрта на 14 лица, врз кои се урна настрешницата од штотуку обновената железничка станица.
Но и гневни на власта во Србија која гради скапи јавни објекти, без или со наместени тендери, без потребната експертиза, без добивање употребна дозвола, или што ќе рече – без потребните гаранции дека тоа што е изградено и тоа што е темелно санирано, е безбедно за користење.
Кинези и Унгарци
Гневот беше зголемен и затоа што новосадската железничка станица ја санирала кинеска компанија, а надзорот го има преземени унгарска фирма, на тамошните новосоздадени тајкуни, сите блиски на режимот на Виктор Орбан, наместо некои од бројните српски фирми кои сигурно можеле да ја завршат работата.
Онака како што тоа можеле да го направат и пред 60 години, кога домашни градежници ја имаат изградено станицата.
Уште повеќе што, за обновата на станиците државата на Кинезите им има платено дури 70 милиони евра, а за надзорот не се знае, затоа што јавноста нема достап до ваквите податоци.
„Убиство извршено од власта“
Затоа протестот од пред една недела во Нови Сад предизвика силен гнев во војводинската јавност, лугето бараат (конечно) власта да поднесе сметка за сите свои популистички градежни проекти, за трошењето преголеми пари за кои се сомнева дека одат за политичко подмитување, но и за неподнесувањето одговорност.
Од тие причини српската опозиција тврди дека смрта на 14 невини граѓани не е обична несреќа, туку дека станува збор за „убиство извршено од власта“ на Србија.
На таквото обвинување, сега, се додава и она што се случуваше во Нови Сад, откако протестот завршуваше.
Кога наеднаш избувнаа насилни протести на „гневниот народ“ кој се нафрли врз зградата на Градската куќа , а подоцна и врз седишто на владеачката СНС партија на Александар Вучиќ.
Претседателот го заштитува знамето
Три часови траело дивеењето на насилниците и исто толку време огромните полициски сили не реагирале, да го запрат насилството, во текот на кое сепак имало апсење. Тоа го правеле полицајци во цивили, но и „човечиња со дуксери“, кои ги приведувале оние кои се расправале со ваквата полиција, бранејќи ги напаѓаните цивили. Никој , меѓутоа, не знае кои се овие луѓе.
Верзијата за „неместена и режирана претстава со уличното насилство“ во јавноста се објаснува со тоа што немирите нагло престанале кога во партиските простории на владеачката СНС, се појавил шефот на државата.
Објаснувањето за појавувањето на Вучиќ , во доцните вечерни часови- било наводното „газење на српското знаме“ , иако новосаѓани велат дека нема знаме пред Градската куќа и дека тоа ,сепак, не е причина за појавување на претседателот.
Критикувајќи го притоа што за една недела од уривањето на настрешницата, не нашол за потребно да го посети местото на несреќата.
Организација на организирани тепачи
Конечно, опозицијата, дел од медиумите и граѓаните инсистираат дека немирите биле местенка за опозицијата – за да таа се обвинува дека и една несреќа се користи за политички цели.
Се покажа дека насилниците не биле дел од оние 20.000 луѓе на протестот, туку дека станува збор за доведени партиски тепачи, или како што некои таа вечер ги имаат наречено- за нови „недиќевци“ – српски квислинзи од времето на Втората светска војна. Или за своевидна „преторијанска гарда на власта на Србија“.
Опозиционерите објасуваат дека имаат препознаено некои од оние кои со безбол палки, со камења и со метални шипки уништуваа дел од фасадата на Градската куќа, но и на канцеларијата на СНС во Нови Сад- пред очите на полициските сили.
Се откри дека во наводниот „народен гнев“ главни биле припадниците на милитантната, националистичка организација „Српска Спарта“, познати како организирани тепачи, поврзани и со некои навивачки групи во Нови Сад и Белград.
Фаланга од Панчево
Тоа е крајно-десничарска група која власта веќе ја има користено за правење нереди кои биле потребни за политички цели- за да и се напакости на проевропската, демократска опозиција- која се залага за една поинаква Србија.
Според медиуми, „Српска Спарта“ е регистрирана во Панчево, како „здружение на љубители на спортот“, но дека задружението кое себе се нарекува и „Фаланга“, всушност, е расадник на тепачи и насилници.
Во нередите од минатиот викенд, лидери на српската опозиција ги имаат забележано и некои од водачите на „фалангата“ меѓу кои има и етнички Македонци кои таму живеат.
Во меѓувреме, оставка поднесе министерот за градежништво Горан Весиќ, од кого македонската јавност претходно разбра дека Србија , во соработка со вмровците во Скопје, го има блокирано балканскиот Коридор 8.
Медиумите во Белград, пак, открија дека во јули, помпезно отворената (реновирана) железничка станица во Нови Сад, нема дозвола за користење.
(Д.Б.)