Кеми Баденок лидер на британските конзервативци
Британската конзервативна партија, која 14 години беше на власт, а на изборите во јули годинава доживеа тежок пораз, избра нов лидер. Тоа е Кеми Баденок (44) која на тоа место го замени поразениот Риши Сунак и ја презеде функцијата лидер на опозицијата.
Баденок е првата африканка која застанува на челото на најстарата британска партија. Таа е родена во Лондон , но по потекло е од Нигерија, од каде се нејзините родители и во оваа африканска земја го има поминато поголемиот дел од своето детство.
Во владата на Сунак таа ја имаше функцијата министерка за трговија.
Ториевец со африканско потекло
По професија, новата ториевска лидерка е софтверски инженер, а како политичарка се залага за слободен пазар, што е типично за конзервативците и за ниски даноци.
Во првата изјава новата лидерка на опозицијата порача дека „ ќе ја преобрати, одново ќе ја покрене и ќе ја репрограмира Британија“.
Наспроти очекувањата, поради своето потекло, таа е противник на инсистирањето на мултикултурализмот и важи за противник и на т.н. воук култура. Односно, таа се спротивставува на лугето со африканско потекло кои инсистираат на тоа дека се онеправдани.
Но на самиот почеток, Баденок се има соочено со критики и осуда во британската јавност, тврдејќи дека „сите култури не се исти“, како и поради изјавата дека надокнадата за родителството е премногу висока.
Британија назадува 14 години
Во изборната трка за нов лидер таа го победи Роберт Џенрик. Во гласањето учествувале 100 илјади членови на Конзервативната партија. Тие бараа нов човек, откако Риши Сунак, ториевец со индиско потекло, го доживеа најтешкиот пораз на комзервативците после 1832 година.
На јулските избори партијата загуби над 200 пратенички места и сега има само 121 пратеник во Долниот дом од над 600 пратеници.Се смета дека нејзиниот избор е компромисно решение, направено во очајничкиот обид да се покренат ториевците по тешкиот пораз.
Пред Баденок, затоа, стои големиот предизвик да го врати угледот на партијата која се соочуваше со долга криза, започната со изнасилената одлука за напуштање на ЕУ, поради што се изменија дури петмина лидери на партијата и исто толку премиери.
Но, и за да се врати респектот кон ториевците, од бројните скандали и афери во годините на нивното долго владеење, како и од драстичното назадување на Британија, кое велат, трае цели 14 години.
Следните парламентарни избори се предвидени за летото во 2029 година.
Четвртата лидерка
Кеми Баденок е четвртата жена- лидер на британските конзервативци, познати во домашната јавност како бастион на машкоста во политиката.
Прва беше Маргарет Тачер која „машки“ ја водеше и партијата и земјата 12 години, добивајќи го прекарот „Челичната леди“, која беше соборена со партиски пуч, изведен од нејзините машки соработници- министри во владата.
Другите две премиерки по неа не се прославија- Тереза Меј беше соборена од нејзиниот министер за надворешни работи Борис Џонсон, а неговата наследничка Елизабет ( Лиз) Трас доживеа политичко фијаско- лидер и премиер беше неполни два месеци.
(Д.Л.)