Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Американците меѓу ветувањата и реалноста

Американците меѓу ветувањата и реалноста

Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп (78) – најстариот  поранешен, жив претседател на САД- постар од него е само стогодишниот Џими Картер- е првиот кој  одново  се кандидира за да се врати во Белата куќа.

Воден од инаетот и своето уверување дека пред четири години, инаку уверливо поразен од Џо Бајден, тој победил на изборите и дека неговата наводна „победа“ му била открадната- од демократите.

Во финишот на годинешнава изборна кампања, одржувајќи ја атмосферата дека е жртва на минатите избори, тој се обидуваше да им се додвори и на  обичните Американци , претворајќи се во ѓубреџија, продавајќи сендвичи и танцувајќи, делувајќи  смешно за годините што ги има, само за да се прикаже како човек од народот.

Харис против Трамп

Станува збор за нешто што тој  никогаш не бил, како набрзина станат милијардер и екс претседател во еден мандат, затоа што и за неговите подржувачи важи како арогантен, самобендисан човек, убеден дека освен што е богат , треба да биде и лидер на САД. Не крие, притоа,  дека сака да владее како деспотите во светот на кои им се восхитува.

Наспроти него, како кандидат на демократите, е една жена, се уште актуелна потпретседателка на државата, Камала Харис, уште и потомок на имигранти против кои Трамп војува, настојувајќи (одново) да ја покрене на своја страна, расистичка Америка, онаа која сонува за некаква „бела супремација“.

Згора на тоа и познат како „предатор“ на жените, верувајќи дека за нив не би требало да има место во политиката, веројатно, за да седат дома и да одгледуваат деца- забранувајќи им го правото на абортус и на тоа само тие да одлучуваат за своето тело. Сето тоа од човек кој веќе е познат во САД по своите скандали со „жени со лесен морал“.

Валканата игра на републиканецот

Трамп од почетокот ја дисквалификува Харис и како жена и како потпретесдателка, а и како негов противник во изборната трка, иако таа е угледен поранешен државен обвинител на Калифорнија- која многу подобро од него ги знае правото и правните работи.

Како втор човек во државата, таа секако, е упатена многу добро во надворешно- политичките состојби во кое е инволвирана Америка, како што се актуелните воени судири- оној во Европа, со војната во Украина и на Блискиот Исток, во војната на Израел против Хамас и Хезболах во Либан- и двете организации силно врзани за Иран.

Генерално гледано, затоа, од неа е нормално да се очекува да оди по зацртаната линија на Бајден и на неговата администрација, во која и таа е дел, но Харис на неколкупати укажа дека таа не реплика на Бајден, посебно во домашната политика. 

Политика од минатото

Трамп, пак, правејќи се дека се разбира во светската политика- како поранешен претседател- без разлика што така не мислат низа негови поранешни најблиски соработници, меѓу кои и двајца советници за национална безбедност- односите во светот би ги решавал  сам- со Владимир Путин.

Според начинот на кој тоа се правеше во времето на Студената војна- преку „црвениот телефон“ меѓу Кремљ и Белата куќа.

Тоа се правеше пред 40 години, па можеше и да функционира во еден биполарен свет, што го сонува и деспотот од Русија, кој не може да го прежали СССР.

Но, тогаш ја немаше една Кина, каква што е таа денес. Индија беше неврзана земја, Бразил беше далеку, а Иран беше зафатен со себе си. Конечно, тогаш и Москва беше една од големите сили, а денеска не е тоа.

Русија одново се меша во изборите

Затоа, кога станува збор за надворешната политика, Харис и ветува на Украина дека нема да ја остави на милост и немилост на руските војници, меѓу кои сега има и севернокорејци- веројотно прикажани како „доброволци“, без разлика што не се знае што таа како претседател може да му даде на Зеленски.

Трамп, меѓутоа, е вљубен во Путин ,  кој и на овие избори, затоа силно му помага,  продавајќи и дезинформации и фалсификати на американската јавност. Сепак, успеа да го наметне впечатокот дека тој со „царот“ од Кремљ ќе се договорат, како да ја запрат војната што Русија ја започна , на тој начин што ќе ја распарчат Украина. 

Така веруваат гласачите на Трамп, како што покажува една анкета во „неговата“ Флорида, но факт е дека тоа е далеку од реалноста и е само мамка за изборите. Во Киев од сега велат дека тоа е како „правење сметка без крчмарот“, а така мисли и Европа. Посебно земјите од некогашниот комунистички Исток- без орбанова Унгарија.

Страв од постизборно насилство

Американците, пак, за овие избори, не ги интересира надворешната политика, како што тоа го интересира светот- загрижен за тоа кој ќе ја води Америка во следните четири години. Домашниот свет го интересираат што ќе биде со земјата и каква ќе биде САД, односно што ќе се случува во неа.

На само неколку денови пред гласањето- четворица од десет Американци признаваат дека стравуваат од резултатите, односно стравуваат од можноста изборните резултати да бидат оспорени, со предизвикување насилство.

Тоа е особено забележливо во т.н. колебливи сојузни држави, што може да биде и пресудно при броењето на електорските гласови. Станува збор од стравот дека може да се повтори 6 јануари 2021 година и дивеењето на трамповите приврзеници од политичкото подземје на ултрадесничарска и расистичка Америка.

Трамп се заканува со апсење

Други стравуваат од евентуалната победа на републиканците, односно од  одмаздата и апсењата со кои се фали Трамп  – дека ќе ги апси сите кои се огрешиле и му се замериле, околу неговото тврдење дека му ја „украле“ победата пред четири години.

Тоа значи дека – за прв пат досега- битката Харис/Трамп е во сенката да биде оспорувана околу финалните резултати. Посебно затоа што и во последните денови од кампањата разликата меѓу едниот и другиот остана минимална. Тоа некои го објаснуваат и со однесувањето на самиот Трамп и неговото преправање во сметлар и во уличен продавач на хот-догс.

Републиканецот покажа и сега дека е валкан играч, па се обиде во Џорџија ( една од колебливите држави) да бара рачно броење на изборние ливчиња, а не машинско. Федерален судија тоа го отфрли, но од сега е фрлена сомнеж врз оваа држава, за која агресивниот Трамп тврдеше дека била направена измама пред четири години.

Мултиполарен свет или изолационизам

Во финишот на кампањата и двата кандидати не споменаа ни збор за светските состојби, но Трамп ги нападна (овој пат) Порториканците, навредувајќи ја нивната држава како „остров на ѓубретари“, фалејќи се дека ќе враќа илегалците таму од каде се дојдени.

Но и тоа и се припишува на изборната реторика и на ветувањата кои ( во Америка) не може да го направи и еден политички насилник, каков што е Доналд Трамп.

Америка, во секој случај, влегува во изборниот процес поделена како никогаш досега.И за домашните теми и за надворешните.

Посебно што Камала Харис заговара мултиполарен свет, предводен од  САД, а Трамп зборува за самоизолирање на Америка како во времето од пред Втората светска војна. На воодушевување на путинова Русија и на Кина.

(О.У.)

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе