Црна Гора во ЕУ до 2028 година ?
До крајот на оваа година Црна Гора може да затвори дури четири поглавја од нејзиниот преговарачки процес за влез во ЕУ и затоа треба да биде горда, со своите постигнувања на европскиот пат- има речено претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен, за време на посетата на Подгорица.
И додека во Северна Македонија, по мајските парламентарни избори – вмровците и нивните сојузници – се горди со своето антиевропејство, со блокадите што овие лажни патриоти ги направија во своите први 100 денови на власт, раскарувајќи се и со Брисел и со САД и со соседите (освен со Србија), Црна Гора е горда со својот напредок кон Европа.
Горди во назадувањето
Што ќе рече дека додека во македонскиот случај се бележи назадување на државата, само поради партиската определба да се запре напредокот што го постигна претходната влада, па тоа да се квалификува како успех на новата власт, со што измамените гласачи треба да се гордеат, во црногорскиот случај гордоста е врзана за забрзанот подем на земјата на европскиот пат.
Затоа оваа најмала екс ЈУ република сега се третира како „успешната приказна од Западен Балкан“ и како главен кандидат да биде првата од регионот, која како 28 земја-членка ќе влезе во Унијата.
Во Подгорица е определен и рокот за тоа- до крајот на 2028 година, или за нешто над три години, броејќи од сега, а претседателката на ЕК силно ги има охрабрено.
Според неа станува збор за амбициозен план, за што треба да се продолжи со работа, ветувајќи и на Црна Гора „секаква подршка“ за забрзано зачленување на земјата во Унијата.
Подгорица со рок за ЕУ
Владата во Подгорица соопшти дека во наредните две години, целосно ќе се посвети на европскиот интеграциски процес, ветувајќи дека земјата ќе може да биде подготвена за влез во ЕУ во 2028 година.
Ваквата амбиција, единствена толку силно искажана од една земја кандидат во регионот, според црногорскиот премиер се заснива на волјата и на спремноста која постои во Црна Гора- како во јавноста, така и меѓу политичките партии- за влегување во Унијата, во роковите што веќе ги има одредено ЕУ за сите кандидати.
На тој пат – до 2030 година за сите од Западенн Балкан- Црна Гора, според Брисел е отидена најдалеку, затоа сега важи за најсериозен кандидат, прва да се најде во елитното европско друштво.
Пред сите другите во регионот
На тој пат земјата ја претрча и Србија која продолжува со својата сакам-несакам политика кон Европа, со седењето на две, три столчиња, со одбивањето да ја усклади својата надворешна и безбедносна политика со европската, што има првостепено значење за некој кој сака да биде дел од ЕУ.
Како и ги среди своите односи со Косово, што не е и не значи признавање на новата балканска држава, очекувајќи за тоа да добие сигнал и одобрување од Москва.
Од таму нема да добие таква подршка додека руската страна не се испазари за тоа да и се признае окупацијата на дел од Украина , како завршена работа, па во меѓувреме кокетирасо антизападниот сојуз Брикс и чека Трамп во Америка да победи на изборите.
Во случајот на Црна Гора постои основа да се верува дека Белград е силно инволвиран во полтичките состојби во земјата, со свои луѓе во власта, со мешањето на СПЦ, со инсистирањето на српството и српскиот карактер на државата.
Партиски консензус за Европа
Земјата ,сепак, и покрај сите овие бранувања и нејзиниот мултиетнички карактер, остана на европскиот пат- ниту еднаш не откажувајќи се од тоа да биде во ЕУ, работејќи на своето ускладување со еврпските стандарди, правејќи компромиси каде тоа беше потребно и определувајќи се да биде првата земја од регионот, членка на Унијата.
Сето тоа е сосема различно од она што се случи и се случува во Северна Македонија, која после еден голем чекор напред кон ЕУ ( со претходната влада),прави два, три чекори назад од Европа.
Гласачите во Црна Гора, неколку пати покажаа дека „шетаат“ од една партија до друга, но секогаш станува збор за партија која е за влез на нивната земја во ЕУ.
Антиевропско гласање
Тоа во македонскиот случај не е така, затоа што гласачите на последните избори , добро знаеја дека сојузот на „груевистите“- вмровци и на „бранковистите“ отпадници од социјалдемократијата, е против Европа, ЕУ и Западот и против секакво правење компромиси, иако со тоа им се прави штета на државните интереси.
Тоа, велат , ќе не направело да бидеме горди и ќе значело дека (одново) сме си ја вратиле државата- која никој не сака да ни ја земе.
Гордоста, меѓутоа, заврши уште во првата недела од новата власт, а целосно се урниса, соголувајќи ја лажната пропаганда на изборните победници, во првите сто денови водење на државата.
Сите ја претрчаа Македонија
Таквото изборно определување и антиевропската реторика на националистичката десница, поткрепена со целосниот неевропски наратив на медиумите, сведено само на броење на „непријателите“ , ја оддели Северна Македонија од Црна Гора, со која бевме на брзата патека кон ЕУ, а ја оддели и од Албанија.
Колку за потсетување – кога Македонија доби кандидатски статус ( како ФИРОМ) за влез во Унијата, Бугарија и Романија не беа во ЕУ, Црна Гора не беше независна држава- беше дел од „мини Југославија“ на Слободан Милошевиќ, додека Хрватска беше „ниту на небо, а ниту на земја“ по завршената војна.
Во тоа време, наместо храбро да се тргне кон Европа, како први по Словенија, Македонците влечеа „црвени линии“ и настојуваа да ги убедат сите дека минатото е онакво како што тоа ние мислиме.
(С.Г.)