Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Шкотланѓанецот што ја растураше Британија

Шкотланѓанецот што ја растураше Британија

Поранешниот прв министер на Шкотска и лидер на сепаратистичката Шкотска национална партија (СНП), Алекс Салмонд,  ненадејно почина во Охрид, во Северна Македонија, каде престојуваше   на меѓународниот форум за културата на дипломатијата.

Салмонд починал за време на ручекот во хотелот каде престојувал. Имаше 69 години.

Според лекарските екипи, овој шкотски и британски политичар починал од  силен срцев удар. Во овој заклучок верува и британската страна, но  лондонские медиуми пишуваат дека за причината на смрта ќе се знае по аутопсијата што ќе се направи во Британија.

Живот посветен на Шкотска

Британските политичари и медиумите, според добро познатата традиција во тамошната политика, достоинствено и со почит зборуваат и пишуваат за политичарот што ќе остане запаметен во шкотската и британската политика како – човекот што ја растураше Велика Британија.

Кралот Чарлс има речено дека станува збор за политичар кој целиот живот и го има посветено на Шкотска, а британскиот премиер Кир Стармер за Салмонд зборува како за исклучителна политичка личност.

Сите притоа се согласуваат дека – без разлика на неговата цврста определеност за отцепување на овој дел од Британија и за повторното создавање на независна Шкотска- што ја разбранува Британија и ја подели шкотската јавност- станува збор за  „политички гигант,“ како што пишува проториевскиот весник „Дејли Меил“.

Референдум за независнист во 2014 

За него се зборува како за човек и политичар кој својата радикална политика, што значеше растурање на Обединетото кралство, ја наметна како главно политичко прашање за Шкотска и за Британија.

Исто онака како што една мала, маргинална, сепаратистичка партија , каква што  беше СНП, уште од триесетите години на 20 век, ја издигна до водечка сила во шкотската  политика. 

Успеа да ги порази британските лабуристи кои 50 години доминираа  како водечка партија во тој дел од Британија.

Му појде од рака да ја распали аферата „перови за пари“  (доделување  благороднички титули на партиските донатори на лабуристите), што го означи почетокот на крајот на Тони Блер и да го убеди конзервативниот премиер Дејвид Камерон, да прифати, во 2014 година , да се одржи првиот референдум за независна Шкотска.

Обединување со Англија

Беше убеден дека неговата земја (најпосле) одново ќе биде независна и самостојна држава- членка на ЕУ и на ОН- иако независноста ја има загубено пред повеќе од 31о години, на барање на самите Шкотланѓани.

Дотогаш независна држава, Шкотска  запаѓа во финансиска криза, соочувајќи се да банкротира, па од Единбург стигнала понуда во Лондон, двете земји да се обединат. Шкотланѓаните се согласиле да ја прифатат англиската круна, да се вклучат во англискиот Парламент и да имаат една валута и една заедничка влада.

Така е создадена новата држава Велика Британија во која Шкотланѓаните продолжуваат да го користат и своето знаме (Ендријувиот крст), но стануваат лојални Британци и поданици на британската круна.

Во изминатите три века тие имаат дадено   голем придонес во британската историја, наука, економија и култура- иако никогаш (велат) се немаат откажано од сонот да си ја вратат назад независноста.

Без подршка за отцепување

Битката за отцепување на Шкотска, Алекс Салмонд ја има започнато поенергично од сите  другите ,пред него. На  почетокот сето тоа делуваше како однапред загубена работа. Се веруваше дека Шкотланѓаните се веке доволно долго Британци- како државјани- за да го растураат заедничкото живеење од кое и тие имаа полза. 

Салмон, меѓутоа, трпеливо има работено на сепаратизмот, посебно настојувајќу за тоа да ги првлече младите, па на таа основа успеа да ја направи СНП водечка партија  ( во Шкотска) и политички фактор кој почна да ја загрижува и Англија и владата во Лондон.

На негова страна застана и прославениот актер Шон Конери, кој со другата актерска шкотска ѕвезда Брајан Кокс даваа пари за СНП и за сепаратизмот на  Салмонд.

На референдумот пред десет години, меѓутоа, Салмонд доживеа пораз- 45 отсто од шкотските гласачи се определија за отцепување, а 55 за тоа  Шкотска да остане дел од Британија.

Задоцнети отстапки на Салмонд

Референдумот не успеа , иако Салмонд во последен момент правеш цела низа отстапки.

За тоа дека земјата ќе остане во НАТО, дека независна Шкотска ќе остане лојална на британската круна, дека нема изместување на британското нуклеарно оружје ( лоцирано во Шкотска).

Во временскиот цајтнот тој зборуваше дека  ќе  се направи спогодба со Лондон за нафтата во Северно море, за која тврдеше дека е сано шкотска,  како и тоа  дека независна Шкотска нема да се откаже од фунтата и да се префрли на еврото, како што тоа порано го заговараше.

Не успеа Салмонд да ги увери сите луѓе, велат,  само затоа што противниците на отцепувањето тврдеа дека нема смисла да се растура Британија за да Шкотска биде во ЕУ, кога земјата веќе е во Унијата, како дел од Обединетото кралство.

Обинување за сексуално вознемирување

Освен тоа,  штедливите Шкотланѓани се исплашија да ќе бидат во проблеми со стандардот, ако се отцепат (Единбург примаше тогаш, а и сега добива, по десет милијарди фунти, како помош од Британија за позабрзан развој).

Салмонд во меѓувреме се најде во една афера- непристојна за него- за сексуално вознемирување на своите соработнички, па во екот на истрагата, новиот лидер на СНП и прв министер Никола Старџен, го исклучи од партијата.

Истрагата не најде докази за „непристојното однесување“ на долгогодишниот лидер, но тој гневно се пресмета со Старџен, својата долгогодишна партнерка во борбата за независност и создаде нова партија Алба ( според римското име за Шкотска).

Сепак, не успеа да повлече на своја страна повеќе од двајца пратници на СНП.

„Брегзит немаше да се случи“

Како лидер на партијата  Алба тој присуствуваше на конференцијата во Охрид. Непосредно пред да почине, има зборувано токму за шкотската борба за независнист , за СНП и партискиот  успех кај гласачите, како и за демократските начела врз кои се засниваа и борбата за независност и референдумот.

Според него, референдумот,  сепак,  ја повреди  Англија, но  и нанесе штета и на  Шкотска и на тамошното расположение на луѓето околу иднината на земјата.

„Доколку  успеевме, на референдумот од пред десет години, Камерон секако немаше да остане британски премиер, но сигурен сум дека Брегзит немаше да се случи“- има речено Аликс Салмонд на своето  предавање на дипломатскиот форум во Охрид.

(Д.Л.)

 

 

 

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе