„Унгарците не би војувале против Русите“
Балаш Орбан (велат дека не е во сродство со унгарскиот премиер), инаку, висок функционер во премиерската канцеларија и советник на Виктор Орбан, предизвика гнев во домашната јавност со својот коментар за октомвриските настани од 1956 година и тогашнаиот бунт на Унгарците против наметнатиот советски комунизам во Унгарија.
Всушност, Орбан -советникот, има зборувано за Украина, за нејзината борба со руската агресија и за борбата на Украинците со Русите, повторувајќи ги тврдите антиукраински ставови и позицијата на премиерот Орбан.
„Лекцијата од 1956 година“
За наводната грешка на Киев што се спротивставува на руската инвазија, инаку, со ништо не предизвикана, трпејќи и натаму жртви и огромни разурнувања, објаснувајќи дека Будимпешта тоа не би направила- затоа што Унгарците веќе имале едно искуство од своето минато.
„Секоја земја има право самата да одлучува за својата судбина, но Унгарија не би тргнала да војува против агресорот, што е лекција која ние ја имаме научено од настаните во 1956 годдина“- рекол Балаш Орбан , сугерирајќи ја познатата „мировна лекција“ од посредништвото на Виктор Орбан, што тој го продава на Украина, на ЕУ, на Европа и на Западот.
А, тоа значи предавство и капитулација на Украинците, пред Русите и пред Владимир Путин и прифаќање на окупацијата на скоро 20 отсто од украинската територија и на откажување од исто толку од државната територија.
Проруско вазалство на Виктор Орбан
Сето тоа само за да може Виктор Орбан да го оправда своето вазалство кон Москва и посебно кон Кремљ, што е поголемо и помачно од оние 33 години од унгарскиот комунизам, што траеше по неуспехот на анти советската револуција во 1956 година.
Станува збор за проруското вазалство на Орбан-премиерот кој својата политичка кариера , во годините по падот на комунизмот и распадот на СССР, ја има изградено врз неговиот анти-комунизам и анти руските чувства, создадени од минатото, кое сега тој и неговиот советник, го интерпретираат како Русите тогаш да биле ослободители, а не агресори.
Ваквата позиција на Орбан-советникот, унгарската опозиција ја има пречекано „ на нож“, па сите опозициски лидери бараат оставка од советникот.
„Владата би им ја дала Унгарија на Русите“
Новата ѕвезда на опозицијата Петер Маѓар, поранешен висок функционер на орбановата крајно десничарска/ националистичка партија Фидес, има изјавено дека со една ваква изјава се навредени и издадени илјадници загинати и убиени унгарски борци за слобода, за она што овој Орбан, сигурно, не би го направил.
Лидерот на Демократската коалиција на левиот центар, пак, има речено дека владата на Виктор Орбан не само што не би се спротивставила на една руска агресија, туку дека, едноставно, би им ја предала Унгарија на Русите- да прават со неа што сакаат.
Тоа е истиот Орбан-премиерот кој својот антиевропски национализам и војувањето против демократските принципи на ЕУ, го прикажува како некаков патриотизам, кој се покажува дека е- и нечесен и лажен – затоа што е мотивиран само од политички интереси.
Смалена Украина но голема Унгарија
Во прашање е политичар кој постојано зборува за времето кога „Унгарија била голема, а западните сили ја свеле на сегашната територија“, присвојувајќи притоа, како унгарски земји цели делови од Романија, Украина и Словачка, како и од Словенија, Србија (цела Војводина) и од Хрватска (Славонија и делови до морето, се до јадранското пристаниште Риека).
За оние кои имаат заборавено, или не ја знаат европската историја, верувајќи му на еден Виктор Орбан, во октомври 1956 година во Унгарија избувна анти-комунистичка револуција , насочена против наметнатиот советски тоталитаризам.
Бунтовниците кои брзо ја презедоа контролата врз Будимпешта, бараа демократија во земјата и излегување на земјата од Варшавскот пакт (воен блок на СССР и на сите негови сателитски држави од Источна Европа), создавајќи и привремена, демократска влада со Имре Наѓ како премиер.
Брутална советска агресија
Но, после три недели, Русија со своите тенкови извршија агресија врз Унгарија и ја задушија револуцијата.
Над 2700 Унгарци беа убиени, а други дваесет илјади беа ранети. Преку 200 илјади побегнаа од земјата, а следните три децении Унгарија остана комунистичка земја.
Во сурово задушениот бунт, Русите крваво им се одмаздија на оние кои Москва ги означи како предводници на бунтот, па стрелаа 230 унгарски слободарски борци.
Беше ликвидиран и Имре Наѓ кој претходно се сокри во амбасадата на тогашна Југославија, од каде беше брутално одведен.
(Б.У.)