Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Војна и на руска територија

Војна и на руска територија

Претседателот на Украина Володимир Зеленски потврди дека војската на неговата држава војува и на руска територија, во реонот на пограничната  област Курск, како и дека веќе има под своја контрола 74 локалитети.

Станува збор за сосема нова ситуација во војната, откако во февруари 2022 година , Русија изврши инвазија врз Украина, а потоа окупира  20 отсто од источните делови на земјата, кои илегално ги анектира, прогласувајќи ги како „руска земја“ и дел од замислениот путинов „руски свет“.

Односно, од она што тој го гледа како некаква ревитализација на поранешниит СССР,  целосно ставен под контрола на Москва.

Навлегување во областа Курск

Но, пред една недела, неочекувано за домашната и меѓународната јавност, како и за Кремљ и стратезите на рускиот претседател, Украина започна операција контра Русија, навлегувајќи со својата војска на руска територија , во пограничните делови, предизвикувајќи бегство и евакуација на десетици илјади цивили.

Официјален Киев сега за прв пат открива дека Украинците веќе имаат под своја контрола над илјада квадратни километри од руската територија.

Притоа, извештаите од теренот покажуваат дека украинската војска, засега, продолжува и да напрадеува и да ја одржува запоседната позиција, што ги збунува европските воени аналитичари.

Нејасни целите на операцијата

Прво, за тоа која е целта на операцијата и навлегувањето на украинските трупи во Русија, додека во исто време, на Истокот од Украина продолжуваат борбите и настојувањето на Русите да ја окупираат целата територија на Донбас и на реоните кои Москва си ги прогласи за свои, а се уште не се под целосна руска контрола.

Од друга страна, нејасно е „смотаното“ однесување на руската страна која како да е целосно затечена од украинската операција и како да не знае -што да преземе.

Има мислење дека освен изненадувањето, објаснување за брзото запоседнување на руска територија, од украинска страна, е последица на „премореноста и заситеноста на Русите од војната“.

Замислена во Кремљ како операција што во Украина ќе трае и ќе заврши една недела, а најмногу две- агресијата се претвори во исцрпувачко и бесцелно војување во кое власта се повеќе ги губи симпатиите на домашната јавност, а земјата трпи големи загуби во луѓе и воена техника, без да се направи позначаен продор.

Алиби за мировни преговори ?

Затоа се прават разни проценки – за тоа што ќе следи понатаму.

Едно мислење, кое на некој начин е потврдено и во Киев, е дека навлегувањето во областа Курск е изведено за да се натера Русија да повлече дел од својата војска на украинска територија, за да ја брани својата државна територија.

Друго, пак, е насочено кон тоа дека Русите ги „пуштаат Украинците да навлезат подлабоко“ за да потоа ги заобиколат и ги поразат- принудувајќи ги на тој начин на воена капитулација.

И зад едното и за другото мислење се верува дека стои желбата и на двете страни за барање некаков изговор за почеток на вистински преговори, иако не се знае како тие би се одвивале, кога двете страни имаат поставено „црвени линиии“ кои се спротивставени.

„Разбирање за руските барања“

За Русија тоа е прифаќање ( од страна на Киев) на „новата реалност“ што ќе рече- откажување на 20 отсто од украинската територија. Односно, откажување на Украина од  влез во ЕУ , како и во НАТО. За Украина, пак, тоа е инсистирањето за повлекување на Русите од сите окупирани територии, па потоа да имс преговори за траен мир.

Има забелешки дека , сепак, нешто се движи и кај двете страни, а тоа е дека (наводно) има знаци за спремност за компромис ( каков и да е ). Никој не се осмелува да зборува за тоа, освен што Кремљ има изјавено дека во последно време украинската страна “покажува разбирање за руските барања“,

Во меѓувреме, се продолжува со вообичаената реторика. За Москва ( како впрочем и за русофилскиот свет) украинската операција и навлегувањето во областа Курск е „западно масло“ и дека без тоа тешко дека Киев би тргнал во контраофанзива и тоа на руска територија.

Пропаганда на Кремљ

Станува збор за вообичаена путиновска пропаганда за да и се објасни на домашната јавност, која се уште верува дека Путин ја брани земјата од странските непријатели. Како по правило тоа се „оние од Западот“.

Западните сојузници на Киев, како и НАТО и ЕУ, меѓутоа, молчат за операцијата и за тоа што таа треба да донесе. Освен дека Украина има право да се брани и да ја брани својата територија и со контра офанзива и тоа дека „војната се враќа таму од каде тргна- во Русија“

Во Вашингтон се огласи портпаролот на Националниот совет за безбедниост- Џон Кирби кој на некој начин му прати порака на Владимир Путин, -што некои западни медиуми ја оценуваат како „провокација“ за рускиот претседател.

„Порака“ од Вашингтон за Москва

Суштината е дека наместо нудење пропаганда, со обвинувања за оние кои не е се виновни- тврдејќи дека „Западот ја координира украинската операција“- она што Путин треба сега да направи е да ја прекине војната.

Според Кирби – единствените кои ја водат војната во Украина  се само Русите. Во прашање е руска војна против една независна и суверена држава, па затоа решението е – да се повлечат руските трупи од украинската територија.

Сето ова, инаку, се случува во време кога  американски сенатори (демократи и републиканци) се наоѓаат во Киев. Тие го уверуваат Зеленски дека кој и да е на власт во Вашингтон- САД остануваат цврсто на украинската страна, затоа што во оваа војна се бранат слободата и  демократијата-  во Украина и во Европа, но и во светот.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе