Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Дезинформација за ултрашко оргијање

Дезинформација за ултрашко оргијање

Една цела недела, Британија, а пред се, Англија беа зафатени од насилнички протести на крајната десница и на англиските националисти и расисти. Четириесетина полицајци беа потешко и полесно повредени, а над 300 насилници беа уапсени.

Во текот на дивеењето во Сандерленд, Бристол, Хал, Стоук, Болтон и Блекпул, но и во Ливерпул, Манчестер и Лондон, беа напаѓани џамии, беа запалени продавници на муслимани, како и автомобили по улиците.

Снимки од уличните безбедносни камери откриваат дека разулавена толпа белци, напаѓа азијати-муслимани и црнци кои мирно се движат- доколу ги најдат да одат сами.

Злосторство на 17 годишен криминалец

Изгледаше дека полицијата во сите овие места не може да се справи со оргијањето на ултра-десничарите. Ситуацијата стана алармантна откако се разбра дека азиската (исламска) заедница и локалните млади Курди, во градот Стоук,  почнаа да се  организираат за одбрана на своите сонародници од белото насилство и на џамиите.

Колку што се знае, до меѓуетнички и меѓурасен судир, сепак, не дојде, но и по смирувањето на состојбата на улиците, остана силната напнатост и недовербата меѓу англиските староседелци и доселениците, иако повеќето од нив се одамна во Британија.

Насилствата почнаа на 29 јули, кога еден млад локален криминалец, влезе во  танчерскиот клуб во местото Саутпорт и со нож нападна и уби три девојчиња, на возраст меѓу шест и девет години. Други шест останаа повредени.

ЕДЛ против сите мигранти

Шокот и жалоста за жртвите кај локалното население, предизвика тие  да протестираат , барајќи заштита од ваквите напади.

Нивниот гнев, меѓутоа, го искористи крајно-десничарската и националистичка организација ЕДЛ ( Англиска одбранбена лига) која веднаш ги повика своите милитантни членови на одмазда за убиените деца- за почеток напаѓајки ја локалната џамија. Не помогна тоа што имамот го осуди убиството.

Никој во тој момент не знаше кој е напаѓачот што  полицијата брзо го откри и го уапси. Но расизмот и исламофобијата веднаш експлодираа, па дел од англиската јавноста ја прифати  приказната дека – убиецот е муслиман.

Во една таква атмосфера, ултра-десничарите  протестираа и против новата, лабуристичка влада, но главното беше дека ЕДЛ е против сите мигранти- било од каде  да се и без разлика на нивната религиска определеност.

Диверзија на „Канал 3-Њуз“

Ултрашите ја ширеа својата омраза и ксенофобија на социјалните мрежи, повикувајќи ја јавноста и конзервативните, десничарски определени Англичани кои инаку во овие места гласаа и за Брегзит, да им се приклучат во пресметката со дојденците.

Во тоа помогна, покренувајќи го бранот од немири и насилство, еден маргинален веб-сајт, познат како „Канал-3 Њуз“ кој ја објави лажната вест дека напажачот во Саутпорт е – муслиман и еден од бегалците кои нелегално влегуваат во земјата.

Вистинскиот напаѓач, меѓутоа, не е исламски бегалец. Се вика Аксел Рудакубани и е роден во Кардиф, во Велс, во 2006 година. Неговите родители се дојдени од Руанда и долги години живеат и работат во Британија.

Интернет ја рашири лажната вест

Лажната вест , или свесно направената дезинформација на веб страницата, сепак, брзо ја прифатија разните блогери, а пред се оние познати по постојаното ширење стории за разни заговори.

На тој начин, ваквата вест предизвика , веб страницата која досега имаше едвај три илјади корисници-  сега да биде отворена и прочитана  дури од 27 милиони Англичани- според прегледите на интернет.

Англиската одбранбена лига и разните потикнувачи на насисилство , така предизвикаа- едно изолирано злосторство ( мотивот не е се ушт познат) да се претвори во ултра-десничарско дивеење на улиците низ англиските градови.

И, да покаже дека Англичаните, па и Британците,  не се така толерантни кон доселениците и воопшто кон мигрантите, како што тоа настојуваат да изгледа- кога се гледа од надвор на работите.

Министерска ксенофобија

Односно, дека односот кон миграцијата има подлабока заднина и не се однесувал само кон дојденците од земјите на ЕУ, поради кои Велика Британија ја напушто Унијата, па сега жали за таа своја стратешка грешка.

„Фајненшал Тајмс“од своја страна,  ја искористи ситуацијата со дивеењето на десничарите, за кои се мисли дека се маргиналци во британското општество, за да укаже дека ксенофобијата ја има запалено една министерка. Контроверзната шефица на Хоум Офисот Суела Брејверман, инаку родена од родители доселеници од Коморските острови.

Поставена за министерка од  поранешниот премиер Борис Џонсон, во бившата влада на ториевците , таа почна прва да зборува за – инвазијата од доселеници во Британија- што сега го користеа ултаршите од ЕДЛ.

Таа беше и силен подржувач за планот за префрлање на азилантите во Руанда, во Источна Африка.

Сомнежи за руска замешаност

Последниот конзервативен премиер Риши Сунак, чии родители се доселеници од Индија, ја тргна од владата, но и неговите зборови дека „мора да се запрат бродовите“ за икегално влагување во Британија, стана слоган на ултра-десничарите и англиските националисти.

Проториевскиот „Телеграф“, пак, го истражува веб сајтот „Канал-3 Њуз“ и ги открива неговите „чудни патишта“ од формирањето до сега. Почнал во 2012 година, како страница која објавува прилози- на руски јазик. Сега се вели дека (наводно)  е сопственост на двајца Пакистанци, а домеин на  страницата  е Литванија.

Сето тоа, според „Телеграф“ – почнува да мириса на руско масло. Москва и онака ја има на удар Британија, поради нејзината силна подршка на Украина.

(Д.Л.)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе