Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Бајден истуркан од претседателската трка

Бајден истуркан од претседателската трка

Актуелниот американски претседател Џозеф (Џо) Бајден одлучи да се повлече од изборната трка за Белата куќа, за изборите во САД, во ноември оваа година.

Тоа го објави во соопштение преку Инстаграм, од својaта приватна куќа во сојузната држава Делавер, каде се наоѓа во карантин, заразен со корона вирусот.

Што знчи дека нема да има повторување на двобојот со Доналд Трамп, како во 2020 година, што демократот Бајден уверливо го доби, освојувајќи тогаш  најмногу народни гласови, во американската политичка историја.

Нема преседан во откажувањето

Откажувањето на претседателот од трката за втор мандат, во секој случај, не е никаков преседан, ниту пак се случува за прв пат.

Сите такви случаи во минатото поминувале без  некоја драматизација и без детална елаборација – зашто актуелниот шеф на државата не се бори за нов четиригодишен мандат.

Во случајот со Бајден, меѓутоа, се направи грда претстава ( во медиумите пред се)  за тоа – дали го бива, или не, 81 годишниот политичар – која со недели ја организираа и ја потикнуваа  одделни структури  во демократската партија.

Тие на секакoв начин  се трудеа да го прикажат   човекот , безмалку, неспособен да работи. Иако за тоа немаа, а ниту понудија некаков доказ- односно некаков валиден лекарски или медицински наод.

Грда претстава на демократите

Однесувајќи се, притоа,  сосема различно од досегашната пракса на американските демократи , кои секогаш знаеле да ги  збијат партиските редови , кога имало проблеми.

Најдобар пример за тоа е во случајот со скандалот со Бил Клинтон и неговите лажни јавни изјави за врската со Моника Луински, спасувајќи го од импичмент.

Излезе така  дека  актуелниот претседател на САД, во случајов, буквално,  беше истуркан  од изборната трка од  неговите демократи. Не од противикот кој продолжува да се прикажува како  вечно млад со своите  78 години, сокриваќи ги притоа своите бројни лапсуси во јавните настапи.

Токму демократите – (велат дека тоа се  некои од донаторите за изборната кампања, од политичката елита, дури и од тие кои се возрасни колку и Бајден, како и атрактивни  имиња од Холивуд) – и дотураа на јавноста, преку медиумите-  прозивки- да си оди од изборите.

Деградирање на претседателот

На тој начин, свесно го дисквалификуваа шефот на државата, како  некаков „отпишан губитник“, како „неспособен за функцијата“ претседател во втор мандат- обилно хранејќи ја позицијата на еден осуденик, престапник и неморален човек, каков што е Трамп.

При тоа, дисквалификувајќи ја и работата- инаку крајно успешна во одбраната на демократијата- дома и во светот-  на Бајден и неговата администрација, во изминатите 3,5 години.

Правејќи им на тој начин  услуга и на разните диктатори и деспоти низ светот- од Москва преку Пекинг се до ултрадесничрската дружина во Европа и на нивниот силен антиамериканизам.

Сето тоа, уште пред  да се одржи   националната конвенција на Демократската партија ( во август). Тогаш , секако, ќе  можеше да се изврши ударот против Бајден- ако тоа беше испланирано-без да се деградира како изматуфен претседател на САД, деградирајќи ја на тој начин и Америка.

Нечесниот потег на Клуни

Според тоа, Бајден се откажува од втор мандат за себе, не сакајќи да се подели партијата- за и против него- и не сакајќи САД и натаму да го губат престижот и угледот, занимавајќи се со неговата состојба, како да е болен на умирање.

Во истото време кога еден Трамп, самиот се промовираше- како победник,  но и како „вистинскиот човек“ за Белата куќа. Што е смешно, затоа што искуството од првите негови четири години покажува дека станува збор за најлошиот претседател во американската историја.

На некој начин, финишот на грдата кампања за да се истурка Бајден и да се најде друг кандидат- кој би го победел Трамп- започна со отвореното писмо на актерот Џорџ Клуни.

„Те сакам, ама повлечи се“

Во стилот- „многу те сакам и те ценам, ама повлечи се од изборите“ – актерот  кој едно време имаше и политички амбиции, се прикажа себе си како силен донатор за демократите и успеа да покрене и неколкумина други да реагираат во тој стил.

Се изрекламира дека обезбедил ( за една вечер) донација од 30 милиони долари и притоа дотури до медиумите дека  Барак Обама го има извлечено Бајден од сцената.

Се покажа, меѓутоа,  дека Клуни излажал, зашто неговите зборови не ги потврдија две други холивудски ѕвезди – Џулија Робертс и Барбара Стрејсенд кои како и него  ја воделе донаторската вечер.

Тој си заминал после 30 минути и не можел да види дека Бајден останал 1,5 часа на донаторската вечера, враќајки се од пат и дека  никој не го „извлекувал од сцената“.

Потоа, се откри дека брачната двојка Клуни/Амал ,( таа е  американска Либанка и силен промотор на Палестинците), е во судир со бајденовата администрација и со него .

Пред се, затоа што САД  застана  силно зад Израел по крвавиот терористички напад на Хамас, во кои беа поубиени околу две илјади Израелци, што госпоѓата Клуни, адвокат за човекови права, не го има осудено.

Приказни без докази

Потегот на актерот покрена лавина од „откритија“ за наводната неспособност на Бајден.

Се  измисли  дека е болен од Алцхајмерова болест, па потоа дека на Самитот Г-7 се изгубил , па мораше да демантираат британскиот и италијанскиот премиер, потврдувајќи дека целата приказна е- наместена и монтирана.

Дури и Самитот на НАТО во Вашингтон, медиумите кои го соборуваа Бајден го ставија во функција на неговата дисквалификација.

Тоа го натера новиот британски премиер да објаснува дека со претседателот на САД повеќе од еден час имал сеопфатен и исцрпен разговор во четири очи. И да додаде-  дека претседателот  сигурно може да одработи и втор мандат.

Се јави тогаш некој паметен меѓу демократите, за да побара разните демократски политичари да престанат со пуштање анти-Бајден вести- барем додека трае Самитот.

Бајден за Харис

Џо Бајден на крајот реши да дигне раце, па  ја промовираше потпретседателката на САД Камала Харис за кандидат за демократската номинација. Најави дека тој ќе го одработи до крај својот мандат, до 20 јануари 2о25 година , и по тоа (веројатно) ќе замине од политиката.

Се повлекува после повеќе од половина  век работа како конгресмен и сенатор, па во два мандати потпретседател  на Америка ( со Обама) и еден мандат како шеф на државата, успевајќи да ги закрпи дупките во поделената земја, што ги  создаде Трамп.

Навести дека по излегувањето од карантин  ќе им се обрати на Американците. Остануваа уште да се види дали ќе го зачува гневот кон  своите демократи за , најблаго речено, нефер односот кон него.

Медиумите  сега  тврдат дека тој бил лут на ветеранката Ненси Пелоси екс Спикер на Конгресот  (која е повозрасна од Бајден) затоа што била зад елиминацијата на претседателот.

Барак Обама, пак,  за кого се вели дека на крајот застанал зад партиските  бунтовници, сега го прогласува  потегот на Бајден како – врвен  патриотски чин.

Нешто што сите државници низ светот го истакнуваат изразувјќи му почит на Бајден. Како гест со кој државните интереси на САД се ставаат пред  личните амбиции.

(О.У.)

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе