Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Трамп ќе го апси Марк Цукерберг

Трамп ќе го апси Марк Цукерберг

Доналд Трамп кој е убеден дека ќе ја добие глатко номинацијата на американската републиканска партија, за ноемвриските претседателски избори во САД, верувајќи дека ќе се врати во Белата куќа, уште од сега, јавно се заканува дека – ќе апси и ќе казнува.

Одмазничкиот список (веројатно) е голем и во него ќе се најдат сите кои не се по вкусот, на човек со карактер каков има Трамп.

Одмазда кон „бесрамниците“

Но, сигурно е дека со одмаздата ќе бидат опфатени и оние кои се имаат „огрешено“ кон него , во врска со неговото лажно обвинување дека изборите во 2020 година, кои инаку уверливо ги загуби од Џо Бајден, биле „наместени“-  за да тој биде поразен.

На списокот на „виновниците“ така се најде и Марк Цукерберг,  сопственик на компанијата „Мета“ и социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм, меѓу другите, со кого постојано налутениот Трамп е во неколкугодишен судир.

На својата социјална мрежа Truth Social екс претседателот се заканува дека „изборните измамници“ ќе ги поапси и ќе ги стави во затвор , кога ќе биде избран за претседател.

За сите овие ( не се наброени) и за Цукерберг, њујоршкиот милијардер Трамп вели дека се „обични бесрамници“- фалејќи се  дека сигурно ќе бидат казнувани.

„Во затвор на подолго време“

„Се што можам да кажам е дека ако бидам избран за претседател, ќе ги прогонувам сите измамници на досега не видено ниво во Америка. Сите ќе бидат пратени во затвор на подолго време“- има напишано Доналд Трамп.

Во едно поранешно писание  , на истата социјална мрежа, тој го обвинува Цукерберг за „изборна измама“ – градејќи си уште една приказна- создадена врз извештаи на десничарската ТВ мрежа Фокс Њуз која е силно на неговата страна.

Основачот на Фејсбук е обвинуван  од Трамп како кандидат за претседател  дека  има дадено два милиони долари на изборната комисија во сојузната држава  Џорџија која (наводно) потоа извршила измама при броењето на гласовите.

Тврди дека за тоа имало и истрага,  која не била процесуирана, иако уште пред безмалку четири години, ниту ФБИ, ниту министерството за правда, а ниту судовите во оваа сојузна држава и Врховниот суд на САД, немаат откриено ниту еден доказ дека постоела било каква изборна измама.

Срамна пресуда на Врховниот суд

Наместо тоа, отворена е постапка против самиот Трамп за неговиот обид да изврши пуч за да се поништат изборните резултати од 2020 година и за да се спречи смена на власта.

Протрамповиот Врховен суд на САД, во меѓувреме,  истурка една срамна ( за Америка) пресуда со давање  имунитет на Трамп за овој случај, ставајќи го претседателот над законите и практично промовирајќи принцип дека тие не важат за него, што е спротивно на американскиот  Устав.

Конечно, настрадаа неколкумина од неговите адвокати и советници кои ја бранеа измислената приказна  за „фалсификуваните избори“, меѓу кои најлошо помина некогашната ѕвезда на републиканците Руди Џулијани, а ѕвездата на Фокс Њуз, Такер Карлсон беше истеран од работа, за подршката на тезите на Трамп.

Обвинувања без основа

Сопственикот на ТВ мрежата, пак,  мораше да и плати отштета на компанијата која ги изработува машините кои ги бројат изборните резултати. Над 880 милиони долари плати Руперт Мардок затоа што неговиот новинар, по паметот на Трамп и Џулијани ја обвини компанијата дека била дел од „ изборната измама“.

Што се однесува до Цукерберг – нема никаков доказ дека неговите донации за изборите во 2020 година, на било кој начин се сомнителни.

Како што се без основа и сомневањата за резултатите во Џорџија, една од т.н. клучни сојузни држави , што ги форсираа само Трамп и неговиот штаб.

Останува нејасно зашто неизбраниот претседател , уште од сега „беси и коле“ – кога за тоа ниту има мандат, а ниту може тоа да го прави во земја со независен правосуден систем, каков што е американскиот.  Уште повеќе- зашто му е потребен ваков „маркетинг„ на своевидно страшило, кога тој постојано зборува дека сигурно ќе победи.

Трамп сака диктатори

Тоа дека ќе ги апси и суди- сите кои нему му се огрешиле- само покажува каков е републиканскиот претендент за изборите кои со ваквото однесување ја има ставено под своја контрола републиканската партија.

Тој затоа и наликува на еден Владимир Путин , уште зборувајќи дека тој ќе ја решел војната ( во Украина)- без да каже дали ќе го апси и „царот“ од Кремљ. Наликува со својата реторика и  на еден Си Џинпинг, семоќниот лидер на НР Кина, со таа разлика што Кинезот воопшто не зборува- само казнува.

Сега се покажува дека беше во право Хилари Клинтон која за изборите 2016 година ( кога победи Трамп) изјави дека – тој е човек кој со Америка сака да владее авторитарно, па затоа се воодушевува од такви лидери низ светот.

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе