Советникот на Трамп без адвокатската лиценца
Врховниот суд на сојузната држава Њујорк му ја одзеде дозволата да работи како адвокат на Рудолф (Руди) Џулијани, поранешен њујоршки градоначалник, републикански политичар и адвокат и советник на Доналд Трамп.
Ваквата одлука на судот е донесен поради неговото учество во обидите на поранешниот претседател на САД да се меша во изборните резултати, во 2020 година, обидувајќи се тие да бидат поништени како (наводно) „нелегитимни и фалсификувани“.
Во служба на лагите на Трамп
Одземањето на лиценцата за работа стапува веднаш во сила. Тоа се смета за огромен удар и понижување за еден поранешен успешен градоначалник кој едно време важеше за политичка ѕвезда во искачување, па тој на неколку пати настојуваше да се избори и за номинација во републиканската партија за претседател на САД.
Наместо тоа, Џулијани сега се соочува со дополнителни обвинувања за – ширењето невистини и лаги за изборите од пред четири години, служејќи му крајно послушно на Трамп, кој одбиваше да го признае (инаку) убедливиот изборен пораз од Џо Бајден, упорно ширејќи ја приказната за тоа дека изборите биле „наместени“.
Одземањето на лиценцата да работи како адвокат е нов удар врз Џулијани кој поради замешаноста во лажните тврдења на Трамп мораше да објави и приватен банкрот.
Злоупотреба на адвокатурата
Продажбата на неговиот имот ( две куќи и стан) во Менхетен, не беа доволни да се покријат паричните казни и трошоците за загубените спорови од над 150 милиони долари. Не беше доволно богат за да може сето тоа самиот да го покрие. Неговиот шеф и милијардер (изгледа) не сакаше, или не можеше финансиски да го покрива.
Во образложението на пресудата,Врховиот суд на државата Њујорк забележува дека неговата вина е голема.
„Станува збор за флагрантна злоупотреба на неговата истакната адвокатска позиција, како правен советник и застапник на екс претседателот Трамп . Водеше кампања против изборните резултати, притоа намерно давајќи им лажни изјави на сојузните судови, но и на државните законодавци и на јавноста во Америка.
При тоа, (Џулијани) без основа го има напаѓано и поткопувано интегритетот на изборниот процес во САД“- се вели во образложението на судот за пресудата.
Потикнување судири
За Џулијани судот уште забележува дека – не само што свесно има прекршено неколку од најосновните начела на правната професија, туку тој свесно и активно има придонесено за судирите на национално (државно) ниво во Америка кои уследија по изборите во 2020, за што ниту еднаш се нема покаено.
Претходно, додека траеше постапката пред Врховниот суд, на Џулијани му беше суспендирано правото да се занимава со адвокатура. Одлуката на судот се однесува на сојузната држава Њујорк, но се верува дека таа брзо ќе се прошири на целата земја.
Руди Џулијани е најновата жртва на измислената и лажна кампања на Доналд Трамп по изборниот пораз за тоа дека тој , а не Бајден победил на изборите во 2020 година, како и дека победата насила му била одземена.
Наводно, во името на демократијата, поразениот претседател тогаш ги повика своите подржувачи од редовите на американското политичко подземје- ултра десничари, расисти и приврзеници на белата супремација- да го освојат Конгресот на САД.
Подршка на анти-уставните потези
На тој начин требаше да се спречи „изборната измама“, но потегот на Трамп, практично, беше повик на пуч, за да се поништат изборните резултати. Нешто што никој пред него во Америка го нема направено.
Во таа антиуставна постапка, Џулијани од почетокот до крајот беше со претседателот-пучист.
Ги одобруваше и ги потикнуваше сите незаконски постапки на поразениот републикански претседател кој -едноставно- не сакаше да ја напушти Белата куќа.
Дури во името н Трамп ја обвини и компанијата која ги брои изборните гласови- дека ги наштимувала машините за броење, за да победи Бајден.
По изрекување на пресудата портпаролот на Џулијани го обвини судот дека има донесено „политичка, идеолошка и корумпирана “ пресуда. Тоа се истите зборови со кои Трамп ја оспоруваше пресудата за корупција во случајот со порно-ѕвездата Сторми Даниелс.
(Д.А.)