НАТО со нов генерален секретар
Доскорешниот премиер на Холандија, Марк Руте е новиот генерален секретар на НАТО, откако неговата кандидатура ја потврдија сите 32 земји-членки на Алијансата.
Претходно, своето противење го објави (кој друг ако не Виктор Орбан) наводно затоа што Руте – во неколку наврати како холандски премие, ја има јавно критикувано внатрешната ситуација во Унгарија, во врска со авторитарноста на власта во Будимпешта, кога станува збор за почитувањето на европските правила и стандарди.
Марк Руте и Клаус Јоханес
Подоцна, меѓутоа, блокада се јави од страна на Словачка на левичарскиот популист Роберт Фицо, а потоа и од Романија, кога нејзиниот актуелен претседател Клаус Јоханес се јави како кандидат за првата функција во НАТО. Веднаш доби подршка од Орбан, но се покажа дека тој остана и единствениот кој застана зад романската кандидатура.
Кога Јоханес се повлече и за тоа ги има ивестено сојузниците, Орбан (и Фицо) се откажаа од правењето проблеми, инаетејќи се- па Руте можеше да биде и формално назначен за новиот генерален секретар на Северноатланската алијанса.
Во првата изјава тој порача дека НАТО беше и останува столб на европската безбедност и одбрана. Но, на новата функција тој доаѓа во едно критично време за ЕУ и за Европа, како и за Алијансата.
Критично време за Алијансата ?
На должност ќе стапи на 2 октомври, само еден месец пред претседателските избори во САД кои можат, иако не мораат, да ја обликуваат иднината на НАТО.
Доналд Трамп кој (најверојатно) ќе остане републикански претседателски кандидат, во својот познат стил на инаетење и заканување, има речено дека доколку стане претседател САД ќе останат во Алијансата.
Но, и натаму продолжува да се заканува дека ќе ја укине помошта за Украина. Продолжувајќи притоа со тврдењето дека може за 24 часови да ја заврши војната во Украина, не објаснувајќи ниту еднаш како ќе може тоа да го изведе.
Европски аналитичари, сепак, веруваат во Руте и во неговата способност за преговарање и за правење политички договори, со политичари од разни политичко-идеолошки блокови.
Долг пат до функцијата
Конечно, тој има поминато и долг пат до оваа функција- од најавата дека ќе се кандидира за прв човек на НАТО, уште во ноември минатата година, веднаш откако објави дека повеќе нема да се кандидира за премиер на Холандија.
Меѓутоа, Руте беше критикуван за својот „тврд однос“ кон Источна Европа- кога станува збор и за проширувањето на ЕУ, но по промената на тој став, беше осудуван и за подршката што ја има давано за контроверзниот проект „Северен поток 2“, со користењето руски гас.
Исто така му се забележува и тоа што како холандски премиер, долги 14 години, не успеа да обезбеди, богатата Холандија да издвојува 2 отсто од буџетот на земјата за одбраната, што е минимален процент за сите земји членки на НАТО.
„Холанѓанецот е вистинскиот човек“
Во секој случај, општа е оценката на европски политички и безбедносни експерти дека Марк Руте е вистинсиот човек за функцијата.
Посебно, во ова време кога на тлото на Европа се води војна, по руската инвазија на Украина и кога станува збор за заканата од агресивната политика на Москва – кон земјите од Истокот. Како кон оние од поранешниот СССР, така и кон некогашните советски комунистички сателити, сега сите членки на Алијансата.
Роден е во февруари 1967 година. Беше холандски премиер од 2010 година, секогаш правејќи коалиција за формирање влада, а лидер на Народната партија за слобода и демократија (ВВД) беше уште од 2006 година.
(С.Г.)