Ричард Гир „амбасадор“ на ЕУ
Американската филмска ѕвезда Ричард Гир ( и без да знае и без да сака) беше унапреден во амбасадор на мисијата на ЕУ во Скопје, од новиот министер за европски прашања, во владата на Северна Македонија, Орхан Муртезани.
Амбасадорската „промоција“ се случи по средбата и разговорите што министерот ги имал со (се уште) актуелниот амбасадор на Унијата во Скопје- Дејвид Гир.
Грешка во идентитетот
На таа средба, колку што се знае, станало збор за тоа дали новата вмровска влада, која не покажува амбиции за влез на државата во ЕУ, како претходната, вистински проевропска коалиција, која беше поразена од гласачите на изборите- останува и натаму на декларираниот европски курс.
Во изјавите по средбата, Муртезани има речено дека- „имал успешен разговор со амбасадорот Ричард Гир“- по што бил поправен од новинарите кои веднаш ја забележиле грешката.
На инцидентот, со „кисела“ насмевка реагирал амбасадорот Дејвид Гир, соочувајќи се за прв пат (во Скопје) со тоа да биде заменет со еден холивудски актер.
„Тоа се случува кога сте толку голем обожувач на познатиот актер Гир“- има напишано министерот на својата страница на Фејсбук, инсистирајќи дека станува збор само за ненамерна грешка.
Неискуство и неспремност
Веројатно е така, но случајот може да се гледа и од друг агол- од односот на новата неевропска влада и на нејзината посветеност кон ЕУ, со која вмровски активисти јавно се пресметуваат, обвинувајќи ја за она што требаше, а и сега треба да го направи нивната партија.
Да ги усвои т.н. уставни реформи за да земјата ги почне и официјално (сега од вмровците блокираните) преговори со Унијата за полноправно членство.
Други , пак, на тоа гледаат низ годините на министерот (роден 1984), кога актерот Гир веќе беше позната ѕвезда во Холивуд.
При тоа се потсетува дека наследникот на Дејвид Гир- како амбасадор во Скопје- е грчки дипломат и тој нема презиме на познат актер- за да се прават вакви грешки во идентитетот.