Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Обид за елиминација на претседателот

Обид за елиминација на претседателот

За прв пат во Америка се одржа предизборна дебата за претседателските избори во ноември, на самиот почеток од летото и цели четири месеци пред денот на гласањето.

Во дебатата пред времето на јавното дебатирање, инаку прв пат изведено уште во почетокот шеесетите години на 20 век- пред домашната јавност се соочија актуелниот претседател на САД- „остарениот“ Џо Бајден (81) и „младиот“ Доналд Трамп (78).

Анти-Бајден кампања

Но излезе дека дебатата не беше толку за да се видат политичките позиции на еден деклариран демократ и на еден конзервативен десничар-  новак во политиката и милијардер со амбиции да владее, туку за да се утврди кој делува како помлад, за да биде во Белата куќа. Не сметајќи тука само трите години разлика меѓу едниот и другиот.

Сето тоа направено во време на силната анти-Бајден кампања на десницата во САД ( и во Европа), во која се користат дури и монтирани снимки и невистинити приказни од јавните настапи и политички собири.

На нив  Бајден се прикажува како безмалку изматуфен и изгубен човек, кој наводно, не знае дури ни каде е. Дисквалификувајќи го на тој начин, како политичар, соговорник со другите во светот (посебно во Европа), а пред се, како кандидат на американските демократи за изборите на 5 ноември.

Сугестии за барање „нов човек“

Затоа и настапот на актуелниот претседател , во дебатата пред дебатите, на која беше неуверлив, наспроти (вообичаениот) силеџиски настап на републиканскиот претендент, беше силно искористен за дисквалификација и за елиминација  на Џо Бајден- како кандидат за реизбор, пред партиската конвенција во август.

Во таа кампања , според медиумите во САД, покрај десничарите и „некои нединетификувани донатори“ на демократите, се имаат вклучено и  демократски политичари  без идентитет, како и некои угледни весници , како што е „Њујорк Тајмс“.

Тие оценуваат дека Бајден „ не го бива“ , дека демократите треба да најдат нов човек (помлад и повитален), за да му се спротивстави на „виталниот“  Трамп, па како што прави весникот – му сугерираат на претседателот да се откаже од изборната трка.

Обама го брани претседателот

Се лицитираат имиња на демократски политичари , меѓу кои покрај сегашната потпретседателка се споменува дури и сопругата на Барак Обама, но не и тој, кога веќе еден бивш претседател (Трамп) одново сака да се врати во Белата куќа.

Обама, на пример, не загуби (уверливо) на избори, како милијардерот од Њујорк,  туку се повлече по двата едно по друго претседателски мандати, а сега енергично го подржува Бајден, отфрлајќи ги барањата за негово повлекување од трката.

Во меѓувреме, гувернерите на Калифорнија и на Мичиген, кои ги се ставаат на листата на можни „заменици“ за Бајден- се огласија со подршка за актуелниот шеф на државата.

Уште уверувајќи ја јавноста дека во дебатата, која свесно се потиснува, претседателот ги има истакнато сите прашања за кои неговата администрација се застапува и ги брани- дома и на меѓународната сцена- елаборирајќи одново зашто тоа се прави.

Абортусот, имиграцијата и Украина

А, темите беа прашањето на абортусот против кое се има определено Трамп, ( многу актуелно во јавноста на САД), откако стана јасно дека конзервативниот и про-Трамп Врховен суд на САД и служи на неговата десничарска политика.

Потоа и за имиграцијата во Америка, за ифлацијата која по корона пандемијата бавно се намалуваше, како и за економијата која сега засилено  заздравува.

На надворешен план , пак, тоа беше војната во Украина, по руската неиспровоцирана инвазија и војната во Газа.

Во дебатата во која и од двете страни имаше навреди и на лична основа, Бајден има почнато со зарипнат глас, како да е несигурен во она што го зборува, за разлика од арогантниот и агресивен Трамп.

Но,  во својот познат стил од претседателското време, овој покажа дека надворешната политика за него е непозната територија,  која ниту  го занима , ако  од неа нема некој личен интерес- (според неговиот екс советник Џон Болдвин).

Триесет лажни податоци на претендентот

Расфрлајќи се притоа со изјави – во стилот- ќе ја запрел војната во Украина за 24 часови- нормално, не кажувајќи како тоа ќе го изведе, сам и без другите актери. И изнесувајќи „цело море“ од лажни тврдења, невистини и лажни податоци.

Центрите кои ја испитуваат веродостојната на изнесените податоци, имаат утврдено дури 30 лажни тврдења на Трамп, што ги има изнесено во дебатата- дадени онака- од рака.

Помина  без внимание и објаснувањето од Белата куќа , дадено два дена пред дебатата, дека Бајден има настинка и дека неговиот глас е зарипнат. Затоа  од таму настапот на претседатело беше оценет како- успешен, затоа што прецизно беше изнесена и одбранета позицијата на владата за сите домашни и надворешни прашања.

Впрочем, за тоа и беше дебатата, а не за тоа кој и колку е подобен за претседател и ментално способен да ја води Америка.

“Не сум млад но знам и можам“

Самиот Бајден, подоцна има изјавено дека не е веќе оној од младите години на неговата 50 годишна успешна кариера, но дека добро ја знае својата работа ( како претседател), способен да ја обвавува функцијата и да ја брани и одбрани демократијата. Порачувајќи му притоа на Трамп дека тој , едноставно,  не знае што е тоа.

Конечно, како и да завршат конвенциите во двете партии – Доналд Трамп е веќе осуден за кривично дело- корупција- и тоа не може да се избрише. Без разлика каква ќе биде казната, како и  покрај дадениот (делумен) имунитет од „неговиот“ Врховен суд за настаните од 6 јануари 2021 година.

За тие бурни  денови и настани, тој останува заговорник против својата држава-  оној што се обиде да покрене пуч за да се поништи изборната волја на американските гласачи.

Американците, меѓутоа , по дебатата делуваат збунето и дури и исплашено од она што би можело да се случи доколку еден Трамп би бил избран за претседател.

Врховниот суд во служба на Трамп

Прво, затоа што и двајцата се најстарите претседателски кандидати во историјата на САД, а потоа дека две третини од гласачите стравуваат од можно насилство, ако Трамп почне да се одмаздува како што сега се фали, рехабилитирајќи ги  лажните „ бранители на демократијата“.

Анкетите , од друга страна, навестуваат изборна „мртва трка“. Гласачите  сметаат дека и обајцата не се „фит“ за функцијата, иако повеќе се загрижени за Бајден. Тој, меѓутоа, најави продолжување на кампањата во која делува мошне енергично, сосема различно од дебатата.

Експерти велат, дека настрана од обидот за елиминација на претседателот, таквиот процес, на четири месеци пред гласањето, не е ни малку едноставен. Освен тоа, доколку сега би се тргнал Бајден од изборната трка, на еден ваков начин, само би му се помогнало на Трамп лесно да победи.

(О.У.)

 

 

 

 

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе