Радев одби да го чека премиерот на Црна Гора
Бугарскиот претседател Румен Радев кој беше во официјална посета на Црна Гора, беше дел од инцидент во Подгорица, откако одби да го чека премиерот Милојко Спајиќ кој задоцнил на протоколарната средба во седиштето на владата- четири минути.
Спајиќ требало да биде домаќин на средбата со гостинот од Бугарија, која претходно, по дипломатски канали била закажана за 17 часот. Делегацијата од Софија била во закажаното време во зградата на црногорската влада, но го немало премиерот.
Во тоа време бил на друг состанок- што како се објаснува во Подгорица – траел подолго од предвиденото.
Непримерен гест
Радев и другите од делегацијата чекале четири минути , а кога Спајиќ не се појавил , бугарскиот претседател демонстративно си заминал од седиштето на владата на Црна Гора. Домаќинот на средбата (велат) набргу потоа се појавил, но можело да се сретне само со бугарските и црногорските новинари кои требало да известуваат од неодржаната средба.
Инцидентот за кој се вели дека е „само протоколарен“ а не е политички, предизвика силен публицитет во Софија и во Подгорица .
Но гласност има добиено и во белградските (проевропски) медиуми , каде му се замера на Спајиќ за (сепак) непримерниот гест. А, пред се, за грешката на неговиот кабинет кој не смеело никако да си дозволат – во исто време- едно по друго- премиерот да има две средби, различни по својот карактер.
Едната, поради која премеирот има задоцнето шест минути, била комерцијална. Станува збор за разговорите со туристичкиот гигант ТУИ , околу неговото влегување во црногорскиот туризам. Другата, е политичка и без разлика што таа ништо во моментот не одлучуавала , е мошне важна за Црна Гора на нејзиниот пат за Европа.
Црна Гора фаворит за ЕУ
Особено сега, после целосниот застој на реалацијата Белград – Брисел, врзано за политичката криза во Србија и блокадата во нормализација на односите со Косово, како и по изборната победа на антиевропскиот националистички блок во Северна Македонија.
Во овие услови, сега само Црна Гора важи за фаворит – прва да влезе во ЕУ, до 2030 година- термин што го определи ЕУ за сите од Западен Балкан.
Се смета, затоа, дека за партијата Европа сега, чиј соосновач е токму Спајиќ, е мочне важна блискоста и подршката од сите членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Бугарија. Според тоа, проценка е дека ваквиот гаф на премиерот на земјата кандидат за Унијата, може да и наштети на Црна Гора.
Посебно што станува збор за бугарскиот претседател Радев кој важи за надмен и тврд во градењето односи во соседството и во регионот, па затоа и забележливо е дека тој малку патува и уште помалку се среќава со западнобалканските лидери.
Милатовиќ контра Спајиќ
Во соопштението на владата за инцидентот, што го пренесоа локалните медиуми, има објаснување, но не се глада дека нема и јавно извинување до шефот на една држава, дојден во официјална посета.
Некои се обидуваат сето тоа да го покријат со „значењто на разговорите со делегацијата на ТУИ“ за што велат дека (сепак) биле поважна. Факт е меѓутоа дека повеќето аналитичари се согласуваат оти потегот на премиерот е – неодговорен и претставува сериозен пропуст.
Радев , инаку, ја има продолжено посетата на Црна Гора, со средба и разговори во Цетиње со претседателот Јаков Милатовиќ. Тој , пак, ја има искористено заедничката прес конференција со бугарскиот претседател за да јавно го критикува Спајиќ пред странски гостин, за неговото политичко дејствување.
Тоа е исто така невообичаено, затоа што се знае дека тие двајцата од поранешни сојузници сега се претворени во остри политички противници кои постојано се во некаков судир.
(Д.П.)