Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Албански Грк, стана европратеник

Албански Грк, стана европратеник

Градоначалникот на албанскиот град Химера, кој се означува како силно упориште на грчката етничка заедница во Албанија, на штотуку завршените избори за новиот состав на Европскиот Парламент е избран за европратеник на Грција, од редовите на грчката десно-центристичка партија Неа Демократиа (НД) на премиерот Киријакос Мицотакис.

Фреди Балери на евроизборите има освоени над 240 илјади гласови , што му овозможи да биде еден од вкупно 21 пратеник на Грција во Парламентот во Стразбур.

Кандидат како грчки државјанин

Правото да биде предложен за европратеник, во следните пет години, го има стекнато не како етнички Грк од Албанија, туку затоа што тој е и грчки државјанин и поседува и грчки пасош, а тоа го прави еднаков со другите кандидирани и избрани (грчки) европратеници на листата на Нова Демократија.

Партијата на Мицотакис која суверено владее на грчката политичка сцена , добивајќи редовно  силна подршка и во Северна Грција , победи на годинешниве евроизбори, па НД  во Европскиот Парламент ќе биде во партискиот блок на европските народни партии (ЕПП), кој и самиот е победник на изборите.

Случајот на Фреди Балери, меѓутоа,  е посебен , затоа што овој политичар од јужна Албанија се наоѓа во албански затвор, уште од мај 2023 година.

Пратеник од албански затвор

Тогаш беше уапсен и затворен, а набргу потоа и осуден од судот во Химера на две години затвор- обвинет за купување гласови  на минатогодишнните локални избори на кои се има кандидирано за градоначалник.

На тие избори Балери има освоено најмногу гласови, па беше избран за градоначалник на Химера, но со градот сега управува од својата затворска келија.

Албанските власти тврдат дека осуденикот бил фатен на дело- како им нуди пари на гласачите за да гласаат за  него. Во Атина, пак, се тврди дека обвинувањето е наместено и подметнато од властите, само затоа за да еден албански Грк не стане градоначалник во овој град.

Затоа на Нова Демократија и на Мицотакис не им пречи тоа што грчката европратеничка  група има еден затвореник во своите редови и уште повеќе што е припадник на грчкото етничко малцинство во Албанија. Згора на се и државјанин на Грција ( а тоа значи и на ЕУ) што го прави квалфикуван за да биде кандидиран и избиран за европратеник.

Обвинувања до Тирана

Случајот на Балери ги затегна и онака затегнатите грчко-албански односи, врзани за некои територијални спорни точки, но и околу почитувањата на правата на малцинството.

Во Атина осуденикот се третира како „жртва на неправдата“ кон албанските Грци и православни христијани од страна на Тирана. Тие се населени – речиси доминантно- во јужните делови од Албанија, во областа позната како  Северен Епир.

Со години на ред , луѓето од оваа етнича заедница  се жалат дека албанските власти не ги исполнуваат своите обврски, на кои инаку се обрзани и како земја кандидат за  влез во ЕУ. Имајќи ја секогаш подршката од Атина која знае да се заканува дека може да го блокира албанскиот пат за Брисел.

Криза во соседските односи

Во Тирана, меѓутоа,  ги отфрлаат ваквите обвинувања и тврдат дека Грција настојува да се одржува тензијата околу малцинските права, за да се притиска Албанија да направи некакви концесии , врзани за територијалните спорови- во јонското приморје , каде се верува дека има значителни  резерви од нафта.

Мицотакис, пак, во една поранешна изјава за случајот со Балери има речено дека албанската страна „ треба најпосле да почне да ги исполнува обврските кон грчкото етничко малцинство, а не само да дава празни ветувања“.

Фреди Балери, во меѓувреме, останува во затвор до мај следната година, од кога ќе може да и се приклучи на грчката пратеничка група во Парламентот во Стразбур.

(А.Т,)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе