Весли Кларк: Кушнер врши предавство на САД
Американскиот генерал Весли Кларк, кој беше на чело на НАТО за време на бомбардирањето на СРЈ, во 1999 година, изјави дека учеството на компанијата на Џаред Кушнер во изградбата на деловно-станбениот комплекс во Белград, на местото на зградата на некогашниот југословенски генерал-штаб, претставува чин на предавство кон САД.
Во изјава за Си-Ен-Ен , Кларк објаснува дека проблем не е тоа што зетот на Доналд Трамп, кој и самиот беше дел од поранешната американска администрација, како советник на претседателот за Блиски Исток, гради згради во главниот град на Србија, туку затоа што со договорот со српската влада се има согласено- покрај станбениот комплекс да се уреди и меморијален центар, посветен на- „сите жртви од агресијата на НАТО“ пред 25 години.
Нема агресија на НАТО врз СРЈ
„Прво, во време на бомбардирањето таа зграда беше празна и во нема никакви жртви. Второ, не станува збор за никаква агресија на НАТО, туку за кулминација на долгогодишното дипломатско настојување , да се натера српскиот диктатор Милошевиќ , да не ги убива сопствените граѓани, во делот од државата што се нарекува Косово“- има речено Кларк.
Според генералот, наивно е и загрижувачки да се постави споменик на „НАТО агресијата“ ( термин кој постојано го користи власта во Србија и српскиот претседател ) покрај еден деловен и комерцијален проект на приватна компанија од Америка.
„Тоа е вистинско предавство на САД и на храбрите пилоти кои учествуваа во кампањата , но и на силната кампања на разните дипломати кои учествуваа во напорите да се вразуми Милошевиќ и да се прекине неговата војна против косовското население, откако одби да го запре убивањето“- рекол Кларк.
Против нова војна на Балканот
Нападите врз косовските цивили, за да се спроведе етничко чистење во тогашната покраина, почнаа уште во 1998 година, кога беа ликвидирани 60 лица, сите членови на поширокото семејство Јашари, во кои како жртви имаше и жени и деца.
„За да се спречи тоа и за да се продолжи со војната во Косово, САД го испратија Ричард Холбрук , искусен дипломат и преговарач. Беше пратен и Кристофер Хил ( сега е амбасадор на САД во Белград), а и јас, самиот, на три пати се среќавав со Милошевиќ“- раскажува генералот- откривајќи дека „буквално го молевме да не почнува нова војна на Балканот, откако штотуку беше завршена војната во БиХ ( со Дејтонскиот договор)“.
Според Кларк, Милошевиќ ги одби сите сугестии и предлози, верувајќи им на Русите дека -„не треба да се плаши од НАТО и дека треба да дејствува така како што смета дека е исправно“. Српскиот водач остана на својот тврд став , исто онака како што тоа го правеше и во Рамбује , кога одби да преговара.
Целосно повлекување од Косово
Генералот Кларк објаснува дека во една ваква ситуација, НАТО немаше друга можност да спречи нова војна на Балканот, освен да го спречи започнатото етничкото чистење со постепена (воена) кампања, не оставајќи ја и тогаш дипломатијата на страна. На крајот – вели соговорникот на Си-Ен-Ен – го натеравме Милошевиќ да престане.
Бомбардирањата запреа во јуни 1999 година, со спогодбата од Куманово, откако српската страна прифати да се повлече од Косово. Генералот сега открива дека Американците и другите во НАТО биле изнендени кога се виде дека СРЈ/Србија целосно се повлече од Косово, не само воено, туку и политички и административно.
„Тоа, навистина не го очекувавме“- истакнува Кларк, затоа што договорот се однесуваше на повлекивањето на војската и на српските паравоени единици.
„Кушнер треба да се откаже“
Во секој случај, од тогаш, па до сега, Србија не се има соочено со режимот на Милошевиќ, со она што се случуваше во неговото време, кога тој самиот владееше со земјата и со луѓето во неа.
„А. тој го користеше национализмот против сите народи во поранешна Југославија, Тоа, за жал, стана модел што сега го користи Владимир Путин“.
Западот, според, генералот Кларк ,сега добро знае дека Русија ја користи Србија за сето она што го прави контра НАТО, но и против ЕУ, за да се расури нејзиното единство и за да ги дезориентираат Европејците. Затоа и инсистира дека правењето споменик/меморијален центар ( за да трајно се осуди НАТО) е дел дезинформациската кампања што ја води Кремљ против Западот.
„Затоа, добро би било кога Џаред Кушнер би се повлекол од еден ваков проект“- има речено за Си-Ен-Ен, генералот Весли Кларк.
(С.Г.)