Мардок во пети брак на 93 години
Америјанскиот медиумски тајкун Руперт Мардок се ожени по пети пат, на свечена церемонија на неговиот голем посед со лозови насади во Калифорнија. Мардок кој има 93 години се венча со Русинката Елена Жукова (67), биолог по професија која сега е во пензија.
Таблоидите во САД почнаа да пишуваат за новата врска на „вечно младиот“ Мардок , набргу откако тој ја раскина свршувачката со Американката Ен Лесли Смит, висок полициски функционер, пред една година.
Новата брачна двојка се има прв пат запознаено на една приватна забава, организирана од Венди Донг, инаку, поранешна сопруга на Мардок.
Најновата избраничка е Русинка
Тој досега се има женето со Австралијанка, Шкотланѓанка, Американка и Кинеската Донг. Една од неговите сопруги беше и поранешната манекенка и фото-модел Џери Хол, која пред тоа повеќе години беше во брак со Мик Џегер, фронтменот на групата „Ролинг Стоунс“.
Елена Жукова, пак, е поранешна сопруга на рускиот олигарх и „нафташ“ Александар Жуков . Тие се родители на единствената нивна ќерка Даша, која беше втора сопруга на олигархот Роман Абрамович, додека овој живееше во Лондон. Нивниот брак беше раскинат во 2017 година.
Тоа значи дека Мардок сега е во брак со поранешната тешта на Абрамович, едно време најбогатиот човек во Велика Британија.
Од сите свои брачни врски, Мардок има шест деца, но во неговиот голем бизнис се вклучени двата сина и ќерката од бракот со Шкотланѓанката, Ана Ман, инаку професионална новинарка.
Сопственик на медиумска империја
Својата долга кариера во весникарскиот бизнис ја има започнато во педесетите годинина 20 век, во родната Австралија. Но, на меѓународната сцена е од 1969 година, кога ги купи лондонските весници „Воркс оф Њуз“ и „Сан“ кој брзо стана и остана најтиражниот британски весник.
Подоцна, во САД ги купи и таблоидот „Њујорк Пост“ и угледниот „Вол Стрит Џорнал“ . Во 1996 го покрена ТВ каналот Фокс Њуз, сега е најгледан во САД. а во Британија ги откупи „Тајмс“ најстариот весник во светот и неделникот „Сандеј Тајмс“.
Компанијата Њуз Корпорејшн е создадена во 2013 година, но Мардок и натаму остана сопственик на стотина локални и државни , како и меѓунаридни изданија и медиуми.
Во септеври минатата година се повлече од лидерската позиција на неговата медиумска империја, препуштајќи му ја на својот најстар син Лачлан кој сега е претседател и на компанијата Фокс.