Белград преговарал за „помилување“ на Хашим Тачи
Белград и Приштина тајно преговарале за своевидно „помилување “ на поранешниот косовски претседател Хашим Тачи, на тој начин што српската страна би се согласила да се укине одделот на Хашкиот трибунал за Косово- за злосторствата на некогашната ОВК.
Тоа требало да биде отстапка на Србија за постигнувањето трајна спогодба со властите во Приштина за косовското прашање, која ќе требало да се финализира со „размена на територии“ меѓу двете земји.
Контроверзниот пратеник на Трамп
Посредник во ова пазарење бил контроверзниот Американец Ричард Гренел, близок пријател на Доналд Трамп, кого поранешниот претседател на САД,во еден период, го постави за свој специјален советник за Западен Балкан (покрај официјалниот пратеник Метју Палмер). Всушност, Гренел имал задача да делува само како советник за дијалогот меѓу Белград и Приштина.
Ваквата политичка зделка , околу случајот на Тачи, кој сега е затвореник во Хаг, каде му се суди за воените злосторства. на ОВК, извршени врз цивили-косовски Срби, Роми и „нелојални Албанци“- му била, пред се, потребна на Трамп за да може да покаже „некаков дипломатски успех“ пред крајот на својот мандат во Белата куќа, а пред изборите во 2020 година.
Но, за Гренел, овој, како што има речено, „начелно договорен дил“ , што требало да се парафира во Вашингтон, бил , а и сега го смета за таков – бил „можност за постигнување историски (српско-косовски) договор„ за мир.
Подметнување против Бајден
Случајот го откри српската опозиција, од редовите на партијата ССП (Странка на слободата и правдата) од каде било побарано детално објаснување од власта во Белград , за тоа дали е точно дека се договарало трајно опростување за Тачи, што во крајна смисла значи простување и на злосторствата на ОВК.
Како што се вели-додека во исто време власта продолжува да одржува силна национална и безбедносна тензија околу Косово и неговата веќе 15 годишна независност од Србија, уверувајќи ја домашната јавност дека никогаш од него нема да се откаже
Одговор засега нема, но се има огласено Гренел, на социјалната мрежа Икс ( екс Твитер)- навредувајќи ја потпретседателката на ССП- дека „оваа жена не знае што зборува“- и притоа, без никава основа, обвинувајќи ги Европа/ЕУ и актуелниот косовски премиер – за неуспехот на неговата контроверзна „мировна“ иницијатива.
Во функција на изборите во САД
Без разлика што и самиот има признаено дека кога за својот план- да се укине Трибуналот во Хаг за Косово- го известил американското министерство за правда, барајќи од таму подршка и согласност за ваквиот радикален чекор, му рекле дека за тоа претходно ќе мора да зборува и да добие согласност од главниот обвинител на тој суд Џек Смит- инаку Американец и демократ.
На тој начин случајот со Тачи и со косовското прашање, се претвори во едно од подметнувањата на републиканците и на Трамп , против Џо Бајден и актуелната американска администрација, пред изборите во ноември оваа година.
Истиот овој Гренел сега тврди дека Смит кој покрена обвинување и наложи судење на екс косовскиот претседател, тоа го направил само за да му напакости на неговиот политички газда- Трамп, кога му била откриена целата иницијатива.
„Историски договор“
Особено, што Смит кој сега е обвинител во САД, во изминатите години има покренато две федерални обвинувања против Доналд Трамп за неговите лажни тврдења дека изборите пред четири години ( наводно) биле наместени и дека му била одземена победата , за што нема дадено било каков доказ, како и за обидот да ги поништи легално спроведените претседателски избори.
А, благодарејќи токму на настојувањето да им се напакости на Бајден и на демократите, Гренел невнимателно открил детали за неговиот „мировен план“ за што имал подршка и одобрување од поранешниот претседател.
Во интервју за американскиот портал „Рамбл“ што во водел Доналд Трамп-Јуниор, син на екс претседателот, Гренел вели дека тој Трамп, како и Александар Вучиќ со Хашим Тачи- „постигнале историски договор“ за укинување на Судот во Хаг, за злостирствата на ОВК. Гренел уште го фали Тачи како „голем човек“ и тврди дека „нема докази за неговата вина“, односно дека Смит „нашол докази кои нема“.
Извештајот на Дик Марти
Во Србија, меѓутоа, Џек Смит е познат како обвинителот кој прв покрена процес против Тачи и ОВК, откако некои обвинители пред него, тоа не го направија.
Во Белград потсетуваат дека специјалнииот суд за злосторствата на ОВК е создаден после публикувањето на извештајот на Дик Марти, испратен до Советот на Европа, уште во 2011 година во кои се изнесуваат примери на злосторства врз цивили. Во него се споменуваат случаите од 1999 и 2000 година, за трговија со човечки органи, па затоа сега се инсистира дека за ова не може да се има пазарање и однапред некои актери да бидат помилувани.
Зад сето ова ,за што зборува Гренел, сепак, се крие еден друг план- оној од 2018 година за размена на територија меѓу Косово и Србија, за што беа Трамп и луѓе од неговата администрација, како советникот Џон Болтон.
На планот остро се спротивставија Ангела Меркел, официјален Лондон и Западот на ЕУ, како и Црна Гора и Македонија- означувајќи го како опасен преседан и закана за регионот.
Трампа со територии
Тоа е време кога тогашниот шеф на српската дипломатија И. Дачиќ јавно зборуваше дека за да се постигне мир- „Србија ќе мора нешто и да добие“. Тачи, пак, инсистираше дека (размената на територии) е „единствен начин за траен мир“.
Но, на согласноста на Тачи да и се дадат на Србија четирите селски општини од северот на Косово, кои и сега се тензични, за некои делови од Прешевска долина, се сспротивставуваа и се уште се против и политичарите во Косово.
Американскиот експерт за Балканот Даниел Сервер, затоа, потсетува дека во пролета 2020 година, пред да се обвини Тачи , во Вашингтон се зборуваше дека до септември таа година, може да се направи една ваква спогодба.
Впечаток е дека малку е размислувано за последиците, што според Сервер не треба да чуди, бидејќи на Трамп му беше важно само да има потпис.
(С.Г.)