Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

„Си во Европа без пријателски намери“

„Си во Европа без пријателски намери“

Престојот на претседателот на НР Кина во Европа, во прва  посета после пет години, предизвикува резервирана реакција во европските медиуми.

Од очекувањето дека таа може да помогне во  релаксирање на кинеско-европските односи и во одбегнувањето на „трговска војна“, до црвените теписи  во Белград и во Будимпешта за „братот Си“ и студените коментари дека на семоќниот кинески лидер- не треба да му се верува.

Речиси сите медиуми , се занимаваат со итинирерот на кинескиот претседател и сите се согласуваат дека тој не е случаен, односно дека  е намерно направен за да им се прати порака на Брисел и на оние  Европејци кои имаат и заговараат тврд став кон Пекинг.

Кина по линијата на раздорот

Швајцарскиот весник „Тагес-анцајгер“ , на пример, забележува дека „кинескиот режим знае каде се линиите на раздорот во Европа и дека го користи ова патување на својот лидер уште повеќе да се продлабочи тој јаз – на континетот и во ЕУ“.

Повод за оваа констатација се неговите средби со претседателот на Србија и со премиерот на Унгарија кои весникот ги означува како- „застапници на Москва и на прорускиот табор на Путин во Европа“.

Посетата на Белград се совпаѓа со 25 годишнината од бомбардирањето на кинеската амбасада во главниот град на тогашна „мини“, милошиќева Југославија, за време на нападите на НАТО. Алијансата од секогаш  тврди дека било грешка и дека немало намера да се погоди зградата на дипломатската мисија на НР Кина. САД,  од своја страна, се имаат извинето за инцидентот и  имаат исплатено отштета за жртвите.

Превртливата Будимпешта

Европските медиуми, меѓутоа, уверуваат дека „претседателот Си ќе го искористи настапот на таа годишнина , за да го истакне во прв план наративот за агресивната западна алијанса“. Во Будимпешта , кај Орбан , пак, кинескиот претседател ќе пристигне на 8 мај – на 20 годишнината од влегувањето на земјата во ЕУ.

Во тоа време, тогашна Унгарија беше еден од предводниците на обединувањето на Европа, за навлегувањето на европската, либерална демократија во унгарското општество кое брзо одеше напред.

Имајќи ја за себе обилната помош на моќните и богати фондови на ЕУ, за побрз развој на оваа поранешна комунистичка држава, сателит на некогашниот СССР, кои ја препородија државата  до непрепознавање.

Но Унгарија, во меѓувреме, во изминатите 15 години од деспотијата на Орбан се претвори во центар на интересите на Русија, но и на Кина.

Нема „мисија на добра волја“

Токму на време, за да се заобиколат казнените царини кои Брисел ги најавува, како одговор на субвенционираниот кинески извоз во ЕУ и напливот на кинески  електрични возила, претседателот Си  ќе најави нова фабрика за такви автомобили во градот Печуј.

За дел од европските медиуми, затоа,  кинескиот лидер не престојува во Европа како пријател, или како што има речено во Париз- во мисија на добра волја.

Притоа се потсетува и на изјавата на Емануел Макрон, кога беше во Пекинг, дека „Тајван е внатрешно кинеско прашање“- на големо задоволство на моќниот лидер на Кина, кого веќе го означуваат како „новиот Мао“.

Особено што тогаш францускиот претседател има речено дека „ЕУ не смее да си дозволи да биде вовлечена во судирот на САД со Кина  “ околу Тајван.

Стратешка автономија ?

Макрон пред доаѓањето на Си има свртено друг лист и како да ја има подзаборавено заложбата од времето на неговата посета на Кина- за поголема стратешка автономија на Европа.

Тој  и натаму зборува за потребата од изградба на една  силна и моќна ЕУ, како партнер и голем играч во политиката и економијата на глобалната сцена. Но некои медиуми му забележуваат на францускиот претседател за избрзаност околу таквите позиции, врзани за автономноста на Унијата и Европа во однос на САД.

„Се што ја слабее трансатланската  врска на Америка и на Европа е во интерес на Кина“- сметаат  овие медиуми кои инсистираат дека токму  затоа, нема ништо- ни искрено ни пријателско-  во сегашниот  престој на Си Џинпинг во Европа.

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе