Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Пазарење за и околу Косово?

Пазарење за и околу Косово?

Гневата реакција на Белград во врска со официјалниот  предлог- Косово да биде примено во Советот на Европа (СЕ), како полноправна членка- е примирена, откако стана јасно дека Србија се соочува и со можната осуда во ОН за геноцидот врз муслиманите во Сребреница.

Наместо навредувањето на поранешната грчка министерка за надворешни работи Дора Бакојани, што уследи  откако таа , како претседателка на комитет на СЕ  даде „зелено светло“ за Косово и со сите да се расправа,  сега српската страна настојува да ги спречи и двете работу. И косовскиот влез во СЕ и  осудувањето на Србија за геноцидот во Источна Босна, во текот на војните на тлото на екс СФРЈ.

Инцидентот на северот од Косово

Сето тоа се изведува во време на остра антизападна ( пред се антигерманска ) реторика од Белград која трае уште од одржаните  избори во Србија, во средината на декември, што европските посматрачи ги оценија како нефер, недемократски и наместени. Па, за дипломатската офанзива, српската страна признава дека шансите за   успех се мали, посебно кога станува збор за  Советот на Европа.

Таквата атмосфера на релацијата Белград-Брисел е создадена уште од септември , после упадот на српски паравоени сили на северот од Косово. Затоа   што  најтешкиот инцидент досега,  беше оценет како обид на Србија да ги анектира косовскиот север и тамошните четири  општини со мнозинско српско население.

Меѓудругото,  не сакајќи косовските Срби да се третираат како малцинство, но и настојувајќи да и се  покаже  ( на домашната националистичка и анти западна ) јавност дека без разлика на еднаш постигнатата согласност, Белград не сака  целосна  нормализација на односите со Косово. Велат, само за да се сочува угледот на српскиот претеседател на домашната сцена- како „  единствен кој ги брани српските интереси“.

Целосен застој во преговорите

Како и да е, воената интервенција во која загинаа четири лица значеше прекинување на сите активности за реализација на спогодбите на Вучиќ и косовскиот премиер од пред една години. Прво во Брисел, а потоа и во Охрид – за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, без меѓусебно признавање, што е суштина на планот на Франција и Германија, кој стана план и на ЕУ, силно подржан од САД.

На  прекинот му кумуваа и постапките на косовскиот премиер кој често пати ( на своја рака) има повлечено потези кои му користеа само на Белград и на неговата силно заострена позиција. Последниот таков чекор беше одлуката на властите во Приштина да се забрани префрлањето на српски динари на северот од Косово, што досега функционираше , а требаше да се уреди со нормализацијата на односите.

Приштина, сепак,  тврди дека не станува збор за забрана на српската валута, туку за „настојување да се спречи илегалниот трасфер на пари“ за кои никој во Косово не знае каде и кому се дистрибуира. Косовската страна нуди неколку варијанти за решение, меѓу кои и можноста германската  Дојче Банк да го врши трансферот по банкарски канали.

Одбивање да се прифати реалноста

Мирослав Лајчак, посредник на ЕУ во преговорите , се обиде да ја надмине најновата криза и уреди нова рунда преговори меѓу двете страни.

На средбите, меѓутоа,  ништо не се постигна, затоа што  српската страна не ги прифаќа косовските предлози , инсистирајќи на враќање на старата пракса- Србија со камион да префрла српски пари во Косово кои потоа им се разделуваат на луѓето. Третирајќи го северот на Косово и натаму само како дел од Србија.

На тој начин Белград   покажува  дека со ништо не сака да ја прифати реалноста  дека веќе 25 години на Косово нема никаква власт  Односно, дека настојува да ја одржува кризата во и околу Косово, до недоглед.

Косовската страна , пак, настојува да го  истурка заокружувањето на државноста на Косово, без разлика што секогаш нема подршка од западните партнери,  повикувајќи се на согласноста за нормализација на односите.

„Голема српска држава“

Во меѓувреме, се продава опасната теза за уредување на некаков „српски свет“, по углед на путиновиот „руски свет“ за кој тој војува во Украина и за кој Кремљ им се заканува на сите свои соседи.

Токму сега, по препораката за влез на Косово во СЕ, Милорад Додик од  Република Српска во БиХ, ( секако со знаење на Белград) таа идеја на српските националисти, јавно ја нуди како како основа за креирање на „голема српска држава“ во срцето на Балканот, во која би влегле државата Србија,  енклавата од БиХ,  како и Црна Гора , која тој  ја смета за „српска земја“.

Европски аналитичари во тоа гледаат “потпис“ на Путин, но и закана со поширока дестабилизација.

Односно, дека за возврат на  решавање на  косовскиот проблем – на Србија „треба нешто да и са даде“, а тоа не може да биде само влез во ЕУ по забрзана постапка. Други експерти, затоа се на мислење  дека со ваквото позиционирање на Белград,  со форсиеање на  агресивен  национализам, српската страна нуди некакво пазарање.

Награда за компромисот на Белград

Се смета дека тука  се вклопува зетот на Доналд  Трамп со своите инвестицци во Белград ( и во Албанија) преку кои на сцена одново би се нашол планот на екс претседателот на САД- за размена на територии меѓу Србија и Косово. Приштина да се откаже од северот на Косово, а за возврат да добие дел од Прешевска долина.

Германски медиуми, на пример, се потсетија на ваквиот план од пред повеќе од четири години и сега го поврзуваат со контроверзната идеја на Џаред Кушнер да гради станбен  блок во центарот на Белград.

Американските веснци „Њујорк Тајмс“ и „Вашингтон Пост“ планот го гледаат како „најголема корупција на Трамп“ и како злоупотреба на функцијата , но европските медиуми во ова гледаат политика- подготовка  на теренот доколку Трамп стане претседател.

Идејата за откинување на територијата од Косово, за да и се даде на Србија, како награда за „ направениот компромис“ ,  потекнува од времето кога Ричард Гренел беше именуван од Трамп за специјален пратеник на САД во регионот.

Размена на територија

Токму  овој човек од доверба кај Трамп, сега му е советник  на зетот Кушнер и велат дека бил и посредник во зделката со српските  ( и албанските) власти.

Германски весници пишуваат дека тогаш Гренел, како и Ивица Дачиќ и сега шеф на српската  дипломатија и косовскиот претседател Хашим Тачи , се согласија за размена на територија – како решение за косовската криза.

Остро се спротивставија Ангела Меркел и официјален Лондон и другите во ЕУ, како и претседателите на Црна Гора и на Македонија, оценувајќи со право дека таквиот план е опасен за регионот, а дека токму за границите се водеа војните во екс СФРЈ.

Тоа предизвика гневна реакција  на Дачиќ, но факт е дека тој и потоа долго зборуваше дека „Србија мора да добие нешто за дил со Косово“.

Европски експерти, пак, сметаат дека Белгад се нема откажано од тој план и сега правејќи зделка со Кушнер/Трамп само се испраќа порака дека идејата може да се ревитализира. Го нема само Тачи, нему му се суди во Хаг за времето кога беше командант на ОВК.

(О.У.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе