Четврт век НАТО во Источна Европа
Во време кога и преостанатиот дел од северот на Европа (Финска и Шведска) се откажа од својата воена неутралност и загрижен за својата безбедност пред заканите од путинова Русија- побараа да се најде под „чадорот“ на НАТО – Алијансата одбележа 25 години од почетокот на ширењето на овој воено-безбедносен сојуз кон Источна Европа.
Првите три држави , кои влегоа во западната алијанса- беа Полска, Чешка и Унгарија-откако четвртата земја од Истокот- Словачка, иако дел од „Вишеградската четворка“ тогаш не успеа да се квалификува за влез во НАТО.
Од комунизам во демократија
Овие три средноевропски држави, што во времето на поделена Европа и на „Студената војна“ , беа претворени во сателити на Москва, претходно поминаа низ период на сопствената транзиција- од комунизмот и едноумието, кон демократијата и плурализмот. А, падот на комунизмот во целата Источна Европа , како и распадот на СССР во 1991 година, предизвика распаѓање и на сите дотогашни просоветски сојузи и организации.
Пред се, Варшавскиот пакт, како воено-политички блок на источноевропскиот комунистички свет, предводен од СССР, како пандан и контра НАТО, како и на СЕВ, како економски сојуз на комунистичките земји, во кој главниот збор го имаше Москва, а земјите членки мораа да го копираат советскиот економски модел.
СЕВ беше создаден за да биде налик на тогашната ЕЕЗ ( денеска ЕУ), но никогаш не можеше да биде налик на Европската економска заедница, затоа што беше поставен врз комунистичката идеологија во економијата која се потпираше врз строгата централно планирана економија, врз планови во кои доминираа ставовите на владеачките комунистички партии, чиј збор беше- прв и последен.
Клинтон во Прага
Сите земји, од Истокот, вклучувајќи ги и трите екс советски републики од Балтикот, што Сталин на времето ги има анектирано, затоа , веднаш по ослободувањето од советската „прегратка“ , побараа приклучување кон западните економски, политички и воени сојузи.
На 12 март 1999 година , првите три екс комунистички земји веќе беа во НАТО, а пет години подоцна ( мај 2004) и во ЕЕЗ.
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон кој тоа време го извршуваше својот втор мандат во Белата куќа, деновите престојуваше во Прага на одбележување на 25 годишнината од влегувањето на Чешка во Алијансата, па престојот во Средна Европа го искористи за да ја објасни, но и за да ја одбрани одлуката на целиот Запад – да му се овозможи на Истокот да се приклучи и кон НАТО и кон ЕЕЗ.
Затоа што на тој начин единствено можеше да се манифистира она што беше и целта на (повторното) обединување на Европа. Без Ѕидот во Берлин, без постоењето на две Германии и без Европа поделена на „црвана“ на Истокот и „сина“ на Западот.
„Добро вложување во иднината“
„Мислам дека тоа беше една добра одлука . Станува збор за добро вложување во иднината“- има речено Клинтон. Тој притоа ги отфрли критиките во некои средини, како и на некои аналитичари во Европа дека при носењето на таквата одлука и ширењето на Алијансата на Исток, не се водело сметка за Русија. Односно, дека биле занемарени руските безбедносни интереси.
Клинтон смета дека тоа не е така и потсетува дека во текот на неговите два претседателски мандати – заклучно со јануари 20о1 година- настојувал да ја привлече Русија кон НАТО. Не како полноправна членка, туку сугерирајќи и на Москва да стане дел од Советот на НАТО.
„На Русите им најдовме можност да учествуваат во работата на Советот на Алијансата. Да не се чувствуваат и загрозени и заобиколени, но тие тоа не го прифатија“- има речено Клинтон во Прага.
Нови приказни од Москва
Впрочем, никој од надвор не го расформира поранешниот СССР.
Колку за потсетување- тоа се случи кога Борис Елцин, како руски претседател, заедно со претседателите на Белорусија и на Украина, објавија дека се договориле да станат независни држави и секоја да тргне по својот пат. Давајќи им го тоа право и на другите 12 советски републики кои сите потоа станаа независни.
Во ова ново време на режим на Владимир Путин во Русија, четврт век подоцна и во услови на инвазија врз една од земјите со кои Москва се спогоди да продолжи како самостојна и независна држава, Кремљ раскажува една сосема друга приказна.
Најмногу таа која режимот може лесно да и ја продаде на руската јавност- дека Западот (наводно) ја измамил руската страна, дека НАТО е закана за земјата, бидејќи Алијансата ја заобиколила Русија.
Станува збор за приказни со кои само треба да се оправда инвазијата врз Украина. Иако НАТО беше во соседството и во времето на СССР и на „Студената војна“, што тогаш Москва го прифаќаше како реалност во меѓународните односи.
Оправдување за „патот кон Исток“
Затоа што постоеја договори и спогодби и директни врска, со „црвен телефон“- меѓу Вашингтон и Москва, што се засновуваше врз посебно изградениот меѓусебен респект. Без разлика што сето тоа се одржуваше во сенката на бројното атомското оружје и на двете страни.
На таква основа, во тогашниот свет, што сега го нема, а се намножија и нови играчи во меѓународните односи, Хенри Кисинџер можеше да гради и да уреди политика на детант.
Конечно, има и нешто друго. Во Москва, во Кремљ, наместо државник од кредибилитет кому може да му се верува, постои владетел кој владее како царевите во имеријалните времиња. Русија ја предводи човек опседнат со идејата дека само со закани и со војни, како и со освојување туѓи територии, може да стане лидер кој ќе биде почитуван, поради стравот од него.
Се покажа само дека токму таквиот руски владетел и политиката што ја води, потврдуваат оти било оправдано ширењето на НАТО кон Истокот-како добро вложување во европската безбедност,
Бил Клинтон, пак, верува дека иднината ,сепак, може да донесе и други опции , убеден дека- „никој не е вечен, па ни Путин“.
(С.Г.)