Израелскиот „Цева Адом“ за Украина?
Израелскиот амбасадор во ОН Гилад Ердан изјави дека неговата земја „работи на тоа за да ја снабди Украина со моќниот систем за рано предупредување“ – што се смета дека би можело многу да и помогна на украинската одбрана од руските напади.
Според Ердан, таквата опрема би можела да помогне „за да се спасат животите на многу украински цивили од неселективните руски напади со ракети и дронови“ што Русите ги истураат врз населени локации низ градовите во нападната земја.
Израел се свртува кон Киев
Ваквата изјава на амбасадорот на Израел во Светската организација веднаш предизвика големо внимание меѓу дипломатите во ОН, но и во американската и европската политичка јавност. Посебно кај воените и политичките експерти , околу тоа дали владата на премиерот Бенјамин Нетанијаху (конечно) се свртува кон Украина -спремна да и помогне- која две години е изложена на бруталната агресија на путинова Русија.
Дилемите, пак, околу тоа дали Израел ќе и го испорача на Киев својот моќен и ефикасен систем „Железна купола“ , брзо ја отстрани израелското министерство за надворешни работи , објаснувајќи дека сепак – „не станува збор за „Куполата“- која важи за најнапредниот израелски систем за против-воздушна одбрана.
Во случајов станува збор за системот „Цева Адом“ ( „Шифра-црвено“) кој е радарски систем за рано предупредување. Првично овој систем е инсталиран во сите градови кои се лоцирани околу појасот Газа , уште во доцните деведесети години на 20 век, но сега со овој систем е покриена целата територија на Израел.
Систем за рано предупредување
Кога ќе открие дека е лансирана ракета , автоматски се активира системот за предупредување – со јавно емитирање во блиските населени заедници, или воените касарни низ израелската територија. Снимен ( или синтетизарн) глас – четири пати изговара – Цева Адом.
Емитирањето трае се додека не се открие некое наредно лансирање. Но, овие предупредувања се можни и достапни и преку апликација на iOS и на Андроид апарати, уште од 2014 година. Тоа го прави Израел да биде еден од предводниците во светот, според системите за рано предупредување.
Израелското МНР , меѓутоа, одби да каже кога „Цева Адом“ ќе биде испорачан во Украина и кога израелските експерти ќе се вклучат во монтирањето на системот и во забрзаната обука на украинските воени сили. Портпаролот на министерството, сепак, објаснил дека овој и некои други израелски системи, што би можле да се инсталираат во Украина, ќе им обезбедат повеќе време за Украинците да најдат безбедно засолниште , или бункер што веќе ги има насекаде низ земјата.
Растурање на „дружбата“
Ваквата одлука на израелската влада, меѓутоа, се смета дека претставува удар врз (досега) стабилните и урамнотежени односи на Тел Авив и Москва. Израелската страна, од почетокот на руската инвазија се држи на “дистанца“ од војната што Русија и ја наметна на Украина, без разлика што претседател на нападнатата држава е Евреин по потекло.
На почетокот од инвазијата, Израел има испратено над 100 тони хуманитарна помош, а една полска болница, на украинската граница има лечено над седум илјади повредени , додека неколку стотици Украинци се примени на лекување и нега во болниците и рехабилитационите центри на израелска територија.
Но, досега Израел не праќаше ниту оружје, а ниту воена опрема. Исто така, не се приклучи на западните санкции, меѓу другото и за да не се провоцира Русија, односно да не се растура воспоставениот безбедносен баланс на Блискиот Исток – каде се инволвирани Израел и соседните арапски земји , но и Москва.
Русија има две бази во Сирија, чиј режим се одржува само благодарејќи на руското воено приство. Платениците на паравоената група Вагнер , исто така, беа вклучени во пресметката со џихадистите за да се брани Башир ал Асад- без кого Русија не ќе може да ги поседува базите на сирискиот Медитеран.
Москва блиска со Иран и Хамас
Но, Москва одржува блиски врски со Иран кој ги има под своја контрола милитантите на Хезболах во Либан и терористите на Хамас во Газа, што ( на некој начин) беа под контрола и од Русија, а тоа на Израел му даваше, какви-такви гаранции за одржување на стабилност и на северот и на југот од земјата.
Затоа, на инвазијата врз Украина Израел реагираше воздржано, иако Киев бараше и оружје и муниција, а посебно ја бараше „Железната купола“. Бруталниот терористички напад на палестински Хамас врз јужен Израел, меѓутоа, во кои беа масакрирани безмалку две илјади цивили- најмногу од создавањето на државата Израел во 1948 година- ги измени работите, како на Блискиот Исток, така и во односите на Тел Авив со Москва.
Русија која во украинската војна не бележи успеси, принудена е да биде сојузник со Иран, кој е смртен непријател на Израел, финансирајќи ги и вооружувајќи ги и Хамас и Хезболах. Токму Иранците ги снабдуваат Русите со беспилотни летала (Шехед) кои сеат смрт во Украина и ги уништуваат украинските градови, па израелскиот непријател кој заговара уништување на еврејската држава, стана голем пијател на Русија.
„Нова поагресивна позиција“
Сега Израел веќе не зборува за некаква неутралност во војната на Истокот од Европа, туку ги нарекува Украинците – израелски сојузници- кои како и Израел- во моментот водат војни за својот опстанок Притоа, од Тел Авив порачуваат дека Израел го подржува територијалниот интегритет и целовитост на Украина, што Владимир Путин го има погазено.
Во секој случај, најавата за испорака на воена опрема за Киев и свртувањето кон украинската војна не доаѓаат преку ноќ Особено што изјавата на амбасадорот Ердан и на изралското МНР дојдоа во време кога Москва е домаќин на внатрепалестински состанок меѓу Хамас и палестинските исламистички џихадисти- за да се договорат за заедничко дејствување.
Тоа гневно беше пречекано во израелската јавност, откако стана јасно дека Русија е директно вклучена во она што му се случува на Израел. Тоа се оценува како отстапување од спогодбата за одржување безбедносен баланс меѓу двете земји. Она што израелската страна не го знае е во колкав обем и до кое ниво оди вклученоста на руската страна во состојбите во Хамас.
„После ова, Израел ќе заземе поагресивна позиција кон Русија, а тоа значи дека израелското оружје ќе најде пат до Украина“- има изјавено функционер на партијата Ликуд на Бенјамин Нетаијаху.