Италија со најстаро население во ЕУ
Земјата која на светот му го има подарено изразот – „сладок живот“ (dolce vita) – се соочува со демографска криза и со драматичен пад на населението. Таквата ситуација предизвикува забрзано стареење на Италија, што пак ги загрижува економистите за иднината на земјата.
Италија има пензионери речиси колку што изнесува и бројот на новороденчињата, а тоа ја натера владата на премиерката Џорџа Мелони да најави серија мерки за потикнување на наталитетот , со што ќе треба да се запре демографскиот пад на земјата.
Половина Италија со стари луѓе
Според Евростат, Италија е земја со најстаро население во ЕУ. Заедно со Португалија таа има највисок процент на население постаро од 65 години. Дури 24 отсто, или тоа значи- еден на оваа возраст, на секои четворица жители на Италија.
За забрзаното стареење на земјата покажува и податокот дека дури 48 отсто од италијанската популација се класифицирани како -стари луѓе. Во исто време, кога просекот на ЕУ изнесува 44 отсто, што исто така се смета за висок. Тоа значи дека бројот на старите Италијанци- на баби и дедовци кои, инаку, се мошне омилени во семејствата , па со нив живеат многу млади , посебно во големите градови- се има искачено на – еден стар , на петмина млади.
Освен тоа, процентот на оние кои имаат 80 и повеќе години изнесува 7,7 отсто во вкупната италијанска популација , што претставува повеќе од двапати во споредба со ситуацијата пред 30 години. Во 1991 година, на пример, процентот на ова население изнесувал 3,3 отсто.
Пад на наталитетот
Причината за ваквата ситуација со оваа развиена медитеранска земја, трета по сила економија во ЕУ, е намалената смртност и продолжениот живот на луѓето- како резултат на нараснатиот општествен и здравствен стандард, сето тоа со забрзаниот развој на медицината што овозможува луѓето- не само во Италија- да живеат подолго.
Но , за демографските експерти проблемот не е во долговечноста на возрасните и тоа што тие сега ( во просек) се поздрави од порано, туку во намалениот наталитет и намалувањето на бројот на новородените.
Во изминатите 40 години, земјата која некогаш беше позната по семејствата со многу деца, сега се соочува со просекот од 1,5 дете на едно италијанско семејство. Односно, на секоја жена во Италија има по 1,2 деца што е мошне низок процент.