Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Русија против европски Западен Балкан

Русија против европски Западен Балкан

Рускиот амбасадор во Подгорица отворено им се закани на Црна Гора и на целиот Западен Балкан, во врска со нивните амбиции за влез во ЕУ,  порачувајќи дека -ширењето на Унијата кон регионот, за Русија значи – „вовлекување на земјите од Западен Балкан во конфронтација со Русија“.

Ваквата закана која претставува и мешање на путинова Русија во внатрешните работи на независни држави, ја покажува ароганцијата на Кремљ во време кога  руската војска продолжува  брутално да ја уништува  Украина. Без разлика што регионот не е дел од „рускиот свет“ниту е „предворје на Русија“ , а  е  далеку од руската граница, па   не претставува никаква закана за Русија.

Конечно, досега се тврдеше дека Украина е „виновна“ што сака да биде дел од НАТО, сега излегува дека властодржецот од Кремљ одлучил дека не само Киев, туку и целиот Западен Балкан не смее во ЕУ.

Закана од амбасадорот

Ваквата руска закана е „мелем за душата“ на регионалните русофили, таквите партии и инсталирани доушници- од Сараево/Бања Лука, преку Белград и Подгорица до Скопје- кои со сите сили дејствуваат на теренот против ЕУ, против Западот и европеизацијата на Западен Балкан, за сметка на десничарењето,  национализмот и  дестабилизарењето на сопствените држави.

Изјавата на рускиот дипломат во Црна Гора предизвика бранување во тамошната проевропска и прозападна јавност, особено што тоа се случува во време на продолжена политичка криза во оваа поранешна ЈУ република- во која тлее судирот на проруските ( просрпски) сили, наспроти проевропските. Навистина , водечка сила е проевропската партија Европа, сега, која мораше да коалицира со прорускиот – српски блок, за да колку-толку се неутрализира руското мешање.

Но, и проевропејците  покажаа дека (засега) се далеку од европеизацијата , затоа што двајцата основачи- едниот е шеф на државата, а другиот е премиер-  бурно се разделија- така што  претседателот  даде оставка на сите свои позиции во партијата што ја создаде.

Дестабилизирање на регионот

Како и да е, јавноста повеќе остана загрижена од руското мешање во Црна Гора, кога таа настојува позабрзано да чекори кон ЕУ, со амбиција  да биде и првата од регионот, која меѓу 2027 и 2030 година,  би влегла во Унијата. Се бараше дури и изјава на владата во Подгорица, на што од таму се реагираше со  објаснување дека амбасадорот не кажал ништо што не се знаеше и досега, оправдувајќи го тоа со ставот дека- „земјата никогаш не била  поединствена за ЕУ“.

Меѓутоа, без разлика на самохрабрењето на Црногорците , факт е дека Русија го дестабилизира Западен Балкан , настојувајќи да се предизвика некаква криза- па дури и воена- за да се попречи патот кон ЕУ, за да се блокираат реформите и за да се одржува стагнацијата на земјите-претенденти- обвинувајќи ја за тоа Европа- дека наводно,  лажно им ветува позабрзано влегување во Унијата.

Таа мамка, форсирана преку руските тајни служби, изобилството од полувистини и лажни информации, пласирани од нив , како и од делувањето на домашните сили ,ставени во служба на руската политика, создаваат анти европска атмосфера. Особено што медиумите во регионот немаат европски наратив.

Деспотија контра демократија

Во таква атмосфера,  на недоволно  информираните граѓани,  кои кога се информираат тоа се прави на погрешен начин, лесно се продаваат приказната дека- ЕУ не е единствената опција, дека има и други варијанти (руската Евроазија) или антизападниот  БРИКС, како и дека европските интеграции – „морало да се пречекаат со некакви црвени линии и не по секоја цена“!

Тоа требало да биде „патриотизам“ и сето ова, во различни форми , се продава низ Западен Балкан, создавајќи длабоко неединство во општеството на земјите- претенденти, проследено со антиевропско настроение , како и со верување дека еден деспотски режим, предводен од само- прогласениот„цар“, кој ќе владее со Русија до крајот на животот, е наводно, подобра варијанта од европската демократија и од либералното општество врз кое се темели ЕУ.

Отсуството на неединство, во секој случај,  е злото кое Москва го потхранува во сите земји од регионот-   за своите империјални потреби, како и  за амбициите од советско време за геополитички поделби – на Западот и Истокот (сега Русија со нејзините сателити).

Лажно и неискрено

Во таа шема на Кремљ,  Западен Балкан  не смее да оди на Западот, ако веќе не е вовлечен во путиновата империја. Па, во сталинско-брежневски стил  ќе се испраќаат закани дека членството во Европската Унија на Северна Македонија, Црна Гора, Србија и Албанија, како и на БиХ, а потоа и на Косово- божем било  „закана за Русија“.

Затоа, она што може да го блокира руското „замешателство“ е постигнувањето политичко  единство во  секоа земја од регионот за влез во ЕУ- по секоја цена- затоа што „ценкањето“ и  „пазарењето“ е лажно и неискрено од балканските политичари.

Црна Гора вели дека има консензус за европскитот пат без дилема- како единствена разумна  и потребна опција. Но, тоа го нема во БиХ, поради национализмот и сепаратизмот на еден Милорад Додик кој неговата Република Српска би ја направил како Придњестровје , или Донбас, иако на босанското неединство  му кумуваат и Бошњаците и босанските Хрвати.

Ширење на рускиот наратив

Србија , пак, која важи за земја која не само кај себе, туку и во регионот го шири својот проруски наратив, посебно таму каде има сиилно влијание во јавноста (БиХ, Црна Гора и С. Македонија), нема и прашање е кога воопшто ќе постигне единство околу ЕУ.

Земјата е пред албанското и македонското напредување на европскиот пат, но освен покренатите поглавја, нема ниту едно затворено.

Бидејќи се противи на прифаќањето на европските стандарди за надворешната и безбедниосната политика, а и натаму прима оружје од Русија, гради партнерство со Москва и единствена  во Европа нема санкции кон Русија. Настрана што  не прави ништо – за да се постигне договор со Приштина и се повеќе станува силно авторитарна држава по руски терк.

Албанија од друга страна – формално- има политички и општествен  консензус за ЕУ, но тамошната десница, собрана околу остарениот националист  Сали Бериша, дејствува на антиевропски позиции со своето насилно десничарење. Тоа посебно е видливо откако се разбра дека неговата партија- како и другите ултрадесничари во Европа- има применио пари од Русија за една изборна кампања. А, од Москва не даваат пари за европеизација.

Македонската опозиција против ЕУ

Тоа се знае и во Скопје, но пред скорешните избори, сигурно е дека на политичката сцена ќе се води битка меѓу силите за Европа и  за конечното покренување на преговарачкиот процес со Брисел и  силите на десничарската , нацоналистичка опозиција која беше , а и сега е,  блиска со Русија и со руската  позиција кон Европа.

Од ваквата опозиција, од  каде  во изминатите две години, ниту еднаш немаше осуда на руската инвазија врз Украина ,или   некаква  солидарноста со Украинците,  ниту еднаш, во било која форма, немаше ниту јавна подршка за владините европски  чекори. Иако тоа е влада која ( за прв пат досега) е силно прозападна и проевропска, која најдалеку отиде на европскиот пат.

Наместо тоа, македонската вмровска опозиција организираше анти-ЕУ протести на кои од врвот на таа партија се повикуваше дека  на земјата не и  е потребна ЕУ,  како и тоа дека освен Унијата земјата има и други опции кои, што не ги открива.

Најпосле, токму  ова антиевропско друштво , кое би не сместило со една Белорусија, неговата пропаганда, обезбедена со странски пари , го блокираше почетокот на преговорите за влез на Северна Македонија во ЕУ. Станува збор за стратешка определба на државата, уште од времето на осамостојувањето.

(Спектатор)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе