Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Навални не е единствениот

Навални не е единствениот

Причината за смрта на Алексеј Навални и после неколку денови, останува  непозната за семејството, за неговите соработници, како и за домашната и за демократската меѓународна јавност.

Наводно , на  истрагата ќе и требале две недели за да се утврди од што  почина овој политички затвореник , додека ја издржуваше казната од 19 години затвор, во логор, сместен во   крајно тешките услови на рускиот Арктик. Според руски извори, телото на мртвиот Навални, сместено во мртвечницата во градот блиску до логорот,  го чувале полицајци.

Во меѓувреме, се огласи  сопругата на Навални која го обвини Владимир Путин дека го има убиено нејзиниот сопруг и најави дека таа ќе ја продолжи неговата  работа, како што има речено – за една поинаква Русија, за руските граѓани и за елиминирање на корупцијата. За да борбата за тие идеали и  смрта на Алексеј- не бидат залудни.

„Срцев удар“ или лажно самоубиство

Судирот на Навални со режимот на Путин е почнат уште во 2011 година, кога првично беше обвинет за – предизвикување штета, без знаци дека има грабеж- околу набвката на  дрва, со „непрофитабилен договор“. Следната годна, меѓутоа, обвинувањетио беше преквалификувано во- организирана проневера, па беше осуден на пет години затвор, што подоцна, сепак,  стана условна казна.

Но, кога Навални со својата невладина организација тргна во раскринкување на корупцијата во државата, а посебно кога ја откри за јавноста огромната вила- замок за да му служи на Путин и на неговите, на брегот на Црно Море, стана и дисидент и државен непријател и осуденик. Беше јасно дека режимот не може да го остави да продолжи да дејствува.

Во ова свое делување, не беше осамен. Но, сите кои се осмелија да ја критикуваат и да ја осудуваат апсолутната власт на еден човек, сега- или се избегани, на безбедно во странство, или се починати под мистериозни околности.

Најчесто од „ срцев удар“ , или со  „самоубиство“- „скокајќи од прозорец, или од балкон“, односно, пукајќи си во главата, или пак- во кгбеовски стил- со ликвидација.

Убиството на Немцов

Дури 50 лица се елиминирани на овој начин- било во странство , било во Русија- само од почетокот на инвазијата врз Украина ( за што Скопје/Глобал веќе пишуваше).

Жртви се бизнисмени, државни функционери, воени лица, дури некои и одликувани од Путин.

Но,  такви случаи на елиминација  на политичките противници и на критичарите на режимот, имаше и порано. Уште пред агресијата врз Украина, кога Путин настојуваше сите да ги убеди дека во сомнителните случаи, во кои исчезнуваат „непријателите“ – не се сомнителни .На оваа листа,  главно се политичари, адвокати и новинари и одново бизнисмени.

Еден од првите и најпознатите на листата за елиминација и  отстрел, беше Борис Немцов, убиен во 2015 година,  со истрел во главата, додека со својата девојка си одел дома.

Березовски и Литвиненко

Ликвидацијата на поранешниот заменик премиер на Русија и политичка ѕвезда во искачување, се смета дека беше казна за неговото остро критикување на руското мешање во Украина (  по анексијата на Крим и интервенцијата во Донбас).

Немцов беше сметан за наследник на Борис Елцин, но на претседателската функција, во 2000 година дојде поранешниот оперетивец на КГБ- Владимир Путин. Немцов беше застрелан (секако не случајно) во близината на Кремљ, само неколку денови пред  најавениот анти-воен протест.

Во март 2013 година, во својата куќа во близината на Лондон беше најден мртов Борис Березовски. Наводно се обесил, со шал, за тушот во бањата. Ненадејната смрт уследи откако претходно се тврдеше дека врз него имало на два пати обид да биде убиен.

И тој беше еден од тимот на Елцин, иако во тоа време беше и олигарх и еден од најбогатите во Русија. Но, стана критичар на Путин кога виде  дека новиот претседател- кому му помогна  да се искачи до врвот на власта-  ги напушта определбите за една поинаква Русија, воведувјќи власт во  типично советски стил.

Смрт со Полониум 210

Кога Путин се спогоди со олигарсите – за да бидат лојални, да му служат и да не се бават со политика, ако сакаат да го задржат богатството- Березовски и Михаил Ходорковски се спротивставија, најавуваајќи создавање на опозициска партија. Березовски мораше по тоа, да бега во Лондон, а Ходорковски заврши во затвор- 10 години, по што беше протеран од Русија.

Во Британија, Березовски стана главниот дисидент, жесток критичар на режимот и бранител на сите кои успеваа да се извлечат од земјата на Путин. Еден таков беше Александар Литвиненко, екс руски разузнавач на ФСБ ( во секторот за борба со корупцијата). Тој му стана соработник на Березовски и има откриено како корупцијата е врзана за врвот на власта. Беше убиен во 2006 година, со радиокативен изотоп  Полониум 210, ставен во чај, за време на средбата со двајца поранешни оперативци на КГБ, со кои порано има работено.

Таква судбина имаат доживеано и адвокатот Сергеј Магницки, специјалист за даночни измами. Беше брутално претепан, а потоа оставен без лекарска помош, откако откри дека големите  измами ги прават високи полициски функционери. Адвокат беше и Станислав Маркелов и тоа за човекови права, застапувајќи ги чеченските цивили во случаи против руската војска. И обајцата беа убиени во 2009 година.

„Русија полициска држава“

Во 2006 година, кога руски разузнавачки оперативци го отруја Литвиненко, кој почина во големи маки, во болница во Лондон, по две недели, во Москва беше ликвидирана и познатата новинарка Ана Политковскаја. Во својата книга „Путинова Русија“ таа го има обвинето дека ја претворил земјата во полициска држава.

Пишуваше и за злосторствата на руската војска и на паравоените единици во текот на борбите во Чеченија, Беше убиена од зад грб, покрај лифтот во зградата во која живееше. За сите овие случаи Кремљ се бранеше дека власта  не е поврзана со сите овие убиства, но Литвиненко тврдеше дека Политковскаја е ликвидирана по наредба на Путин.

Скотланд Јард ги обвини Сергеј Луговој и Дмитри Ковтун со кои жртвата пиеше чај во еден лондонски хотел,  дека тие  го отруле Литвиненко. Британците бараа двајцата да се испорачаат за сослушување во Лондон. Москва, меѓутоа, го одби барањето.

Наместо да одговара за злосторството, Луговој стана пратеник на путиновата  партија, а  во 2015 година, Путин го одликува Луговој -за заслуги за државата.

(С.Г.)

 

 

 

 

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе