Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Смрта на затвореникот од логорот „Поларен волк“

Смрта на затвореникот од логорот „Поларен волк“

Алексеј Навални , најостар критичар на рускиот режим, прогласен од Кремљ за “државен непријател“, умре ( како политички затвореник) во казнениот логор „Поларен волк“ , во Сибир,  во суровите арктички предели. Имаше 48 години.

Колку што  се  знае- на сопругата и на мајката, како и на своите соработници им се нема пожалено дека боледува. Посебно не  од некоја на смрт тешка болест, иако со години на ред беше физички и психички измачуван.

Според руските државни медиуми и власта, додека бил на прошетка низ дворот на логорот, наеднаш се пожалил дека му е лошо и набргу потоа паднал мртов. Наводно, лекари се обидувале да го спасат- но не успеале во тоа.

Обид за убиство со новичок

Во оваа верзија, меѓутоа, не верува никој- ниту во продемократската руска јавност, а ниту во светот. Не сметајќи ги само купените русофили-путиновци кои побрзаа да смислат своја верзија-  дека Навални бил „отруен од платеник на ЦИА- изнајмен меѓу затворениците“.

Алексеј Навални немаше партија, не беше партиски лидер, па затоа не беше ниту политичар. Имаше   невладина организација за борба против корупцијата во Русија. Кога организацијата откри дека корупцијата е сместена во врвот на власта, дека е дел од системот со кој се владее во земјата, како и дека е потикнувана од Кремљ, го означија како опасна закана.

Кога, пак, неговата НВО откри детали за Владимир Путин, за неговото расипничко владеење , за раскошната вила-замок на брегот од Црно Море,каква немало ни во царските времиња, за која никој не знае колку таа чини, како самиот да си ја потпиша смртната казна.

Апсење по враќањето од Германија

Тајната служба, како во времето на диктаторот Сталин, набргу потоа му изврши атентат- со користејќи го нервниот агенс новичок, од советско време. Но, оперативците на ФСБ не очекуваа дека во Русија има и чесни и хумани луѓе, па кога летајќи од градот Томск за Москва, Навални се има пожалено дека му се лоши и  паднал во бесознание-  капетанот на авионот побарал и добил дозвола за вонредно слетување во Омск, каде лекарите во локалната болница, му го спасија животот.

Подоцна се откри дека новичокот бил ставен во долната облека што ја имал на себе. Еден од  атентаторите има призато дека доколку не било вонредното слетување во Омск, Навални уште тогаш ќе беше мртов.

По опоравувањето во руската болница, на инсистирање на Ангела Меркел , која испрати специјален авион  за префрлање на нападнатиот Навални, за лекување и опоравување во Германија, Путин попушти и дозволи тој да замине во странство на лекување.

Подоцна се одлучи да се врати дома, во Русија во 2021 година, по што веднаш беше упасен. Во март следната година го осудија на девет години затвор- со измислено обвинување за проневера.

„Жртва на Путин и Кремљ“

Беше јасно дека станува збор за политичко казнување. Особено кога во август 2023 година, на тие девет, судот му додаде уште десет години затвор и определи да биде  ставен во апсана со крајно суров режим, за да во декември биде префрлен во казнен логор во Арктикот, под исклучително тешки  услови. Овој логор е познат под името „Поларен волк“ и во него Навални го заврши животот.

Сега сите тврдат дека тој е жртва на рускиот деспотски режим и на владеењето на Путин. ОН, ЕУ, САД и демократскиот свет сега бараат независна истрага и утврдување на вистината за смрта на човекот кој сакаше само една поинаква Русија- вистински демократска и слободна, во која луѓето нема да се плашат од критикувањето  на власта и од несогласувањето со водачот во Кремљ.

Во меѓународната јавност, затоа, се верува дека е свесно убиен, откако измачуван претходно, после долгото и тешко опоравување од нападот со новичок , беше испратен во казнен логор каде температурата знае да се спушти и до минус 40 степени Целзиусови, што експерти велат дека е погубно за човек каков што беше Навални по атентатот.

Тортура со суровата клима

За логорот „Поларен волк“ велат дека во него и климатските услови се користат  за мачење и за тортура врз затворениците.

Според искажувањето на еден од нив кој 2018 година бил пуштен од овој логор, во зима затворениците се изведуваат во дворот на логорот, построени како војници, само во лесна облека. Не било дозволено никакво движење со телото, ниту движење со рацете за да се загреат. Доколку еден од нив се помрднел и го растурел стројот, целата  група била поливана со студена вода- за казна.

Целта на режимот диктиран од Кремљ е- секој да знае дека доколку мисли поинаку, ќе заврши како Навални.  А, овој човек има издржано 300 денови во самица, без лекарска, или без недоволна медицинска помош која му била потребна по нападот, при обидот да се убие со смртоносниот нервен агенс.

Неговите најблиски тврдат дека беше оставен да умре во сурови и мизерни услови за да целосно го прекршат и на тој начин за да го замолчат. Онака како што тоа беше направено со десетици критичари на  освојувачката војна во Украина- за казнување на Украинците затоа што му свртија грб на Путин. Но, и за критикување на неговиот  брутален режим- од кој настрадаа дури и неговите сојузници на фронтот- како Евгениј Пригожин.

Владеење со апсолутна власт

Сега има мислење, дека Навални е убиен , за да го нема пред изборите во Русија, за еден месец, на кои Путин треба да биде устоличен и по пети пат за претседател со, практично,   доживотен мандат.

Големиот критичар на власта веќе го нема, па семоќниот владетел може на домашната јавност  да и се прикажува како „безгрешен водач и патриот кој води грижа за Русија“.

Тоа, пак, се толкува како систем на владеење типичен за  оваа земја- на режим кој се потпира на апсолутна власт. Сега персонализирана  во Путин , како семоќен претседател, а пред тоа во ликот на еден генерален секретар на КП СССР, или уште пред тоа- во ликот во царот.

Таквиот систем го истакнува својот  екстремизам, суровоста и самовладението во разни кризни ситуации. Овој пат, тоа е војната во која Русија не победува и кока не трае во една-две недели, како што се веруваше пред две години.

Сметајќи притоа на вметнатиот  страв на обичниот човек , исплашен да ризикува – со истакнувањето на поинакво мислење, или уште и со критикувањето на одредени  состојби – стравувајќи за животот, или во подобар случај-  за одење во затвор, или најново- со губење на целиот имот.

(О.У.)

 

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе