Абдикација на последната европска кралица
Данската кралица Маргрет објави дека до средината на овој месец се повлекува од престолот и тоа го најави во текот на својата новогодишна порака. Абдикацијата доаѓа откако 52 години беше на тронот, најдолго во 1200 години долгата историја на данската монархија.
Кралица абдицира во полза на својот син-престолонаследник Фредерик, роден во 1968 година. Тој во јавноста на земјата, но и меѓу европските монархиии е познат како „бунтовниот принц-тинејџер“, но и како „разгалениот принц кој ги сака журките, забавите и проводот“.
Сега станува крал чија сопруга не е родена во Данска. Идната данска кралица е родена во Австралија , па во австралиската јавност таа веќе сега се означува како првата „австралиска кралица“.
Изненадување во Данска
Одлуката на 83 годишната кралица предизвика шок во јавноста на Данска, посебно меѓу монархистите, затоа што досега немаше никакви навестувања дека Маргрет би можела да се повлече. Сега сите се потсетуваат на една нејзина изјава дека – „не може да замисли да абдицира, освен доколку не е сериозно болна“.
Таа минатата година била оперирана на грбот, што сега го има споменато како причина за повлекувањето од престолот. Но, според медиумите тоа не е толку сериозен здравствен проблем за да се донесе една ваква одлука. Уште повеќе што се вели дека таа е се уште страствен пушач (две кутии цигари- без филтер, дневно).
Нејзиното повлекување, значи дека Европа останува без последната кралица, позиција што оваа Данкиња висока 185 см. ја имаше по смрта на британската кралица Елизабета.
Данска е една од најстарите монархии не само во Европа, туку и во светот. Маргрет е 54-0т монарх на престолот и само втората жена- кралица во данската историја. На престолот се има дојдено како мошне млада- на само 32 години- по смрта на нејзиниот татко, кралот Фредерик.
Маргрет- половина век на престолот
Како суверен , таа има успеано да ја унапреди монархијата, претставувајќи ја како модерна европска монархија , но притоа со ништо да не ја наруши долгата традиција врз која се потпира.
Важи за мошне образована ( зборува пет светски јазици). Школувана е во Лондон, во Британија, када има завршено економија и археологија, а Данците ја познаваат и како уметнички мошне талентирана.
Токму таа, во 1977 година ги има изработено илустрациите на првото издание на дански јазик на романот „Господар на прстените“, откако како илустратор на книгата се има појавено под псевдоним.
Во биографијата на кралицата на заминување Маргрет е забележано и тоа дека таа беше во роднински врски со починатата британска кралица- двете се правнуки на некогашната британска кралица Викторија.