Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

На вратата од Европа

На вратата од Европа

На преминот од старата во новата година, Западен Балкан- за прв пат досега- е соочен со една нова ситуација, кога станува збор за долгогодишните амбиции да биде дел од ЕУ. И политички и економски да биде дел од Европа, каде и единствено може да припаѓа- бидејќи и географски и историски и културолошки му припаѓа на Стариот континент.

За прв пат овој (инаку) турбулентен регион не е повеќе во чекалницата на Европската унија, туку е на нејзината влезна  врата.

За влез во елитното европско друштво сега е потребен само исчекорот на  западнобалканци, затоа што земјите на ЕУ- сите без исклучок – имаат изградено став дека нема целосна Унија без Западен Балкан. За прв пат дури изградија и став, приемот на новите членки да почне најдоцна до 2030 година, откако кандидатите ќе се подготват , а самата ЕУ ќе обезбеди услови и  простор за новодојдените.

Спремноста на ЕУ

Унијата веќе и ги почна подготовките, со покренување на процесот за елиминација на ветото во надворешните работи и како што се дознава од Брисел, тој процес кој му е мошне важен на Западен Балкан, а е потребен и за самата Унија, се одвива поволно. После искуството што сојузот го имаше изминатите години со земји како што се Грција, Бугарија, Полска, но и од земји какви се Холандија или Франција, а сега  со силеџиската политика кон Брисел на еден Виктор Орбан.

Таквата своја цврста определба за прием на државите од Западен Балкан, ЕУ ја потврди и на својот последен Самит за оваа 2023 година, на кој покрај регионот,  на листата ги стави и Украина и Молдавија- две поранешни советски републики кои се на удар на руската агресивна политика, затоа што му свртија грб на Владимир Путин.

Брисел имаше предвидено со Северна Македонија ( и Албанија) свечено да го прогласи почнувањето на преговарачкиот процес за влез во ЕУ, после (велат) крајно успешно завршениот скрининг. Како што се дознава од седиштето на Унијата, Македонија требаше одеднаш да почне преговори за неколку поглавја од процесот за прием.

Но наместо тоа, од Самитот дојде само барањето на Унијата- да се забрза процесот на уставните реформи- внесувањето на Бугарите и на уште некоку националности кои живеат на територијата на државата, во уставната преамбула.

Отпор  на националистите

Станува збор за договорената уставна реформа меѓу владата во Скопје и Европската комисија што во Брисел , како и од водечките европски земји членки, се веруваше дека ќе се усвои ( треба двотретинско мнозинство) до декемврискиот Самит.

За тоа во македонскиот случај се потребни и гласовите на дел од националистичката, вмровска опозиција која на целиот овој процес му се спротивставува. Лажно прикажувајќи го тоа како наводен патриотизам, што не е, и како некава одбрана на македонските национални интереси- што исто така не е во никој случај.

Во прашање е инаетот на старото вмровско раководство, кое се прикажува како ново, што исто така, не е точно, кога ќе се види кој е оставен да ја води партијата и како тој е поставен на позицијата, што според вмровски инсајдери- никако не ја заслужува.

Овие дури велат дека владеачките социјалдемократи, сега, во секој случај се и поголеми патриоти и поголеми македонисти, затоа што вистински се борат за македонските државни и национални интереси.

Во служба на руските интереси

Уште повеќе, што  вмровското спротивставување на реформата е лажно, бидејќи најголем дел од нивното членство има земено бугарски пасоши, или тоа го имаат направено нивнте најблиски роднини, откажувајќи се  од својот ,македонски национален идентитет- за обична патна исправа на странска земја, поради што е создадена основата, бугарската етничка заедница да се најде во преамбулата, со сите другите кои живеат во државата.

Конечно, притисокот на „старците“ во оваа партија да не дозволат дел од нивните пратеници да гласаат – според сопствената волја- во интерес на државата и на луѓето во неа- го открива онна што е познато и овде и во ЕУ. Тоа е  дека вмровското друштво, всушност, работи во интерес на Русија, на нејзината агресивна и малигна политика кон Западен Балкан и кон Македонија. Тврдо спротивставувајќи се земјите од регионот да станат дел од Европа, за да останат ранливи и податливи на руското деструктивно однесување.

Тоа и такво „замешателство“ е видливо , посебно , во соседна Србија, како и во БиХ и одново и во Црна Гора. Сите тие ( на некој начин) на последниот Самит на ЕУ требаше да направат исчекор кон Европа. Србија да отвори ново поглавје, Црна Гора да се врати на својата европска патека, а БиХ да добие статус на земја-кандидат.

„Кочничари“ на европеизацијата

Ништо од тоа не се случи, затоа што во сите три екс ЈУ републики постојат „кочничари“ кои се противат на европеизацијата, иако имаат полна уста со наводните европски амбиции.

По српските парламентарни и локални избори, за кои секој ден има нови докази за сторена измама (во Белград на една адреса, во стан од 50 квадрати, имало 40 станари- гласачи), техника која ја користеше вмровската партија со Н.Груевски и неговото (и сегашно) дружество, Европа  застана за да се замисли – дали Србија навистина сака во ЕУ.

Особено, откако нејззиниот претседател грубо и речиси непристојно се пресметува со странците- посматрачи на изборите, давајќи му простор на рускиот амбасадор во Белград, во служба на некаков намесник- да се пресметува и со српската опозиција и со Западот.

БиХ засега останува само да се надева на ЕУ, барем додека српската енклава Република Српска продуцира опасна криза и заговара отцепување – а ла Донбас- со силна подршка на Москва, но и на Белград.

Изговори и оправдувања

Во една ваква ситуација, во сите овие четири земји од регионот, а посебно од Скопје и Белград, некои пишувачи на текстови, самопрогласени во аналитичари, се огласија со критика на ЕУ- дека Брисел одново ги има измамено оние од Западен Балкан, иако тие делуваат против сите стандарди на Унијата.

Според добро познатото  оправдување, или поточно само изговор- дека  таму , во Европа , на Западот, тие нас не не сакаат, или што ќе рече-  другите , а не западнобалканци, се виновни за нашите состојби.

Овој пат, обвинувајќи го Брисел дека сега ги турка напред Украина и Молдавија, оставајќи ги оние од Западен Балкан и натаму да чекаат.

Секој, малку повеќе политички писмен и запознат со функцонирањето на Унијата, добро знае дека тоа не е така и дека случајот со овие две источноевропски  држави е многу покомплексен. Но, така  очигледно е полесно, наместо  да се опали со сите топови против вистинските (домашни) предавници на европската кауза. Посебно, кога станува збор за Македонија, каде одново се покажува дека за нив не се свети ниту македонските државни и национални интереси. За овие интереси, инаку, лажни „солзи леат“ – во кафеани и на партиски седенки и веселби.

(Скопје/Глобал)

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе