Исчезнато момче најдено по шест години
Еден 17 годишен тинејџер од Англија, од градот Олдхам, кој се водел како исчезнат во Шпанија, уште во 2017 година, кога имал 11 години, е пронајден во Франција- жив и здрав- соопштија француските власти.
Според полицијата, момчето Алекс Бати , бил откриен во Ревелу, мало место во околината на Тулуз. Откако во полициската станица го има доведено еден возач- за кого се вели дека бил загрижен кога го забележал момчето како талка во одалечените делови на француските Пиринеи.
Мајката го одвела во „духовна комуна“
Британскиот Би-Би-Си потсетува дека пред шест години Алекс престојувал во Шпанија, заедно со неговата мајка и со дедото, од кога, после извесно време, му се губи секаков траг. Од тогаш детето е третирано како „случај на исчезнато лице“.
За сите тројца се знае дека (официјално) биле на одмор на југот од Шпанија, како и тоа дека заедно со детето, им се губи трагата и на мајката и на дедото.
Неговата баба во Олдхам, уште во 2018 година има изјавено дека верува оти Алекс не е киднапиран, а ниту побегнал , туку дека верува оти мајката и дедото го имаат одведено во Мароко, за да сите заедно живеат во некаква духовна комуна.
Бабата уште има изјавено дека мајката инсистирала , а дедото ја подржувал во тоа, детето да не посетува училиште и да остане со неа, во услови на алтернативен начин на живеење.
Лекарите кои го имаат прегледено Алекс Бати , откако бил пронајден, изјвиле дека момчето е во сосема добра здравствена состојба, а тој самиот изјавил дека кон него – никој не постапувал лошо.
Во Мароко, па на Пиринеите
Тоа се потврдило на првото полициско сослушување кога младиот Англичанец кој шест години не одел на училиште, лесно комуницирал со властите во Франција и објаснил што му се случувало.
Тој ја потврдил верзијата на бабата за плановите на мајка му постојано да бидат во движење, со една мала духовна секта од десетина луѓе. Одлучил да се раздели од мајката, на Пириените каде групата се стационирала, кога разбрал дека таа сака да го однесе во Финска, а тој инсистирал да се врати во Олдхам.
Момчето открило дека две години бил со мајката и дедото во Мароко, откако пред тројцата да исчезнат, престојувале во Марбеља, па во Малага. За времето по исчезнувањето и тој не сакал да зборува. Сега не знае каде е мајката, но верува дека дедото починал пред шест месеци.
Француските власти соопштиле дека Алекс Бати разговарал преку видео врска со бабата во Англија и дека момчето во текот на викендот ќе се врати дома, после шест години.