Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

„Повторно будење на Австро-Унгарија“

„Повторно будење на Австро-Унгарија“

Однесувањето на Унгарија, кога станува збор за Украина, за односот кон путинова Русија, па дури и за  војната на Израел против Хамас,  а во последно време и на  Австрија, која во неколку витални прашања од интерес  за ЕУ и  заедничката надворешна политика,   дејствува, истоветно со Будимпепта,  го натера бриселски „Политико“  да тврди дека Европа се соочува со – „будење на некогашната Австро-Унгарска империја“.

Повикувајќи се на- како што вели- определени кругови во Унијата, овој влијателен и обично добро информиран портал од Брисел,  пишува дека овие две средно-европски држави и први соседи- „ пеат според едни исти ноти“.

Унгарско-австриски блокади

Според порталот, единствен начин да се испровоцира еден просечен Австриец е да се праша кој  е противникот во (фудбалскиот ) меч меѓу репрезентациите на двете држави. За „Политико“, меѓутоа, како и за многумина во седиштето на ЕУ и на Европската комисија – противникот е  познат – тоа е Унијата и тоа се објаснува како „класично австриско однесување“.

Еден дипломат кој инсистирал да остане анонимен, изјавил за овој портал дека – „без сомнение, некогашната двоглава, црно-жолта монархија станува од својот гроб“.

Оваа империјална творба, создадена во 19 век,  беше погребана  после завршувањето на Првата светска војна, кога пропаднаа и сите дотогапни, пет европски империи кои доминираа во тогашниот свет.

Во денешна обединета Европа, како членки на ЕУ, тие двете се почесто дејствуваат со блокирање на политички одлуки за кои во Брисел е постигнат консензус, но  кои се запраат кога за нив треба да се даде конечната одлука- користејќи го контроверзното вето, кое е на сила уште од времето кога ЕУ беше само ЕЕЗ.

Во служба на руската политика

Унгарија на тамошниот националистички, десничарски премиер Виктор Орбан продолжува да „војува“ со Украина, служејќи и на тој начин на руската воена и империјална кауза , што ја спроведува претседателот на Русија.

И натаму ги блокира одобрените 50 милијарди евра подршка на воено разурнатата земја, жртва на руската агресија, а изминатите недели се заканува да го блокира и   отворањето преговори за пристапување на Украина кон ЕУ. Откако , претходно, ја обвинуваше владата во Киев дека не ги почитува  правата на унгарското малцинство на украинска територија.

Во исто време, Австрија и нејзината дипломатија солидарно, но многу подискретно од однесувањето на Будимпешта,  ја користи кавгата на Орбан со Брисел и казнувањето на Унгарија за да спроведува  „некакви свои приоритети“- како што тоа го квалификува „Политико“- дејствувајќи од сенка и игнорирајќи ја итноста на ситуацијата во која се наоѓа Украина.

Виена дејствува од сенка

Својата тврдоглавост Австрија ( на јавната сцена во Европа) ја манифестира во неколку годишната блокада на Бугарија и на Романија, за пристапување во Шенген зоната, кое (првично) требаше да се случи  најдоцна до 2023 година,  пред хрватското пристапување, кое инаку, Виена силно го подржуваше.

Австрија се спротивставува и сега, иако во Софија за прв пат на власт една вистински проевропска и прозападна влада, која прв пат по падот на комунизмот, настојува да излезе од „историската блискост“ со Русија.

Во оваа политика на владата во Виена, орбанова Унгарија не само што не  се спротивставува, туку и ја подржува австриската блокада. Дури и претседателката на Европскиот Парламент, минатата недела изјави во Брисел дека однесувањето на Австрија кон овие две балкански членки е „без секаква смисла“.

Ова , сепак, не значи дека австриската дипломатија не е заинтересирана за Балканот и посебно за она што се означува како Западен Балкан, каде (како и Унгарија) продолжува да се меша во тамошните состојби.

„Економски и историски врски“

Орбан постојано црта карти на некаква „Голема Унгарија“ во која влегуваат и српска Војводина и хрватска Славоиија,  делови од Босна и  територија се до излез на Јадранот- кај Риека.

Австрија не црта карти , но затоа ја користи БиХ за да застане зад орбановата блокада на украинскиот пат кон ЕУ. Според порталот „Политико“ , сега австриската дипломатија инсистира со пристапните преговори да се опфати и БиХ, ако веќе така се одлучува и во случајот на Украина.

Брисел, засега , не мисли така,  барем се  додека БиХ е нефункционална држава, во која српскиот лидер Милорад Додик и српската енклава Република Српска настојуваат да ја растурат БиХ, со силна подршка од Белград и од Москва. Во Виена ваквата своја позиција, меѓутоа,  ја објаснуваат со „геостратешките потреби“ и со долгите “ економски, политички  и историски врски“.

Колку за потсетување-  Австро- Унгарската империја, ја има анектирано тогашна Босна во средината на 19 век. Во Сараево, во јуни 1914 година, беше извршен атентатот на австрискиот надвојвода , што беше повод за  Првата светска војна.

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе