„Не може во Европа на две столчиња“
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок изјави дека во Европа, во членство на ЕУ, не може да се влезе , седејќи на две столчиња.
Пораката е пред се упатена до Србија и до српскиот државен врв, но таа може да се однесува и до сите земји од Западен Балкан, затоа што е дадена во текот на анализата околу можностите на земјите од регионот да се најдат во Унијата.
Проширувањето е геостратешки неопходно
Според Бербок, Германија и нејзината дипломатија силно „го туркаат Западен Балкан “ во Европа и за тоа сега ја имаат подршката од Франција, како и од сите земји во ЕУ. Оценката е дека проширувањето до крајот на оваа деценија веќе е усогласена определба , затоа што вклучувањето на овој дел од европскиот континент во Унијата стана „геостратешки неопходно“- па затоа тоа повеќе не може и натаму да се одлага.
Особено после бруталната инвазија на Русија врз Украина и настојувањето на Москва да го дестабилизира Западен Балкан, со потикнување на национализмот, на меѓунационалните судири , со подршка на разните ултрадесничарски и русофилски партии во регионот, како и со пласирањето голем број дезинформации.
Тоа е силно изразено во БиХ, преку „рускиот човек“ и лидер на босанските Срби Милорад Додик. Во Црна Гора , мешајќи се ( заедно со официјален Белград) во тамошната политичка сцена, во текот на формирањето постизборна влада, што на крајот доведе во владината коалиција да се смести и тамошната просрпска и проруска партија, од чии редово беше избран новиот спикер на Парламентот.
Нема место за „сиви зони“
Проценка на европски безбедносни експерти е дека Русија беше силно замешана , а тоа го прави и сега , и на политичката сцена во Северна Македонија, преку десничарите и националистите од главната опозициска партија и силно русофилската, десничарска партија која себе си се нарекува „левица“.
Сепак, главниот акцент во елаборација на состојбите во регионот Бербок го има ставено врз Србија, затоа што таму, се одржуваат ( уште едни) предвремени парламентарни избори.
На ова во Берлин и во Европа се гледа со загриженоста, поради политичката клима во Србија во екот на сегашната предизбрната кампања, затоа што е исполнета со силен националистички набој и се одвива во услови на големото руско влијание кон земјата и нејзината политика.
Или, едноставно, затоа што во Европа/ЕУ не може да дозволи да постојат- недефинирани и неопределени „сиви зони“.
Безбедносен ризик
„Во време кога рускиот претседател , во своето империјално лудило не ја напаѓа само Украина, туку го напаѓа целиот мировен поредок на Европа, сите ние мора јасно да се залагаме за мир“- има речено Бербок.
Според неа, тоа го покажаа и 55 држави , на неодамнешната конференција на ОБСЕ во Скопје, а тоа уште повеќе се однесува за ЕУ , при што европската сорабока, во рамките на Унијата, таа ја има означено како „животно осигурување на ЕУ“.
Затоа Берлин инсистира на приклучувањето на Западен Балкан , вклучувајќи ги во тој пакет и новите кандидати- Украина и Молдавија. Токму руската агресија и покренувањето вистинска војна во Европа- го има значително зголемено безбедносниот ризик кон земјите од западнобалканскиот регион.
Дел од европскиот континент кој и онака е оптоварен со своите национализми, старо-новите омрази, сонувањето за некакви национални држави, мешањето на историјата во политиката, или настојувањето да се седи на две столчиња, продавајќи го тоа како политичко- воена неврзаност од времето на поделена Европа.
Силен одлив на младите
Но, една од силните причини за покренувањето на процесот ( последна новопримена членка е Хрватска, од пред десет години, која инаку беше дел од Западен Балкан) се и состојбите во самите земји од регионот, а пред се одливот на младите.
Анализите покажуваат дека младите генераџции од сите земји во Западен Балкан се упатуваат кон ЕУ затоа што сметаат дека нивните матични држави се подзаборавени и дека се без преспектива да бидат дел од Европа.Во едни вакви услови, побрзо од било кога досега, Унијата почна да се насочува кон подготовките за примање нови членки- можеби 30 во првиот бран, 33 или дури и сите 35 , со оние од Истокот на Европа.
За почеток, со менување на некои досегашни системски решенија од основните акти на Унијата, а пред се, начинот на донесување на одлуките.
Во Брисел, конечно, се сфати дека токму ветото, уште од времето кога ЕУ се уште беше ЕЕЗ, сега е кочничар на Унијата за да таа стане вистинска глобална сила, со своите 27 членки. Тоа треба да се истурка во следните седум годиони, до кога би можело една, или две од земјите во регионот да влезат во ЕУ.
Во духот на европските вредности
Таквата разврска и појавувањето на некој од Западен Балкан пред вратата на Унијата, за влез во неа, бара забрзана трансформација , или реформа во државите кандидидати и претенденти. Не само кога станува збор за правната држава и целиот комплекс на правосудниот систем, туку и за вклученост и врзаност на секоја од кандидатите во заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Реакцијата на германската министерка за „столчињата“ , за популистичките игри со некаква „неутралност“, како и за правењето „сиви зони“ на југо- истокот од Европа, затоа е правовремена реакција за предупредување, бидејќи ваквите антиевропски игри се опасни за регионот, инаку подложен на малигните странски замешателства, и за самата ЕУ и Европа.
Главнината на прекорот од Берлин, одново, е насочен кон Белград , пред изборите, но впечаток е дека пораката на Бербок е испратена на адресата на сите во регионот. Таа е категорична (а така мислат и другите во Унијата) дека „не може да се седи на две столчиња во исто време“ , па инсистира дека преговорите за пристап мора да се проследени со посветеноста на мирот, на безбедноста и на европските вредности на ЕУ.
Србија, пак, продолжува да игра на таа карта, труејќи ја атмосферата и во регионот, иако таа политика нема подршка од целата српска јавност и од тамошната проевропска опозиција.
Во служба на Москва
Што ќе рече, и во ова време кога Москва одново подигнува ѕид, настојувајќи да биде „голема сила како во времето на СССР и биполаризмот“- во Србија се продава приказната дека ЕУ не е и не треба да биде единствената опција. Нудејќи ја путиновата Еврозазија како контра на ЕУ, или антизападниот блок БРИКС.
Станува збор за антиевропска и проруска определба зад која, во Белград стојат тамошните социјалисти и русофилските, десничарски партии, што од таму, по разни канали се шири во БиХ, во Црна Гора, но и во Македонија, меѓу домашните националисти и десничари, ставени во служба на туѓи интереси.
Затоа што не станува збор за партиски интереси, туку за купени уверувања кои ги продава Москва во нејзината политика да ја прекрши и да ја разбие ЕУ. Впрочем, Сергеј Лавров на ОБСЕ во Скопје, призна дека Русија војува со ЕУ, а не со НАТО, која сега ја смета за поопасна од Алијансата со политиката за проширувањето.
А, во ваквата геостратешка клима, земјите од Западен Балкан изгледаат како идеални за таа работа. Подзаборавени досега од Европа и оставени на локалните политички мангупи кои лесно се купуваат за да владеат путиновски, или за да ја грабнат власта.
(О.У.)